Марката со четирите прстени нуди ексклузивна серија од моделот А1 со спортски нагласок. A1 amplified се испорачуваат исклучиво во црвена и бела боја, опремата е скроена со мерак.
Новата ексклузивна серија на моделот А1 се базира на нивото на опрема Ambition и достапно е со сите мотори. Со колкав ентузијазам е работено на моделот сведочи фактот што „amplified“ е доопремуван од quattro GmbH и од специјалното одделение за автомобилски прибор на Audi. Каросеријата во изведбата amplified red е лакирана во мизано-црвена боја, додека amplified white во глечер-бела. „Финтата“ е во тоа што обете изведби се достапни во три степени на „амплификација“, односно засилување.
Првиот степен е amplified, со лак на покривот, заден спојлер, ретровизори и маска во сјајно црна боја. Петкраките бандажи од 17 инчи го дополнуваат настапот заедно со мат фолија на хаубата. Во внатрешноста има прстени околу отворите за воздух лакирани во боја на каросеријата, црни спортски седишта со црвена (amp. red) или бела опшивка (white), како и патосници во истиот тон.
Втор степен е amplified plus, со црн таван, диодно осветлување на кабината и клуч во боја. Најсилен печат поставуваат средишната конзола и внатрешниот ретровизор што се лакирани во боја на каросеријата. Педалите и потпирачот за нога се од благороден челик. Надворешноста се препознава по спојлерите од серијата „competition“ и по диодните задни светла. Посебен момент е црниот дифузор назад, со две интегрирани издувни цевки.
Третиот степен amplified advanced е резервиран за моделите со преку 122 КС. Најспортските модели во оваа серија располагаат со пакет спојлери S line, со спортски седишта од истата серија, во црна кожа со црвена, односно сребрена опшивка. Прозорците се дополнително затемнети, а задниот спојлер е лакиран во црна сјајна боја, исто како и останатите делови од аеродинамичниот комплет. Специјалниот модел е комплетиран со бандажи од 18 инчи во мат црна боја во дизајн со пет краци и со ксенонски светла.
Серијата A1 amplified red е веќе достапна кај Audi, а наскоро ќе следат и верзиите white. Доплатата според германскиот ценовник изнесува 1.990 евра за првото и 3.990, односно 6.990 евра за второто и третото ниво.
















