Audi произведува гориво од издувни гасови

Audi произведува дизел од СО2, вода и еколошка струја

Пристига следната потврда дека само уште политиката ја држи нафтата во оптек. Во германскиот Дрезден почна да работи фабрика што произведува дизел од СО2 и вода.

Технолозите во Audi веќе подолго време работат на развој на вештачки погонски горива чиешто добивање ја поштедува животната средина од штетни гасови. Последниот проект е погонот во Дрезден, во Германија, во когошто се произведува дизел од вода, СО2 и еколошка струја. Заедничкиот пилот-погон на Audi и партнерите Climeworks и Sunfire штотуку почна да работи и има за цел да докаже дека е можно индустриско производство на таканаречени е-горива.

Како суровини за системот на Sunfire, којшто работи според принципот Power-to-Liquid, потребни се јаглероден диоксид, вода и струја. Јаглеводородот се добива од околниот воздух со помош на Direct-Air-Capturing, технологија на швајцарскиот партнер Climeworks. Во посебен процес се врши електролиза на водата, односно раздвојување на водородот и кислородот, за што се користи струја добиена од еколошки извори. На крајот, водородот реагира со јаглеродниот дикосид во два хемиски процеса при температура од 220 степени Целзиусови и притисок од 25 бари, по што се добива течен енергенс составен од јаглеводородни соединенија. Овој енергенс се нарекува Blue Crude. Во целиот процес се постигнува степен на ефикасност од максимално 70 проценти.

Пилот-погонот се наоѓа во кругот на фабриката на Sunfire во германскиот Дрезден и во првиот степен на комплетирање може да произведува околу 160 литри Blue Crude на ден. Околу 80 проценти од овој енергенс се искористуваат за претворање во вештачки дизел. Горивото наречено Audi e-diesel не содржи сулфур и аромати, покрај тоа поседува и висок цетански број, што значи дека се пали лесно. Неговиот хемиски состав овозможува мешање со фосилен дизел во секој сооднос, односно може да се користи како дроп-ин погонско гориво.

Проектот е спонзориран од Сојузното министерство за образование и истражување на Германија и следи по повеќе од двогодишна фаза на подготовка и истражување. Audi уште од 2009 година соработува со Sunfire во развој на погонски горива што се неутрални за животната средина. Во Верлте веќе се произведува синтетски метан според слична постапка, наречен Audi e-gas, когошто сопствениците на A3 Sportback g-tron можат да го користат како погонско гориво во нивните возила со погон на метан (CNG) преку специјална картичка за користење на горивото. Со францускиот Global Bioenergies се работи и на постапка за синтетско производство на Audi e-benzin, додека за сопствениците на A3 Sportback им се нуди можност за полнење струја на полначи што се снабдуваат со „зелена“ струја.

Претходна објаваЕксплозија во автомобил предизвикана од дезодоранс
Следна објаваМоделско освежување за најмалечкиот Audi

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here