Германски ТВ-канал за шверцот на автомобили во Источна Европа

Секој втор автомобил што се одјавува во Германија не завршува во преса, туку продолжува за Источна Европа или Африка. Во овој криминал годишно се шверцуваат преку еден милион автомобили.

Според редакцијата на емисијата „Фронтал 21“ на каналот на Централната германска телевизија, криминални банди стојат зад трговијата со автомобили за отпад вон границите на Германија. Новинарскиот тим утврдил дека секој втор автомобил што се одјавува во Германија, не завршува на преса, туку исчезнува по сиви канали. Експерти од германската индустрија за рециклирање проценуваат дека секоја година се изнесуваат околу 1,4 милион стари автомобили во Источна Европа и Африка. Бандите вршат недозволена трговија со стари автомобили на коишто им е поништена вредноста, а купувачите на шверцуваните користени автомобили се наоѓаат во животна опасност.

Автомобилите се преполовуваат и се заваруваат со друг

Редакцијата на „Фронтал 21“ влезе во трага на германско-грузиска шверцерска банда. Најмен приватен детектив успеа да се „протне“ во тимот и заедно со новинарите повеќе недели да го следи илегалниот транспорт на 15 автомобили за отпад, сместени во контејнер, од Германија до грузискиот главен град Тбилиси.

Криминалниот бизнис започнува од трговците со отпад во Германија. Според законите, автомобилите во отпад мора да се рециклираат целосно, но постои трик. Старите возила се преполовуваат веднаш зад воланот. Трговецот со отпад го задржува задниот дел од возилото со бројот на шасија, како доказ дека возилото е целосно рециклирано, односно пресувано за во старо железо, иако тоа никогаш не се случило. Предната половина од возилото, со моторот, таблата и менувачот, се продава и се извезува. Притоа, бандите користат фалсификувани извозни документи, до коишто дојде „Фронтал 21“.

Исплатлива трговија со автомобили за во отпад

Во еден бродски контејнер може да собере и до 18 „половинки“ од автомобили. Во земјите коишто се одредиште на транспортот, предните делови од возилата се заваруваат со задните делови од судрени автомобили, се лакираат и на крај се продаваат како обични користени возила. Според германските технички експерти, купувачите се во животна опасност и безбедноста на нивните автомобили е еднаква на нула.

Трговијата со автомобилите за отпад од Германија е мошне исплатлив бизнис. Шверцер со автомобили во Тбилиси открива за каналот: „Од контејнер заработуваме околу 20.000 евра.“ Во рацете на бандите со стари автомобили, секоја година се губат и до осум милиони автомобили од територијата на цела Европа. Тоа се десет милиони тони челик и благородни метали, во вредност од неколку милијарди евра.

Отпадот не смее да се извезува од ЕУ

Извозот на стари автомобили во возна состојба е дозволен, исто како и извоз на стари делови. Но, забрането е од ЕУ да се извезува отпад. Сите држави членки се овбрзаа на еколошко рециклирање. Кога автомобилот ќе се преполови, тој се смета како отпад. Европскиот „Еуројуст“ е загрижен со овој вид на прекуграничен организиран криминал и во една актуелна студија наведува: „И покрај потенцијално тешките последици од еколошкиот криминал, особено во подрачјата на илегална трговија со отпад, сериозноста на ситуацијата се потценува на национално и интернационално ниво.“

Во Македонија се увезени близу 200.000 користени автомобили во периодот од ослободувањето на увозот.

Претходна објаваПекинг се подготвува за вонредна ситуација со загаденоста на воздухот
Следна објаваДоделени наградите за дизајн Red Dot за 2015 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here