Во изборот што го организира германскиот магазин „firmenauto“, специјализиран за возни паркови, Fiat 500e и Fiat 500 Hybrid победија во категоријата на градски автомобили од увозна марка.
Електричниот Fiat 500e, покрај тоа што е најпродаван автомобил на струја во Германија во првиот квартал од 2022 година, заедно со Fiat 500 Hybrid сега е прогласен за „Службен автомобил на годината“, во категоријата на градски автомобили. Титулата се однесува на модели од увозни марки.
Жирито гласаше за најдобрите возила што беа поделени во вкупно 21 категорија. Роберто Дебортоли, директор за Fiat и Abarth во Германија, посебно е среќен со тоа што Fiat 500 во електрична и хибридна изведба, освен меѓу приватните купувачи е популарен и како службен автомобил.
Fiat 500e / 500 Hybrid ги победи Hyundai i10 и Renault Twingo во изборот за најдобар градски автомообил за фирма
Издавачката куќа Euro Trans Media ги прогласува „Службените автомобили на годината“ уште од 1999 година. Во актуелниот избор решаваше жири составено од 136 стручни лица за возен парк, управители на возен парк и здруженија, како и новинари од европските магазини за службени возила. За изборот се квалификуваат само најпродаваните модели во своите класи.
Увозникот Аутомобиле СК летово изложи уште неколку нови примероци од електричниот Fiat 500е во својот салон во Скопје. На германскиот пазар може да се избира меѓу две големини на батерија, а тоа значи и две цени на моделот: Батерија од 23,8 kWh со досег до 257 километри и батерија од 42 kWh, со којашто се вози до 320 километри без дополнување. При користење брз полнач се постигнува наполнетост од 80% за само 35 минути. Пет минути на брз полнач со еднонасочна струја се доволни за 50 километри пат.