Ако повикате такси во германскиот Реклингхаузен, може да доживеете изненадување. Тјунираното такси на Даниел Волф има 660 КС под хаубата и вози 400 метри за 12 секунди.
Овој Mercedes од класата C однадвор изгледа како секое друго такси, со каросерија во боја на слонова коска и со телефонскиот број за повик испишан по страниците. Ниту внатрешноста не се разликува, со вграден таксиметар и радио станица. Единствено седиштата се малку потесни и обложени се со алкантара, којашто не лизга како обичната кожа. Разликата е во деталите. Брзиномерот е испишан до 320 километри на час, а одзади штрчат четири издувни цевки.
Таксито на Даниел Волф е тјуниран Mercedes C63 AMG, со 660 КС и 770 њутнметри. Осумцилиндарецот на AMG е дополнително засилен со компресор, до толку што и стандардниот брзиномер до 320 km/h е недоволен. Крајната брзина на таксито изнесува 341 km/h. Ова е најбрзото такси во Германија.
Даниел Волф е 49-годишник кој веќе 27 години е во оваа професија. Тој почнал да вози такси уште како студент и по десет години во служба му се укажала можност да ја купи компанијата во којашто бил вработен. Денес Волф има околу 40 автомобили во возниот парк. Тој случајно наишол на оглас за тјунираната класа С на интернет, којашто дотогаш служела како демо возило во тјунинг компанијата.
„Некои патници го бараат конкретно овој автомобил, други пак се изненадуваат кога ќе видат какво возило им доаѓа“, објаснува Волф. „Возам така што не се забележува со колкава моќ располага автомобилот. И цената не се разликува.“ Со потрошувачката меѓу 20 и 25 литри бензин овој автомобил не е најпогоден за примена како такси, па затоа се користи само за викендите.
Целиот возен парк на Даниел е необичен. Најголемиот дел го сочинуваат модели од старата класа Е, што се произведуваше до 1995 година, исклучиво во бензинска варијанта, префрлена да работи на автоплин. На паркингот на компанијата се наоаѓаат и возила за посебни пригоди, како венчавки и други прослави. За тоа стојат на располагање Hummer H2 со шест врати, Chrysler 300 C Cabrio, продолжена лимузина Chrusler 300 C долга 8,6 метри, како и продолжена верзија на класата S на Mercedes.
Набавката на MC 660 Loaded, за Волф е награда за безбројните ноќни смени во студентските денови. Денес, овој сопственик на такси компанија ги минува работните денови исклучиво во канцеларија. Затоа, пак, за време на викендите, тој седнува во својата тјунирана класа С и ги вози ноќните смени, исто како на времето. Но, разликата е во тоа што неговиот автомобил денес е најбрзото такси во Германија.
















