181
24 shares, 181 points

Сите зборуваат за автомобилите со електромотор во погонската спрега, секој има своја стратегија на одбрана или напад. Хибридите се бараат повеќе од кога било досега, многу од предрасудите остануваат. Пред нешто да се каже, треба добро да се провери. Ние го направивме најширокиот можен круг низ Македонија, со цел да провериме како штедливоста на Toyota Corolla со хибриден погон се докажува во најразлични услови, на пат од 800 километри.

Нашиот народ сака да ги поедноставува работите. Хибридните автомобили на Toyota возат на струја до 60 километри на час и најмногу штедат при градско возење. Тоа е често застапено верување меѓу македонските возачки и возачи – во поширокиот регион, исто така. Некои изведуваат и категорични заклучоци: Хибридот не се исплатува, дизелот е непобедлив!

При известувањето преку нашите профили на социјалните мрежи во текот на турата, пристигаа многубројни коментари, се пријавуваа нереални вредности за потрошувачката на гориво од типот на „мојата кола е најдобра во светот“, па и крајно погрешно толкување на податоците за просечната и моментната потрошувачка што ги прикажува патниот компјутер, од таа фамозна „техника“ што беше актуелна во раните 1990-те години. Сето тоа само ја потврди нашата цел со планираното возење низ Македонија. Оваа хибридна тура дефинитивно беше неопходно да се направи.

Лимузинска Toyota Corolla со хибриден погон е првиот автомобил во историјата на домашните автомобилски медиуми што го минува овој круг за одредување на ефикасноста во возењето низ цела Македонија

Турата водеше прво низ Источна Македонија, преку Куманово, Кратово, Кочани, Берово, Струмица и Валандово, по што следеше возење кон север по течението на Вардар, низ Демир Капија и Неготино, од каде што потоа се упативме кон Прилеп и Битола, за првата тура да заврши под Галичица, во убавиот предел на Стење. Два широки планински масиви, Осоговските Планини во североисточниот дел и Кожуф на Југот, оневозможуваат возната тура да го покрие и делот до Крива Паланка, односно релацијата од Гевгелија до Битола да се извози долж јужниот дел на земјата.

Отпрво се чини дека тоа е рутинско возење, по „отворен“ пат. Но, возачите кои го познаваат овој дел од турата низ Источна Македонија, можат да посведочат дека тоа е сé друго, освен кавалерско возење по автопат со 120 километри на час и со вклучен темпомат. Долгата и стрмна делница што води до Страцин, на пример, се искачува до 730 метри, пред да се продолжи удолу, кон Кратово, коешто е на околу 600 метри надморска висина. Рутата оттаму продолжува да се искачува, до близу 900 метри покрај пробиштипско Гризилевци.

Четири планински превои на хибридната тура низ Македонија: Плетвар, Ѓавато, Стража, Галичица

Возењето низ Малешевијата продолжува со постојано искачување, до висини од 1.000 метри, и повторно спуштање за неколку стотини метри. Според тоа што го отчита приклучената апликација за навигирање, висинската кота по овие делници е: Пробиштип (540 m), Кочани (335 m), Македонска Каменица (546 m), Делчево (600 m), Пехчево (990 m), Чифлик (900 m), Берово (830 m, Ратево и Русиново (ca. 1000 m), Двориште (1.180 m), Суви Лаки (ca. 1.000 m), Струмица (230 m).

Рутата е поставена и потврдена, преостанува поаѓање некаде пред завршетокот на саботното утро. Резервоарот се полни до врв, за горивото „да се гледа“, како најверодостоен репер, кој ќе биде решавачки при дополнувањето гориво по пристигањето во Скопје. За пресметувањето на просечната потрошувачка не се раководиме според податоците што ги прикажува патниот компјутер, туку класично – потрошената количина гориво ќе се подели со поминатата километража. Не постои поточна метода. Пумпата за точење гориво покажува дека се наполнети 31,39 литри „супер“. Бројчаникот на стартот покажува 4.413 километри. Според „пресметката“ на патниот компјутер, имаме гориво за 753 километри.

Целиот прв дел од турата го минавме по споредни и планински патишта, без ниту денар патарина; Тоа е рај за хибридот, постојаното менување на условите на возење

Возиме по магистралата, скршнуваме кон населбата Ченто, во правец кон Арачиново, по стариот пат за Куманово. Намерно избираме рута надвор од автопат. Основата на штедливото возење гласи: Одржување постојана брзина, со колку е можно помалку забавувања и забрзувања. По рутата што ја возиме, го предизвикуваме хибридот, затоа што брзината се менува на секои сто метри, па еднаш се следи колона, другпат се престигнува камион. Хибридот штеди токму во такви услови. Секое забавување, во основа значи претворање на голем дел од кинетичката енергија во електрична енергија за полнење на батеријата.

