
Светската продажба на BMW во февруари достигна преку 130.000 примероци, односно повеќе отколку што конкурентите Audi и Mercedes продадоа во истиот месец. Во јануари беше обратно.
Марката со сино-белото лого постигна историски рекорд во продажбата на автомобили во февруари од преку 131.000 примероци. Најголема заслуга за тоа има растот во продажбата на моделот X5 за 46 проценти, на 12.916 примероци, како и големиот интерес за новите воведени модели, како вановите од серијата 2, и купе-теренецот X4, помалиот брат на X6.
Водството во продажбата на автомобили од премиум сегментот на светскиот пазар во првите два месеца од 2015 година сепак му припаѓа на Audi, со 260.250 возила, пред BMW со 255.981 возило. Последен во премиум триото е Mercedes со 246.135 возила. Обата конкурента најавија преземање на титулата на најпродавана премум марка во светот од BMW до 2020 година. Лани Audi беше втор, а Mercedes трет. Престижната марка на Volkswagen за таа цел ќе инвестира 24 милијарди евра во следните пет години, за нови модели и зголемување на продукцијата, додека Mercedes годинава стартува со продажба на GLE Coupe, како пандан на BMW X6.

BMW е неприкосновен на врвот уште од 2005 година, но е под голем притисок до пристигнувањето на новите генерации на серијата 7 и на теренецот X3, чија што продажба слабее, како што моделите стареат.
Бизнисот во Кина исто така не се одвива според предвидувањата, кадешто продажната мрежа е под силен притисок поради преоптимистичките прогнози на локалните партнери на BMW. Баварците сепак не се предаваат и најавуваат петта рекордна година во континуитет, со комплетирањето на понудата во серијата 2 со двете верзии Active и Gran Tourer, како и на серијата 4 и купе-теренецот X4.
Одличен старт на „петвратниот“ Mini
Рекорди се нижат и на ниво на групација. Заедно со марките Mini и Rolls-Royce, баварскиот гигант во февруари продаде рекордни 151.952 возила (+7,6%). Британскиот мини-специјалист продаде 20.303 возила во февруари (+27%), првенствено со воведувањето на новата верзија на Mini со пет врати. Никој модел во историјата на „новиот“ Mini немал подобар пазарен старт од Mini 5-door, како што Британците и официјално го водат овој модел.















