Проблемот не е во лошата возачка способност на идните роботизирани автомобили, туку станува збор за едноставен феномен. Кога друг вози, поголема е шансата да се појави гадење во текот на возењето.
Американски универзитет спроведе истражување меѓу потенцијалните патници во идната генерација роботизирани автомобили, со цел да утврди колкава е веројатноста кај нив да се појави гадење во текот на возењето во овој веројатно најгенијален изум по пронаоѓањето на тркалото. Според Универзитетот Мичиген, шансата за гадење се зголемува дополнително доколку патниците го користат слободното време „зад“ воланот за читање, занимавање со паметниот телефон или гледање видеа. Кога патниците се завртени со грб во насоката на возење, исто така се зголемува оваа веројатност.
Место тоа, универзитетот препорачува куса дремка, спуштање на наслонот и релаксација. Тоа се активности што се апсолутно спротивни на досегашните практики во автомобилот. Студијата препорачува производителите на идните роботизирани автомобили да имаат поголеми прозорци од сегашните, дисплеите да бидат завртени нанапред и седиштата да можат добро да се налегнат, но не и да се завртат спротивно од насоката на возење. Колку функционираат овие совети само малкумина знаат. Производителите веќе располагаат со зрела техника за сериско производство, единствено што преостанува е законите да го одобрат сообраќањето на овие автомобили по улиците и патиштата.
