На хибридот во оваа лимузинска Toyota Corolla тоа му успева одлично. Патниот компјутер на моменти пријавува просечна потрошувачка со двојка пред запирката. Сето тоа е веродостојно, затоа што буквално при секое второ погледнување кон фамозниот „енергетски монитор“ се покажува дека лимузината во моментот вози само на струја. На свијоците по Арачиново следиме црно Audi пред нас. Пример за возење што е катастрофално за ефикасноста: Забрзување со сета сила од свијоците и силно сопирање пред следниот свијок.

Возењето со внимавање на потрошувачката е добро за сопствениот џеб, но и за животната средина; Кај нас возењето честопати се користи заради докажување – тоа повеќе ќе се покаже во вториот дел од нашата хибридна тура низ Македонија

Возачите кои се повеќе искусни со правилата на штедливото возење – покомотно, исто така – сето тоа го умеат повешто. Според принципот на колку е можно порамномерно возење, ние сопираме точно дозирано и оставаме доброто подвозје на Corolla да го одработи своето во свијоците, притоа користејќи го и „моторното“ сопирање, односно позицијата B на рачката на бирачот, со којашто се засилува забавувањето, а енергијата се користи за поинтензивно полнење на батеријата. Се следиме со „брзото“ Audi пред нас, со тоа што го стигнуваме пред секој следен свијок, а трошиме неспоредливо помалку гориво. Според патниот компјутер, тоа се нешто повеќе од три литри бензин.

Задачата се извршува мошне лесно. Возењето со двете погонски срца кои си потпомагаат едно со друго е релаксирано, возачот воопшто не е под товар дека мора да внимава на своето однесување зад воланот, со цел да ја задржи потрошувачката на гориво ниска. Темпото е рамно стотка, наместено на радарскиот темпомат, кој самостојно го потсопира возилото, кога напред има побавно возило, и го следи со исто темпо – додека не здодее, па истото се престигне при првата пригода. Од тристоте метри надморска висина по Куманово, се искачуваме повеќе од четиристотини метри, до скршнувањето кај Страцин.

Радарскиот темпомат е совршен придружник за хибридниот погон; Toyota Corolla самостојно подзапира кога забавува возилото напред и забрзува кога тоа ќе почне да забрзува

Удолу е рај за хибридниот погон. Два празни камиони се спуштаат релативно брзо по кривулестиот пат кон Кратово. Луѓево добро си го знаат патот, нема потреба да се престигне сé што е на пат, сепак некогаш треба да се ужива во возењето и во средината, место да се гледа да се задоволи таа наша толку насушна потреба за докажување со автомобилите. Како што сопираат камионите пред свијоците, така автоматски сопира и радарскиот темпомат во Toyota Corolla. Батеријата е полна до врв.

Кога лимузината се движи под инерција и под сила на земјината тежа, електромоторот дејствува како генератор и ја полни батеријата. Таа „самопроизведена“ енергија – затоа и Toyota го користи поимот самополнечки хибрид – се користи за забрзување по секој свијок, кога презема само електромоторот. Бензинецот со неговите 1,8 литар зафатнина воопшто и не забележуваме дека се вклучува. Возењето ретко било порелаксирано од ова.

Непрегледни површини под сливарници на патот од Берово за Струмица; Оваа наша убава Македонија мами да се запре на секој свијок – ние мораме да ја извозиме турата, нема толку време за уживање
New photo by Automedia MK / Google Photos

Над Кратово запираме да ја провериме бројната состојба. Таа пријавува: На 4.502 километри или на 88,8 километри од Скопје, имаме просек од точно 4,0 литри и гориво за уште 672 километри. Стрелката на резервоарот првпат се помести позабележливо, за половина милиметар. Просечната брзина е 46 km/h, што искусните возачи ќе умеат да го проценат како пристојно брзо возење за таков пат – вклучувајќи и неколку запирања за фотографирање.

Тоа што нé радува најмногу: Знакот EV свети и покажува дека Corolla по поаѓањето ќе можеме да ја возиме неколку стотини метри само на струја. Овој знак, всушност, свети постојано на нашава тура. Секогаш се погодува, оваа лимузина што е мошне блиску до димензиите на последната генерација на Avensis, да извози пристојни растојанија само со помош на електромоторот. Тоа се случува и при брзини од преку 80 km/h.

