Шефот на новиот итало-американски концерн Fiat-Chrysler најави дека ќе си замине во 2018 година, по завршувањето на петгодишниот план за спојување и експанзија на двата концерна. Во интервјуто за информативната агенција „Блумберг“, Серџо Маркијоне изјави: „По крајот на 2018 година сигурно ќе работам нешто друго. Повеќе нема да се занимавам со реконструкција. Завршив со тоа. Нека сработат нешто и помладите.“
Маркијоне го презеде кормилото на Fiat во 2004 година и оттогаш ги зголеми прометот и оперативната добивка на италијанското претпријатие за трипати. Новото претпријатие Fiat-Chrysler со седиште во Лондон има за цел да ја зголеми нето добивката на пет милијарди евра до 2018 година, што е петпати повеќе во споредба со 2004 година.
















