Њујорк 2015: Lexus RX со хибриден погон со 300 КС

Јапонците го претставија новиот Lexus RX на салонот во Њујорк. Големиот теренец настапува со новиот дизајнерски говор на марката, а верзијата со хибриден погон располага со моќност од дури 300 КС.

Престижната марка на Toyota го претстави новиот RX како една од главните премиери на салонот во Њујорк. Во хибридната верзија на моделот работи усовршен 3,5-литарски бензинец V6 според „еткинсоновиот“ принцип, којшто заедно со електромоторите создава системска моќност од точно 300 КС. Со подолго меѓуоскино растојание и бандажи од 20 инчи на салонскиот примерок, RX изгледа поспортски од претходникот. За тоа придонесуваат и препознатливата маска „диаболо“, како и диодните светла во форма на L.

Погледите во внатрешноста ги привлекуваат големиот проекциски дисплеј и екранот од 12,3 инчи. Рачката на менувачот е преместена заради повеќе слободен простор во средишната конзола, а дизајнерите се погрижија во теренецот да внесат уште поубедлив впечаток за луксуз и квалитетна изработка, меѓу другото и со опционални дрвени панели. На задната клупа има повеќе простор за колената, но за првпат и седишта со електрично местење. Просторното чувство го засилува и панорамскиот сончев покрив.

Засилената структура на каросеријата обезбедува подобрена стабилност и прецизност во свијоци, потпомогнато од интелигентниот погон на сите тркала. За уште повисоко ниво на спортски возни својства може да се доплати за приспособливите амортизери AWS, коишто за миг се приспособуваат на условите на возење.

Премиера во Lexus RX доживува безбедносниот пакет Safety System+ со комбинација од радар и камера, коишто воедно придонесуваат и за подобрување на чувствителноста на приспособливиот темпомат. Со доплата се достапни помош при паркирање со приказ од птичја перспектива и систем за предупредување при возило во мртвите агли.

Максималната спортска нота од возилото ја извлекува нивото на опрема F Sport, кое што се одликува со подинамичен дизајн на каросеријата и уникатен дизајн на бандажите, како и со ексклузивен ентериер со перфорирана кожа на седиштата, посебни инструменти и контроли за менувачот на воланот. Специјалност на RX F Sport се активните стабилизатори, коишто го спречуваат наведнувањето на каросеријата во свијоци.

Претходна објаваOpel Corsa: Еден нов мотор и поскапа за 2.500 евра? Не, благодарам!
Следна објаваPorsche Boxster Spyder: Најлесниот и најсилен Boxster во историјата

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here