
Традиционалистите подобро нека замолчат, затоа што повеќе никој не сака да ги слуша. Twingo има погон назад и трицилиндарец назад, пластична хауба … и никогаш не бил подобар.
Пред само десетина години некој да излезеше во јавноста со предвидување дека BMW еден ден ќе премине на преден погон во серијата 1, а Renault ќе користи заден погон и средишно вграден мотор за својот најмалечок модел, светот прво добро ќе му се изнасмееше, па потоа ќе го прогласеше за луд. Човекот сепак ќе беше совршено во право. Французите прејдоа на концептот „сé назад“ кај својот последен модел, претворajќи го Twingo во еден вид на суперавтомобил во својата класа, во Porsche 911 во класата на малечките. Планот на Renault секако дека не е Twingo да го прероди во тркач и спортска икона, туку да го пушти во костец со конвенционалната конкуренција во класата, чиишто основни атрибути одненадеж станаа премногу здодевни.
Главните потези во каросеријата личат на култниот Renault 5
Сите коцки се вклопија кај новиот Twingo. Дизајнот во дел ја цитира линијата на каросеријата на култниот Renault 5, што внесува одредена нота на ретро во имиџот, а за скапото преселување на моторот и на погонот назад се најде на помош новиот партнер Daimler, чијшто Smart Forfour е развиен на заедничка платформа со француското мини. Германците учествуваа и со неопходната експертиза во модерната примена на заден погон во мини класата, додека Renault ќе помогне трошоците во развој на сложената техника да се вратат побрзо преку продажбата што ќе ја постигне Twingo.

Големиот, или поверно, енормниот ангажман во малечкото на Renault се исплатеше – чисто концепциски. Иако е за десет сантиметри покус од невпечатливиот претходник, новиот Twingo нуди за 33 сантиметри подолг простор во патничката кабина. Французите не пропуштија да го применат и вродениот ген за практичност: При соборено совозачко седиште и соборена задна клупа, во кабината собира предмети долги до 2,31 метри, односно внатре може да се смести кутија со шведски мебел на склопување, контрабас, спортска опрема, па дури и да се залегне ако притреба.
Моторот е поставен косо, да не одзема простор
Поставувањето на моторот над задната оска за чудо не го десеткуваше багажникот. Тој има стандарден волумен од 188 литри, односно 219 литри кога клупата ќе се постави под прав агол, и максимално 980 литри кога клупата е соборена. Целата концепција е изведена толку внимателно, што незаинтересираните може и да не забележат дека под рамното дно на багажникот се наоѓа срцето на Twingo. До него се пристапува преку рачно одвртување на четирите завртки, за евентуално долевање масло или проверка на нивото.

Заинтересираните, пак, ќе направат неколку чекори наназад и ќе се запрашаат како е можно во тесниот простор меѓу подот и најниската точка на возилото да е поставен моторот од 0,9 или 1,0 литар. Можно е, но само со врвна инженерска посветеност. Прво, моторите во Twingo се „легнати“ нанапред под агол од 49 степени, за да одземаат колку е можно помалку простор. Второ, половината компоненти од моторот се модифицирани за косото вградување во Twingo, почнувајќи од капакот на запчестиот ремен, преку системот од црева и цевки за вода и воздух, до комплетниот издувен систем и влежиштувањето на помошните агрегати. Резултатот е за дополнителни 15 сантиметри намалена висина на моторот во вградена положба. Француските техничари дури внеле и дополнителна функционалност, со можноста да се направи генералка на моторот без потреба од отстранување на истиот од возилото.
Крила и хауба од пластика со мемориски ефект

Рикверцот може да се заборави покрај малиот круг на вртење
Затоа, пак, пријатно е чувството кога ќе се провери силно пропагираниот мал круг на вртење на Twingo. Со префрлувањето на преносот на сила на задната оска, предните тркала се „ослободија“ од оваа задача и можат повеќе да се посветат на управувањето, поточно на прецизноста и на калибираноста на сервоподдршката. Отсуството на задачата за пренос на сила дозволи и тркалата да се вртат под агол од 45 степени, наспроти вообичаените 30 степени во класата. Иако има едно од најдолгите меѓуоскини растојанија во својот ранг, кругот на вртење на Twingo е за еден метар помал од другите во класата, точно 8,6 метри меѓу тротоар, односно 9,09 метри од ѕид до ѕид. Големиот агол на завртување на тркалата овозможува француското мини буквално да сврти во место, да маневрира без потреба од враќање во рикверц. Тоа е уште една придобивка од задниот погон.
Уште во неколку погледи изненадува техничката зрелост на Twingo. На пример, во управувањето. Верзијата со 90 КС дури поседува и управување со варијабилен преносен однос – при мали брзини, тркалата се вртат со поголема прогресија, и аналогно, при повисока брзина, се враќа нормалниот преносен однос. Тоа уште еднаш укажува дека минито на Renault не е конструирано да биде евтино, туку првенствено да биде солидно. Сржта не е во шминката.
Новиот Twingo ги привлече погледите на белграѓани
Конечно, возењето, диктирано од концептот со заден погон. На првото возење организирано низ улиците на Белград, Twingo прво изненади со тивкото ниво на бучност. Од една страна, напред е невообичаено тивко, покрај фактот што моторот е назад, а од друга страна, просторот за мотор под багажникот е одлично изолиран, така што и на задната клупа не се чувствуваат ниту бучава, ниту непријатни вибрации. Звукот е толку добро придушен што и типичниот трицилиндарски тон на моторот не се чувствува. Единствено се слуша радосно одгласување на моторот кога ќе се притисне повеќе врз гасот.

