На американските маршали им е недоволно да ја добиваат локацијата од провајдерите. Место тоа, спортски авиони се опремуваат со лажни мобилни антени и со нив се трага по криминалците.
Министерството за правда на САД со помош на IMSI-ловци коишто се вградени во авиони собира безбројни податоци за локацијата со цел да ги пронајде осомничените лица. Како што пишува „Вол Стрит Журнал“, американските маршали за таа цел поседуваат специјално опремени спортски авиони од типот Cesna. Во нив се вградени уреди коишто како лажни мобилни антени ги присилуваат сите мобилни телефони во близина да се поврзат со нив. Доколку телефонот на бараното лице е меѓу поврзаните телефони, истиот се филтрира и преку движењето на авионот може да се лоцира со точност до три метри. За државните органи е сосема неважно што притоа се собираат податоци од недолжните лица во близина.
Анонимните извори на медиумот не откриваат колку често се преземаат такви летови. Програмата се спроведува против осомничени лица, како криминалци во бегство или дилери на дрога. Проблемот е што притоа се собираат податоците и од сите други лица, чиишто мобилни телефони се поврзуваат со лажните мобилни антени. Нивните податоци наводно се „отпуштаат“, но не се прецизира што точно се подразбира под овој поим. Дури и во рамките на министерството се појавиле сомнежи за правната основа на овој „лов“. Можно е судиите што ги одобруваат мерите да не го разбираат функционирањето на ова собирање на податоци.
Специјално опремените авиони се стационирани на најмалку пет аеродроми во САД и ја покриваат речиси целата територија на земјата. Програмата е стартувана уште во 2007 година. Претходно беше откриено дека слични уреди за прислушкување се вградуваат во специјално подготвени автомобили.
Скандалот со оваа програма за прислушкување докажува дека тајните служби на САД не се единствени што ги ангажираат сите можни начини за масовно прислушкување. Со помош на IMSI-ловците на неколку авиони, на американските маршали им станува непотребна асистенцијата од провајдерите, од коишто досега ги добиваа податоците за локацијата преку нивните мобилни антени. Оваа постапка одобрена со закон им се видела премногу бавна и непрецизна на американските органи.
