Збунува кога моторот почнува да ја полни батеријата додека се вози по нагорнина – постои совршено објаснување за тоа

Интелигенцијата на погонот решава дали интервенцијата на електромоторот во дадениот момент е доволна да се одржи тековната брзина, или сепак е потребно да се ангажира и моторот. Доколку возачот го знае „размислувањето“ на хибридот, тогаш ќе умее само малку да го потпритисне педалот и да додаде неколку екстра њутнметри од електромоторот, за брзината да се одржува постојана, а моторот изгаснат.

На брзо минување низ Пробиштип се сеќаваме дека пред многу години, во кругот на фабриката за акумулатори се возеа првите кружни трки. Убава атмосфера владее по целиот пат, а и зошто да биде поинаку, кога возиме низ Македонија во време додека природата го дава и предава сето од себе. Зошто намерно избираме да живееме во бетон и во метеж? Одговорот сите го знаеме.

Некогаш во блиска иднина, така ќе се произведува струја за електричните автомобили на Toyota
New photo by Automedia MK / Google Photos

Следното запирање го правиме во Македонска Каменица. Бројките: Просек 3,7 литри, вкупно 4.580 километри, гориво за 611 километри според компјутерот. Стрелката на резервоарот одвај спуштена на една осмина. Прекрасно гратче, со вешто уредено речно корито и камени мостови. Пак заклучокот колку е убава Македонија, особено во својата разновидност од сцени, енергии и суперприродни пораки.

По Калиманци минуваме покрај познатиот „сончев парк“ со фотоволтаички колектори и плус малечка ветерница, што врти упорно. Corolla 1.8 Hybrid сама си ја произведува струјата. Јапонците во меѓувреме подготвуваат неколку нови модели кои ќе имаат погон на струја, за кои ова ќе биде многу благопријатна глетка. Доаѓаат непрегледни површини под сливарници. Сепак нема време за уживање во сите сцени по пат, нé чека уште долг пат.

Додека хибридната Toyota Corolla минува со нешто повеќе од три литри гориво, нашето купување во продавница завршува со 3,3 литри вода и сокови: Кој пие повеќе, Toyota или возачот?

Во Берово купуваме вода и сок во пакување од по 1,5 литар, и тоа нé наведува на помислата – со уште едно шише од 0,33 литар, ја добиваме приближно потрошувачката на гориво на хибридната Toyota. Екипажот во лимузинава зема повеќе течност, отколку автомобилот! Во малешевскиот град доаѓаме со просек од 3,7 литри, гориво за уште 557 километри, со бројчаник на 4.640 km.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Повеќе никој во колава не мисли на тоа дали ќе ја комплетираме целата тура со еден резервоар гориво. Ниту возачот не чувствува замор или товар од помислата дека од крајниот исток треба да се вози до Преспа, на сосем другиот крај на Македонија. Штета е што за турата предвидовме само два дена. Човек сака да запре во секој крај, да го доживее. Необични глетки со борови израснати врз бел песок, заводливиот крај на Суви Лаки со многуте викендички, густи шуми со пат што чиниш дека постои само во тој момент и исчезнува веднаш откако автомобилов ќе мине по него.

По Струмица, патот нé носи кон Радовиш, но тоа ни изгледа како прелесна вежба. По петнаесетина километри по рамно, ја префрлуваме рутата назад кон Валандово, преку „валандовско брдо“. Хибридната спрега без мака ги совладува тристоте метри висинска разлика до врвот. Кога челично синава Toyota би имала петпати поголема батерија, таа би била полна по спустот до Валандово, на своите стотина метри надморска висина. Таа енергија би била доволна веројатно за дваесетина километри пат само на струја. Тоа покажува колку енергија се губи кај обичните автомобили и истата се испушта неискористена преку топлината во сопирачките. Лимузинава нема петпати поголема батерија, зашто во тој случај би била многу поскапа. Ова е сепак хибрид, и добро што е така. Просекот до Валандово: 3,4 литри и опаѓа.

Од Струмица, правец кон Преспа; Возењето по споредни патишта е многу понапорно од возење по автопат, а воедно и поголем предизвик за хибридниот погон – по автопат, со темпо 120, Corolla Hybrid троши околу три литри на сто километри

По кусо време возиме по сега веќе стариот пат за Демир Капија. Нема возила, само по некој камион. За наплата на патарина уште немаме запрено, а за денес е сосем извесно дека ќе остане така. Кусо запираме да го снимиме автопатот што е високо од другата страна на Вардар. Повторно обзема спокојството. Добро е што избравме целата денешна тура да ја возиме надвор од автопат.

