General Motors најавува ново поглавје на автомобилите на струја и во Детроит ја претставува студијата Bolt којашто во серија би имала мошне интересна цена.
Американците веруваат во електричниот погон и работат на тоа автомобилите со погон на батерии да ги направат подостапни за купувачите. На салонот во Детроит, General Motors ја прикажува студијата Bolt, којашто се надоврзува на традицијата на Volt и Spark EV и прикажува како концернот ја замислува блиската иднина на електромобилноста.
За погонската техника на Bolt засега има само малку детали, но и тоа што се знае сосема е доволно. Chevrolet Bolt е во состојба да мине до 320 километри на струја, што е сосема доволен досег за возачите релаксирано да се впуштат и на подолги релации по автопат, од еден до друг град. Производителот најавува и техника за брзо полнење на батериите.
Особеност на Bolt претставува и неговата способност да се приспособува на потребите на патниците со притискање копче и соодветно менување на висината на подвозјето, тврдоста на амортизацијата или чувствителноста на педалот за гас. Каросеријата има исклучително куси каросериски превиси и долго меѓуоскино растојание, од кадешто може да се очекува голема просторност во кабината. За намалување на тежината, General Motors го следи примерот на BMW i3 и i8, користејќи карбон, магнезиум и алуминиум. За осветлувањето се користат исклучиво светлечки диоди, со ниска потрошувачка на струја. Како што е вообичаено кај студиските автомобили, покривот е изведен со стакло, заради просторно чувство и пријатна атмосфера во кабината.
Иновациите во кокпитот се сведуваат на замена на класичните прекинувачи со мобилен телефон. Со повеќето функции се ракува преку интегриран паметен телефон, а остатокот од функциите е достапен преку екран на допир од десет инчи. General Motors уште не открива кога може да стартува продажбата на серискиот модел што би произлегол од Bolt, но наведува дека неговата цена во серија би изнесувала до 30.000 евра.
















