Француската држава им дава по 10.000 евра на своите граѓани коишто ќе го заменат автомобилот со дизел мотор со нов автомобил со погон на струја.
Десет илјади евра за секој возач што ќе реши стариот автомобил со дизел мотор да го замени со нов автомобил со погон на струја. Тоа е најавата за широкоградата државна субвенција којашто има за цел да го задржи квалитетот на воздухот, односно да спречи прекумерно загадување од штетните честички на дизел моторите. Паралелно со оваа програма, Франција најавува и изедначување на давачките за дизел горивата, што ќе придонесе цената да се изедначи со бензините и да се изгуби досегашната предност на дизелот. Субвенционирањето ќе стартува веќе во април. „Мораме да ги елиминираме старите дизел автомобил што се постари од 13 години и немаат филтри“, изјави францускиот премиер Сеголен Ројал. Целта е со постојано воведување на строги норми да се намали интересот за дизелот, што на крајот би водело кон негово целосно исчезнување од францускиот возен парк. Во декември, Ројал најави зголемување на акцизната давачка за дизел горивата за 2 евроценти по литар, што во државната каса ќе донесе дополнителни 807 милиони евра во 2015 година.
Еколошките организации во државата побараа владата да ги изедначи акцизните давачки на дизел и бензинските горива, како мера што ќе ги охрабри возачите да ги заменат старите возила со нови модели. Со изедначувањето на цените ќе се редуцира загаденоста на воздухот. Според премиерот Ројал, „Загадувањето на воздухот е главен проблем на јавното здравје. Шеесет проценти од популацијата во Франција диши воздух што не е здрав.“ Париската градоначалничка Хидалго во минатиот месец најави забрани за дизел возилата во градот од 2020 година.
Околу тврдењата на производителите дека возилата со дизел мотор се еколошки погодни поради пониската потрошувачка на гориво и почистата емисија во споредба со старите модели, Ројал изјави: „Мора да бидеме реални, затоа што тоа е индустријата што ги произведува овие автомобили со дизел мотори и вклучени се многу работни места.“
Според француското здружение на производители на автомобили, 64 проценти од новите автомобили во минатата година имале дизел мотор, што претставува значително намалување во споредба со 73 проценти во 2012 година. Во земјите со различен режим на давачки, како Германија и Велика Британија, учеството на дизел автомобили изнесувало 47, односно 50 проценти во 2013 година. Околу 80 проценти од француските возачи имаат автомобили со дизел мотор.
За состојбите со загаденоста на воздухот во Македонија, прочитајте повеќе тука.
















