Новата генерација на знаменосецот на Skoda ќе ја заокружи дизајнерската пресвртница на чешката марка. Поемотивен настап следува и зад воланот на големата лимузина.
Политиката на невпечатливите и за матичните модели на Volkswagen безопасни автомобили на чешката марка полека заминува во историјата. Новиот Superb конечно ќе ја етаблира Skoda како дизајнерски препознатлива марка во рамките на германскиот концерн, но и надвор од него, притоа не изоставувајќи ги емоциите. Десетина денови пред официјалната премиера на моделот во Прага и исчекувањето на сериската реализација на изгледот од студијата VisionC, Skoda ги прикажува првите конкретни фотографии од внатрешоста на новиот знаменосец.

Инженерите и дизајнерите на третата генерација на Superb имаа цел да постигнат исклучителна просторна понуда во кабината, во комбинација со современи и елегантни форми, како и материјали со висок квалитет. Според првичните најави на производителот од Млада Болеслава, новиот Superb ќе има уште попросторна кабина во споредба со претходникот, повисок комфор во возењето, нови технички решенија и квалитет на изработка што е достоен за светски ценетата чешка мануфактура.
















