BMW ги има отсекогаш, Audi од неодамна. Мотоциклите се новата љубов на премиум марките. Сега и Daimler се вклучува во друшвото на две тркала, со влезот во MV Agusta.
Денес Daimler стана сопственик на 25 проценти од акциите во култната италијанска марка мотоцикли MV Agusta. Веќе подолго време се шпекулираше околу тоа. Колкава е вредноста на учеството на Германците во италијанската марка ќе се знае по неколку денови, откако надлежните институции ќе го одобрат откупот на акциите. Четвртината од акциите во MV Agusta припаѓаат на спортската подмарка Mercedes-AMG. Обете компании ќе соработуваат и во маркетингот и во продажбата, односно мотоциклите веројатно ќе добијат посебно место во салоните на Mercedes.
Целта на Daimler со воспоставувањето на оваа соработка со Италијанците е да се стави нагласок на спортскиот имиџ на марката AMG. Од друга страна, интересот за MV Agusta, којашто во последните две години забележа огромен раст во продажбата и прометот, ќе биде во финансиската и логистичка поддршка на развојот на марката. САД и Азија ќе бидат најголеми пазари за италијанските мотоцикли. Пазарните аналитичари предвидуваат дека прометот на MV Agusta во следните години ќе се удвои на 200 милиони евра, додека за оваа година се очекува продажбата да достигне 10.000 мотоцикли.
MV Agusta произведува во Арезе, на Северот на Италија, во фабрика со 260 вработени. Пред шест години марката се најде под закрила на Harley-Davidson, но поради економската криза мораше кусо потоа да ја предаде назад во сопственост на фамилијата Кастиљони. Конкурентот Audi ја има марката Ducati, додека мотоциклите на BMW постојат практично од основањето на фирмата.
















