Повеќе блогови објавија дека постои опасност од пожар кај Ferrari LaFerrari и дека сопствениците на суперексклузивниот модел се повикани во сервис заради отстранување на дефектот.
Каде што има чад, таму има и пожар. На повеќе блогови за автомобилизам во минативе неколку денови беа објавувани информации дека сопствениците на скапоцениот LaFerrari се повикани во сервис, заради отстранување на опасноста од создавање на електрично празнење при полнењето на резервоарот. Според овие пишувања, сите 499 примероци од лимитираната серија на Ferrari мораат да го посетат сервисот, заради преземање преправки во резервоарот. Но, дали тоа е вистина?
Да. Единственото отстапување меѓу информациите од блоговите и официјалните лица од Маранело е во бројот на возила што се повикани во сервис. Според Ferrari, станува збор само за неколку примероци од раната серија. Официјално се отрфла и шпекулацијата дека постои опасност од создавање искра при полнењето гориво.
Кога постојат две различни верзии на една вистина, сепак мора да се избере една. Но, која? Ferrari сигурно нема да признае дефект кај своите возила – што не може да се премолчи – но, сигурно нема да потврди дека целата серија е „утната“ поради конструкциска грешка. „Возила од раната серија“ исто така е релативен поим.
















