Во контунуитет од 17 месеци расте продажбата на нови автомобили на шпанскиот пазар. Во минатиот месец се продадоа 68.118 возила, што претставува раст од близу 30 проценти.
Продажбата на нови автомобили во Шпанија во првиот месец од 2015 година се зголеми за 28 проценти во споредба со ланскиот јануари, на 68.118 возила. Благодарение на државните субвенции, продажбата расте непрекинато веќе 17 месеци. Зголемување од 21 проценти е забележано и во споредба со ланскиот декември.
Во почетокот на ноември шпанската влада објави дека продолжува со субвенционирањето на продажбата на нови автомобили. Шпанската влада седумпати досега ја нуди програмата за субвенционирање, којашто има за цел старите и нееколошки возила да се заменат со нови со пониска емисија на штетни материи.
Програмата предвидува субвенција во висина од 2.000 евра за сите сопственици што ќе решат старите автомобили да ги заменат со нови. Половина од субвенцијата паѓа на трошок на државата, половина на производителите на автомобили.
