Twingo во возењето го посредува чувството што некогаш беше својствено за целата мини класа, радоста во возењето. Со лесното и прецизно управување, единствено во отсуство на малку поголема повратна информација од тркалата, возачот речиси и не може, а да не биде насмеан зад воланот. Секако дека задниот погон влијае и врз одличниот баланс во подвозјето, што се чувствува во секој побрз свијок и воопшто при секоја промена на правецот. Распределбата на тежината на Twingo е како кај спортски автомобил, 45 проценти напред, 55 проценти назад.
Вториот мотор со 90 КС е екстра: Конкурентите обично запираат на 70 КС
Renault вградува два мотора во Twingo, обата со три цилиндри. Посилниот е познат од Clio и Captur, станува збор за TCe 90, со зафатнина од 0,9 литри, турбонатполнење и 90 КС, додека послабиот мотор SCe 70 е комплетно нов, со зафатнина од еден литар, без турбо, со моќност од 70 КС. При кусото излегување на автопат, Twingo со посилниот мотор покажува дека и поголемите брзини не му претставуваат тешкотија и со крајната брзина од 165 km/h и забрзувањето од 10,8 секунди до сто може без проблем да се носи со поголемите и посилни од него, додека послабиот мотор со 70 КС ја нуди „стандардната“ моќност кај конкурентите, каде што првенствено се очекува штедливост во возењето. TCe 90 стандардно е опремен со систем старт-стоп и пратечките мери, како програмирана работа на помошните агрегати, додека кај моторот со 70 КС системот се добива во верзијата Twingo SCe 70 Start&Stop. Според фабрика, градската потрошувачка на последнава верзија изнесува 5,0 литри, на основната верзија 5,6 литри, додека кај посилната верзија со 90 КС е декларирана вредност од 4,9 литри. Колку точно изнесува реалната потрошувачка ќе се покаже при евентуалното подолго тестирање.
Twingo покажува квалитети во возење, не само во стоење
Вистина е пријатно чувството при возењето на Twingo, вклучувајќи го и не премногу тврдото или гласно подвозје. Додека квалитетите на другите модели во класата повеќе се огледуваат во место, минито на Renault ги покажува квалитетите првенствено во возење, во тоа што претставува и основната намена на автомобилот, истовремено поставувајќи репери и во просторноста, во рационалното искористување на просторот и во функционалноста.

За младешкиот круг на купувачи, како примарна цел на Renault, на располагање стојат повеќе можности за внесување личен печат во возилото, со комбинирање на различни бои за детали од каросеријата, неколку украсни дезени, избор на панорамски покрив од списокот на дополнителна опрема, како и соодветно „бојадисување“ на ентериерот. Поврзувањето со паметен телефон исто така е на високо ниво, дури и освестувачко. Ретко кој производител, освен докажано храбрите, како Renault, порано би дозволиле друга индустрија да им се вмеша на нивниот терен. Францускава марка конечно е една од првите што ги ослободува сите пречки и дозволува полна функционалност на паметен телефон во возилото.
Паметен телефон место застарен и нефункционален дисплеј
Од второто ниво на опрема, кадешто радиото е стандард, следува приспособлив држач за паметен телефон во средишната конзола. На тоа место, телефонот функционира како класичен дисплеј за ракување со дополнителните функции во возилото – единствено што е многу подобар од оние што би ги вградиле производителите на автомобили. Мудро и генијално: Сопственикот не мора да доплаќа за преценет и најчесто застарен „фабрички“ дисплеј, туку го користи оној што веќе го поседува – неговиот паметен телефон.

Цените во Србија почнуваат од 8.100 евра, со попустот од 1.000 евра
Цената? Македонскиот ценовник уште не е објавен, но затоа од првото возење во Белград ги имаме за ориентација цените на српскиот пазар. Понудата кај нашиот северен сосед стартува од 8.100 евра, вклучувајќи го попустот од 1.000 евра, за Twingo SCe 70 со основното ниво на опрема Authentique. Во ова ниво следуваат 4 воздушни перници, контрола на стабилност со помош при поаѓање на нагорнина, контрола на притисок во гуми, патен компјутер, централна брава со далечинска команда и диодни дневни светла. Во повисокото ниво на опрема Expression, точно евра над основното, дополнително се добиваат мануелен клима уред, радио со R&GO, блутут и команди на волан, странични заштитни лајсни, лакирани ретровизори и рачки на врати, електрика на предни прозорци, висинско местење на столбот на управувачот, поделена задна клупа и неколку екстра прегради во кабината. Највисокото ниво Dynamique чини 10.100 евра со овој мотор и вклучува систем за следење лента, магленки, темпомат, електрика и греење на ретровизори, алу-бандажи од 15 инчи, украсни лајсни на каросеријата и детали во хром, висинско местење на возачко седиште и соборливо собвозачко седиште, кожа на волан и на рачка на менувач и повторно екстра прегради во кабината. Разликата меѓу атмосферскиот SCe 70 и турбобензинецот TCe 90 изнесува исто така 1.000 евра, со тоа што посилниот мотор не е достапен со основното ниво.
Интересни опции на списокот на дополнителна опрема, достапна на пример за нивото Dinamique се паркинг сензори (250 евра), автоматска клима (500), пакет Sport (800 евра, со алу-бандажи 16 инчи и стилски додатоци), пакет со поквалитетни звучници (150), платнен покрив (1.000), додека украсните лајсни за индивидуализација чинат по 200 евра.
ГАЛЕРИЈА ОД ПРВОТО ВОЗЕЊЕ НА RENAULT TWINGO