Низ Кавадарци начекуваме километарска колона трактори и камиони натоварени со грозје, кои чекаат да го предадат скапоцениот род. Прекрасна си Македонијо, надвор од лагите и измамите. Од хибридот најмалку очекуваме да нé излаже. Плетвар минува сосем релаксирано. Погонот не си дозволува да снема моќ и поради тоа одржува постојано темпо, меѓу другото благодарение и на работата на менувачот CVT, кој вртежите на моторот секогаш ги одржува во оптималното подрачје. Оптимално, за овој мотор што работи според штедливиот еткинсонов циклус, значи работа меѓу 1.500 до 2.000 вртежи. „Остатокот“ е работа на електромоторот. Тоа е поентата на хибридот, едната и единствена вистина околу него.

По патот до Битола повторно се покажува корисноста од радарскиот темпомат. Веќе е квечерина, темпоматот е наместен на дозволените 100 km/h. Ја следиме колоната напред, којашто како и вообичаено се движи мошне рамномерно. „Радарот“ го растоварува возачот од внимавање на брзината, но е добар и за штедливоста, затоа што реагира точно дозирано и будно. Во тие моменти, економетарот покажува дека 1,8-литарецот троши помалку од три литри гориво на сто километри.

Кусо по Плетвар следи уште еден планински превој, двесте метри повисок и по уште пострмен пат, Ѓавато

Нас патот нé носи потаму од Битола, а тоа значи дека до нашето денешно одредиште останува уште Ѓавато, со своите близу 1.200 метри надморска висина. Сообраќајот е слаб, вниманието повеќе го привлекува енергетскиот монитор. Интелигенцијата на хибридниот погон следи некој посебен алгоритам и на моменти ја користи моќта на моторот за да ја наполни батеријата, иако патот е мошне стрмен. Тоа изгледа збунувачки, но има многу добро објаснување. Моторот во тие моменти го постигнува својот оптимум меѓу потрошувачката на гориво и моќноста, па дел од енергијата се користи за батеријата да се подосвежи.

Спуштањето со полна батерија до Царев Двор не пречи, затоа што понатаму Corolla продолжува да вози со енергијата во батеријата што ја има „произведено“ при спустот. Одредиштето за денес е Стење, во подножјето на Галичица и покрај еден од најубавите делови на преспанскиот брег. Триесетината километри за хибридот минуваат како лесна игра. Повеќе се слуша црцорењето на штурците, кои звучат исто како и пред дваесет, педесет и безброј години.

Првиот ден од турата завршува со извозени 544 километри и просек од 3,9 литри на сто километри; Подеднакво е важно тоа што никој не чувствува замор по десетина часови на пат

Бројките по завршувањето на дневната тура: Просек 3,9 литри, состојба на бројчаник 4.957 km, преостанато гориво за уште 283 километри. Многу поважно од вредноста на просечната потрошувачка, којашто патем ги надмина и најшите најоптимистички очекувања, е тоа што по 544 километри извозени по летна жега и по споредни патишта, ниту возачот, ниту патниците не чувствуваа замор. Голем дел од тоа е заслуга на хибридниот погон, којшто не оптоварува со бучава или вибрации при возењето, но секако дека во исто толкав дел се должи и на комфорната работа на подвозјето и воопшто пријатниот престој во оваа хибридна Toyota Corolla.

Во вториот дел од оваа еко-репортажа, се искачуваме на Галичица и преку Охрид продолжуваме назад за Скопје.

Хибридна тура со Toyota Corolla: Со 30 литри бензин низ цела Македонија (Дел 2)

View this post on Instagram

Билансот од денешното возење, по 544 километри по брда и долини. Просек 3,9 литри, гориво останува уште за 283 километри. Поимите просечна, сегментна и моментна потрошувачка излегоа нејасни поими, судејќи според коментарите на фб. Аутомедиа со задоволство ќе одговори на сите нејаснотии, сепак експертизата и професионализмот се тоа што нѐ разликува од обичните авто портали. Утре останува заокружување на турата до Скопје. #hibridturanizmk #toyotahybrid #toyotacorollahybrid

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk) on

Тест: Toyota Corolla 1.8 Hybrid Executive Plus


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

181
24 shares, 181 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *