Техниките како SMR, HAMR, BPM и HDMR ќе ја зголемат густината на податоци на матнетните дискови на околу 10 терабити по квадратен инч. Првите плочи со SMR веќе се испорачуваат.
Капацитетот на класичните хард дискови со магнетни плочи долго време растеше со рапидно темпо, за на крајот дисковите од 3,5 инчи буквално да заглават на максималните 4 TByte. Во оваа година речиси сите производители најавуваат напредок во тој поглед. HGST веќе извесно време ги испорачува неговите дискови од 6 TByte, полнети со хелиум, додека дисковите од 8 и 10 TByte се на тестирање кај мал број на пилот клиенти. Кај најголемиот диск за прв пат се применува SMR или Shingled Magnetic Recording – технологија што е супериорна во поглед на препишувањето на податоците. Поради тоа, SMR хард дисковите одговараат совршено за записи на Cloud или за Cold Storage. За неговиот диск од 8 TByte, Seagate исто така користи техника SMR, но во дискот има обичен воздух.
Конзорциумот ASTC објави графика, на којашто се прикажуваат новите техники и густините на податоци што произлегуваат од тоа, планирани до 2025 година. Поаѓајќи од дискови од 10 TByte и густина на податоци од 1 TBit по квадратен инч, густината на податоци до 2025 година ќе се зголеми на 10 TBit на квадратен инч, што претставува десеткратно зголемување на капацитетот на хард дисковите, на 100 ТByte.
Според ASTC, првите дискови со Heat Assisted Magnetic Recording (HAMR) ќе стартуваат со производство во 2017 година, по што ќе следува зголемување на капацитетот за најмногу 30 проценти годишно. Техниката HAMR со помош на ласер ги загрева микроподрачја од магнетната плоча, при што ослабува силината на полето којашто е потребна за запишување – односно, незагреаните соседни подрачје не се премагнетизираат. Во 2021 година следува Bit Patterned Magnetic Recording (BPMR). Оваа техника ќе ги трансформира битовите без магнетни вдлабнатини во острови со големина од неколку нанометри. Една година потоа доаѓа и Heat Dot Magnetic Recording (HDMR), како комбинација од BPMR и HAMR.
















