Новите тенкови на Путин го освоија Црвениот Плоштад

Официјалното деби на новиот борбен тенк Армата ќе биде на 9-ти мај, на Парадата за прославување на победата во втората светска војна во Москва

Борбениот тенк Армата Т-14 дефилираше во Москва, заедно со новите пешадиски возила и хаубици. Армиите во светот имаат причини да бидат вознемирени од наоружувањето на Путин.

Кремљ внимателно ги осмисли сите фази од претставувањето на новиот руски тенк. Прво се појавија компјутерските анимации, потоа тенкот беше фатен „случајно“ при испорака, следеа неколку појавувања во близината на Москва, но тенкот секогаш беше покриен и се гледаше само основата. Тенкот и неговата придружба се појавија во сета своја „убавина“ денес, за подготовките за големата парада на 9-ти мај во Москва. Армата се однесува на цела фамилија воени возила. Сите тенкови на руската армија во иднина ќе користат заедничка платформа.  На денешните подготовки се појави пешадиското борбено возило (ИФВ) Курганец-25, оклопниот транспортер (АПЦ) Курганец-25 и моќната каубица Коалиција-СВ. Најголемо внимание сепак привлече Т-14.

armata t-14

Светот ретко гледа нови борбени тенкови. Американскиот М1 Абрамс има преку три децении, исто колку и германскиот Леопард 2. Со текот на времето постојано се вршат подобрувања, но основата останува непроменета. Армата е прв нов тенк по распаѓањето на СССР. Прво што се забележува е ниската купола. Нејзината компактна форма не треба да залажува, затоа што по целата површина на тенкот се распоредени останатите одбранбени системи. Главно оружје е топ со мазна цевка од 125 милиметри. Моментно се работи и на алтернативен топ со калибар од 152 милиметри, со што Армата ќе стане најсилен тенк во светот.

armata t-14 presek

Најголемата иновација е во тоа што ниту еден член од екипажот не е сместен во експонираната купола. Со неа се ракува автоматски и преку далечинска контрола. Екипажот го сочинуваат три лица, коишто се сместени во специјална заштитна ќелија во предниот дел од тенкот. За оперирање со тенкот се потребни само двајца. Досега Русите ги запоставуваа безбедноста на екипажот и едноставното ракување. Тоа не е случај во Армата, којшто нуди подобра заштита од кој било друг тенк во светот. Заштитната ќелија поседува активен одбранбен систем, но дури и ако до неа доспее проектил, тој нема да пробие.

Експертите претпоставуваат дека далечинското ракување со топовската купола го најавува појавувањето на дронови, па дури и роботизирани тенкови на база на Армата. За таа цел, полнењето муниција од магацинот ќе мора да се врши целосно автоматски. Армата ја следи традиционалната руска школа на конструирање тенкови. Со моќен мотор и тежина под 50 тони, Армата е исклучително подвижна. Подвозјето се мести по висина, со што се овозможуваат висока брзина и теренски способности. Крајната брзина се проценува на околу 90 километри  на час.

kurganec-25_bmp

Сите идни оклопни возила на руската армија во иднина ќе бидат конструирани врз основа на Армата. До 2020 година, производителот Урал ќе испорача 2.300 тенкови, односно близу 500 примероци годишно. Но, не се исклучува влошената финансиска ситуација да ја забави програмата.

Екипажот го управува тенкот со помош на камери со висока резолуција, коишто овозможуваат постојана прегледност во сите правци. Постојат само шпекулацииоколу способностите на тенкот. Според нив, Т-14 ќе може да се одбрани од антитенковски ракети уште во лет, исто како и самостојно да се брани од борбени хеликоптери. Овие решавачки способности во активната и пасивната одбрана сепак не може да се оценат преку премиерното појавување на Армата на парадата во Москва.

Доколку Т-14 и неговите сродници ги исполнат очекувањата, ќе се изврши огромен притисок за модернизација на западните армии. Секако дека Русија нема да ги задржи тенковите само за себе. Кремљ потврди дека планира да го зголеми извозот на наоружување, со што ќе се обезбедат неопходните девизи, а тоа пак ќе води кон натамошно зголемување и поевтинување на продукцијата.

Пешадиското борбено возило Курганец-25 исто така е изработено во мала серија. Тоа е опремено со боев модул за целно наведување „Епоха“, којшто самостојно управува со 30-милиметарскиот топ, како уште еден доказ дека Кремљ наскоро ќе започне да произведува и роботизирани тенкови.

Претходна објаваRed Bull ќе си замине од формула 1 доколку не добие мотори од Audi
Следна објаваЖеден возач греши исто колку пијан возач

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here