Honda HR-V меѓу најштедливите модели во класата

Летово претстои почетокот на продажбата на новата генерација на Honda HR-V, како еден од најзначајните новитети во класата. Новиот бензинец од 1,5 литар ќе му обезбеди врвна штедливост на компактниот кросовер.

Новата генерација на кросоверот на база на Honda Jazz ќе биде меѓу најштедливите модели во класата, што дополнително ќе ги зацврсне стартните позиции на HR-V, како еден од најзначајните премиери на Јапонците годинава. Honda HR-V се впушта во битка за купувачи со динамичен дизајн на каросеријата, со елементи на купе, со врвна просторна понуда во кабината, како и со напредни можности за поврзување со преносни уреди и со иновативни безбедносни системи. Јапонците ги потврдија и моторите што ќе се вградуваат во новиот кросовер: 1,5-литарски бензинец, задолжително со технологија i-VTEC и 1,6-литарскиот i-DTEC, познат од Civic и од CR-V – обата мотора како производ на напредната генерација Earth Dreams, со чиста емисија и рекордна штедливост, во комбинација со перформанси достојни за Honda.

Дизелот со моќност од 120 КС и со потрошувачка од 3,3 литри на сто километри

Дизелот од 1,6-литар ќе работи во комбинација со исто така нов мануелен менувач со шест степени, со просечна потрошувачка од 3,3 литри на сто километри, при емисија на СО2 од 104 g/km. Перформансите на моторот со 120 КС се далеку од скромни: Спринтот до сто трае 10,1 секунди. Новиот бензинец од 1,5 литар ќе ослободува 130 КС, а просечната потрошувачка според фабричките податоци ќе изнесува 4,3 литри бензин на сто километри, во верзијата со менувач CVT, односно 4,7 литри со стандардниот мануелен менувач со шест степени. Спринтот на 1.5 i-VTEC ќе трае 10,3 секунди со мануелниот менувач, односно 10,9 секунди со менувачот CVT. Освен оптимизираната погонска спрега, за примерните вредности на потрошувачката на гориво се грижат и аеродинамичните мери на каросеријата, како на пример целосно обложениот под на возилото, со посебни ламели за спроведување на воздушното струење.

Практичноста ќе биде следната силна страна на HR-V, како генетско наследство од Jazz, чијашто платформа ја користи кросоверот. Стандардно, багажникот располага со зафатнина од 453 литри, односно 1.026 литри при соборена клупа. Системот со „волшебните седишта“ ќе се користи и тука, со можност за исправување само на седечката површина на задната клупа, за превоз на високи предмети во просторот зад предните седишта, односно со можност за соборување на целата клупа во само еден потег. На тоа се надоврзуваат примена на квалитетни материјали и софистициран дизајн со спортска нота.

Honda ќе ги објави останатите детали околу новата генерација на HR-V пред почетокот на продажбата во текот на летово.

Претходна објаваRenault има страст за живот: Нов слоган на Французите
Следна објаваAudi подготвува електричен теренец против Tesla Model X

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here