Доколку на автопат ве престигне трактор, не се сомневајте во сопствениот разум. Најверојатно сте жртва на едно финско лудило.
Производителот на пневматици Nokian и специјалистот за трактори Valtra се здружија со план да го направат најбрзиот трактор на светот. Легендата од рели трките, Финецот Јуха Канкунен, со тракторот Valtra T234 тежок 7,7 тони и со моќност од 250 КС, се пушти по замрзната подлога во Лапонија. Резултатот е 130,165 километри на час. Тоа е воедно максималната брзина што ја постигнува и градското мини Smart, но е сосема доволно за нов гинисов рекорд за најбрз трактор во светот.
Nokian ги испорача гумите за рекордерскиот трактор. Со овој подвиг, финскиот специјалист за пневматици ја прмовираше и неговата серија Hakkapelita TRI, како први тракторски пневматици за зимски условина возење. Светскиот рекорд беше постигнат со гуми со ширина од 440 милиметри напред и 540 милиметри назад, на бандажи од 28, односно 38 инчи. Откако го постави светскиот рекорд, шампионот Канкунен не пропушти да ги испроба и рели-талентите на тракторот. Како изгледаше тоа, погледнете на видеото.
















