Еуроимпекс одржа промоција на фејслифт изведбата на лимузината од средната класа 508. Конкурентот на Passat настапува со промени во изгледот и неколку освежувања во опремата.
Највпечатливата промена во изгледот на фејслифтот на 508 е тоа што лавот повторно е на предната решетка, нагласувајќи ги гените на брендот, а воедно најавувајќи го стилот за иднината. Следна промена се предните диодни светла со 50% пониска потрошувачка од стандардните. Како што пишува во соопштението од увозникот „новиот Peugeot 508 се истакнува со редизајниран и реструктуиран заден браник додавајќи стил и моќ. Модерните Peugeot стоп светла со ефект на три канџи го истакнуваат и задржуваат препознатливиот светлосен потпис на брендот, воедно го надополнуваат современиот изглед што го прави новиот Peugeot 508 во секое време импресивен на патот.
Внатрешноста нуди подобрен квалитет и посветеност на деталите, почнувајќи од примената на иновативни технологии како што е опционалниот проекциски дисплеј, двозонски автоматски клима уред, па сè до завршната обработка на седиштата како и големиот простор во пределот на главата и нозете на патниците.
Дизел моторите се во согласност со Euro 6 стандардите. Дволитарскиот BlueHDi со 150 КС има емисија на СО2 од само 105 g/km, што секако му носи предност на моделот на пазарите каде што регистрацијата и даночните обврски се регулираат според количината на издувни гасови. Peugeot 508 доаѓа со 5 годишна гаранција и со цени исто со претходникот. „Со сигурност може да се каже дека Peugeot има возило кое е спремно да ги освои најпребирливите и è возило кое е наменски создадено да биде господар на патот“, изјави Томислав Нафидов, директор на продажба на Peugeot.
Понудата стартува со Peugeot 508 1.6 VTi Access Auto за 22.280 евра, а најевтин дизел е 1.6 e-HDi за 23.270 евра.
















