Со рекордна испорака од преку 1,74 милион автомобили, Audi лани за првпат постигна приход од продажба во висина од преку 53 милијарди евра. Оперативниот резултат достигна 5,15 милијарди евра, а оперативната маржа изнесува 9,6 проценти.
До 2020 година Audi ќе ја прошири понудата на 60 модели, за што ќе се издвојат преку 24 милијарди евра во нови продукти и технологии, како и во глобалната производствена мрежа. Стратешкиот план исто така предвидува персоналот да достигне преку 6.000 лица веќе во оваа година.

Во рамките на годишната конференција за печат во седиштето во Инголштат, Audi ги објави финансиските резултати за минатата деловна година и ги најави плановите за тековната година. Шефот Руперт Штадлер притоа изјави: „Лани испорачавме повеќе отколку што ветивме. По позитивниот старт во тековната деловна година, целиме на нов продажен рекорд и во 2015. Во тоа ќе ни помогнат новите модели Audi Q7, R8 и новото моделско семејство на Audi A4.“
Лани, марката од Инголштат постигна продажен рекорд во 50 држави, испорачувајќи вкупно 1.741.129 возила во светот, што претставува раст од 10,3 проценти во споредба со 2013 година. Соодветно се зголеми и приходот од продажба на 53,787 милијарди евра (+7,8%). Од јануари до декември, Audi инвестираше близу 25 проценти повеќе отколку во предминатата година, со рекордни 4,5 милијарди евра.

















