за ,

Tesla со режим за заштита од биолошко оружје

Tesla на впечатлив начин ја прикажа делотворноста на клима-уредот во Model X во заштитата од штетните гасови што ги произведуваат возилата со обичен погон. Тој дури располага и со „одбранбен мод од биолошко оружје“.

За последниот експеримент за докажување на способностите на своите електромобили, калифорнискиот специјалист Tesla Motors се повикува на податокот од Светската здравствена организација, којашто регистрира над три милиони случаи на предвремена смрт на глобално ниво, предизвикани од загаденоста на воздухот. Со тоа, воздухот што светот го дише е најголем единечен убиец на човештвото кој доаѓа од животната средина.

Како производител на електрични автомобили што не испуштаат ниту грам штетни гасови во животната средина, Tesla се грижи и патниците во неговите Model S и Model X да бидат соодветно заштитени од тоа што возилата со конвенцонален погон го оставаат во воздухот. Клима уредот во овие модели работи според принципот на филтрацијата што се користи во болниците, стерилните простории и во аеронаутиката. HEPA филтерот ги задржува поленот, бактериите и секакви честички од надворешната средина, со ефикасност којашто според Tesla е стопати поголема во споредба со стандардните филтри што ги користи автоиндустријата.

Model X затворен во џиновски балон со воздух опасен по живот

По серијата тестови за докажување на ефикасноста на филтрацијата на кабината, меѓу другото и во услови на екстремна загаденост на воздухот во кинеските градови, Tesla продолжува чекор понапред. Model X беше затворен во џиновски балон, со концентрација на неразградливи честички PM2.5 од 1.000 микрограми на метар кубен, наспроти нивото од 12 микрограми што СЗО го смета за „добар“ воздух за дишење. Потоа следеше затворање на крилестите врати на Model X и вклучување на таканаречениот „одбранбен мод од биолошко оружје“. Мерењата покажаа дека за помалку од две минути, филтрацијата на кабината успеа екстремната загаденост на воздухот во кабината да ја доведе на речиси немерливо ниво, во услови кога воздухот во балонот беше опасен по живот.

Вистинската сензација е во тоа што во текот на следните минути, клима уредот на Tesla го намали и нивото на честички PM2.5 во балонот за 40 проценти. Model X го исчисти воздухот за патниците во кабината, но и околу себе. Како што наведува производителот, „седејќи во својот автомобил можете буквално да преживеете воен напад со биолошко оружје.“ Електроспецијалистот ќе продолжи со усовршување на примарните и секундарните филтри во своите возила, со примена на нови системи за заштита од честички и за хемиска пасивизација.

Според Светската здравствена организација, просечното годишно ниво на PM2.5 достигнува 56 µg/m3 во Пекинг, 25 µg/m3 во Мексико Сити, 21 µg/m3 во Хонг Конг, 20 µg/m3 во Лос Анџелес, 20 µg/m3 во Берлин, 17 µg/m3 во Париз и 16 µg/m3 во Лондон. Според истражувањата на Харвард, ова ниво на загаденост би довело до скусување на животниот век за 23 месеци во Пекинг, 10 месеци во Мексико Сити, 9 месеци во Хонг Конг, 8 месеци во Берлин и Лос Анџелес и 7 месеци во Париз и Лондон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

McLaren F1

McLaren ги предизвикува колекционерите со „подзаборавен“ примерок од F1

Mercedes инвестира 580 милиони евра во фабриката во Унгарија