Тим од студенти на холандскиот Технички Универзитет Ајндховен разви електричен патнички автомобил, што во текот на возењето го апсорбира јаглеродниот диоксид од воздухот. Прототипот со име Zem располага со специјален филтер што го пречистува воздухот.
Најновиот автомобил од студентите на Техничкиот Униерзитет Ајндховен буквално го прави воздухот почист секаде каде што ќе помине. Електричниот автомобил наречен Zem го постигнува тоа преку собирање на СО2 од воздухот. Студентите ќе продолжат да го развиваат автомобилот во следните години, со намера да постигнат целосна неутралност во поглед на емисијата на СО2 во целиот животен век на автомобилот. Не е исклучено автомобилот во блиска иднина да се пушти и во редовен сообраќај.
Транспортот учествува со една четвртина во вкупната емисија на СО2 на ниво на ЕУ. Само патничките автомобили учествуваат со 60 проценти во оваа емисија. Со цел да се намали оваа емисија, тим од 35 студенти конструираше, разви и изработи автомобил, при чиешто производство не се ослободува СО2, односно во одредени подрачја се испушта помалку од стакленичниот гас отколку што е случај во автомобилската индустрија. Секако дека тимот од холандски инженери се погрижи и материјалите да може целосно да се рециклираат.
Бројките не се толку одушевувачки, но идејата е за поздравување
За електричниот Zem да собере во специјалниот филтер 2 килограми СО2 од воздухот, треба да извози 20.000 милји во една година, односно повеќе од 30.000 километри. Тоа значи дека десет автомобили како Zem, можат да апсорбираат иста количина СО2 колку просечно дрво. Гледано преку примерот на еден автомобил, филтерот практично нема ефект, но доколку се гледа големата слика и се гледа визијата за голем број автомобили како Zem, тогаш идејата е одлична. Целта на студентите е да развијат решение што ќе може да се користи на секој автомобил. Во тој слуај, секој автомобил ќе придонесува за смалување на емисијата на СО2.
Филтерот низ којшто струи надворешниот воздух има единствена констуркција. Студентите во моментов работат на патентирање на иновацијата. Поголемиот предизвик за техничарите е да дојдат до решение со коешто ќе се зголеми капацитетот на филтерот во следните години. Големите холандски иноватори со чувство за животната средина имаат сон, филтерот во иднина да се празни додека електричниот автомобил е приклучен за полнење на батеријата. Во моментов, филтерот мора да се празни на секои 320 километри.
Повеќе иновации придонесуваат да се постигне целосна неутралност на автомобилот во поглед на емисијата на СО2. Прво, се применува техника на 3D-печатење. Шасијата и каросеријата се изработени преку 3D-печат. Практично нема отпад.
Универзитетот им поставува предизвик на големите производители: „Ако 35 студенти можат за една година да проектираат, развијат и изработат автомобил што е речиси неутрален во поглед на СО2, тогаш и индустријата може да го направи тоа“. Холандските техничари ги покануваат производителите на автомобили да дојдат на Универзитетот во Ајндховен и да се уверат на лице место.
Lightyear: Електричниот автомобил што се полни од сонцето е пред почеток на производство