Volkswagen изведе верзии Cross во речиси целата моделска гама. Секако дека ниту најмалечкиот Up не смее да недостига. Нему можеби и најдобро му прилега вкрстувањето.
Возачите некогаш се предизвикани да направат неразумен избор. Fiat, на пример, веќе со децении ја нуди верзијата 4х4 на Panda, иако ретко кој вистински гледа рационалност во тој автомобил. Но, луѓето го купуваат и на Италијанците очигледно им е исплатливо да ја нудат „теренската“ верзија. Колкава е рационалноста, пак, кога некое автомобилче само глуми теренец, а нема ниту погон на сите тркала? Сеедно!
Volkswagen го прикажа cross up како студија на салонот во Франкфурт пред повеќе од три години, за подоцна да го воведе во редовната понуда покрај CrossPolo, CrossTouran и CrossCaddy. Најмалечкиот „Cross“ се препознава по црните арки на крилата, страничните заштитни лајсни и робусните браници, со видлива заштита на подвозјето напред и назад, лакирана во сребрена боја. Во пакетот влегуваат за 15 милиметри зголемено растојание од подлогата, алу-бандажи од 16 инчи со гуми 185/50, носачи за багаж на покривот во сребрена боја и заштитни лајсни на праговите, изведени од алуминиум и со натпис cross up.
Во внатрешноста има седишта со облоги во црвена или црна боја, хромирани прстени околу отворите за воздух и брзиномерот, како и кожа на воланот и на рачката на менувачот. За cross up е достапен само посилниот од двата понудени мотора во Up, односно трицилиндарскиот бензинец со 75 КС, во комбинација со мануелен или секвенцијален менувач со пет степени. Со овој мотор, cross up забрзува до сто за 14,2 секунди, постигнува крајна брзина од 167 km/h и во град троши просечно 5,8 литри бензин на сто километри. Кој друг „теренец“ може да го постигне тоа? Истото важи и за цената. Моделот не се нуди кај нас, а во германскиот ценовник покрај него пишува 13.950 евра. Тоа делумно објаснува зошто cross up отсуствува на нашиот пазар. Но, и натаму е нејасно зошто некој надвор повторно ќе го купи овој автомобил. Разумот очигледно не решава секогаш. И добро што е така!
















