за

Идејата за Mercedes SL Roadster дојде пред 70 години од САД

Застапникот за Mercedes-Benz за истокот на САД беше главниот поттикнувач за развој на Mercedes-Benz 190 SL, но и за легендарниот 300 SL Roadster.

Максимилијан Хофман е човекот кој има голема заслуга, за Mercedes-Benz пред близу 70 години да ги пушти во продажба двата модели со отворена каросерија, 190 SL и 300 SL Roadster, што денес уживаат највисок култен статус на автомобилската сцена.

Застапникот за Mercedes-Benz за источниот регион на Соединетите Американски Држави, во 1953 испратил писмо до управата во Штутгарт. Максимилијан Е. Хофман предложил Mercedes-Benz да ја пренесе фасцинацијата од луксузните спортски автомобили на марката, во помал родстер. Дијалогот меѓу застапникот и управата продолжи и како исход од тоа произлегоа два спортски модели.

Еден од моделите што ги предложи Хофман е компактниот родстер 190 SL (W 121). Како техничка основа послужија т.н. понтон-лимузини од вишата класа (W 120). Вториот модел е уште пофасцинантен. Концептот од тркачкиот автомобил 300 SL (W 194) прво беше применет за култниот 300 SL „Gullwing“ (W 198), како модел наменет за клиенти со посебни барања. Двата модели беа изложени на меѓународниот салон на автомобили во Њујорк од 6-ти до 14-ти февруари 1954 година. Три години подоцна се појави и 300 SL Roadster (W 198), којшто исто така произлегува од иницијативата на Хофман.

Оваа долга традиција се провлекува до денес, до новиот Mercedes-AMG SL од генерацијата 232, којшто ни е дотолку поважен на македонската сцена, затоа што дизајнот потекнува од Славче Таневски, македонскиот дизајнер на Mercedes-Benz Cars во Штутгарт.

Во марката со сребрената ѕвезда ценат дека Хофман има исто влијание врз развојот на понудата на модели на Mercedes-Benz, како Емил Јелинек, половина век пред 300 SL и 190 SL. Тој е своевремено најголемиот дилер со автомобили на Daimler-Motoren-Gesellschaft во Ница и има дадено силен поттик за Вилхелм Мајбах да го развие прочуениот Mercedes 35 PS.

Германската компанија воспоставува соработка со Максимилијан Е. Хофман со намера тој да помогне во ширењето на извозот на Mercedes-Benz во Северна Америка. Првиот човек на тогашен Daimler-Benz AG, Вилхелм Хаспел, лично доаѓа во САД во 1948 година за да раководи со освојувањето на големиот пазар. Соединетите Држави тогаш се најголем автомобилски пазар во светот и имаат клучна улога како извозен пазар.

New item by Automedia MK / Google Photos

Првите возила од Mercedes-Benz преку застапништвото на Хофман пристигаат во САД во 1952 година. Максимилијан Е. Хофман, роден во Виена, во март 1952 година поднесува барање да стане застапник во САД. Договорот се потпишува на 31-ви јули 1952 година и важи за источниот регион на земјата. Продажбата стартува во декември, откако се уредуваат салони, се обучуваат продавачи и се обезбедува транспортот. Уште во таа неполна една година соработка, Хофман прави нарачки за 253 возила.

New item by Automedia MK / Google Photos

На 12-ти и 13-ти август годинава се отвора на новиот Classic Center на Mercedes-Benz во Лонг Бич, јужно од Лос Анџелес. Во вториот ден ќе се одржи и собир на олдтајмери под серијата настани „Classics & Coffee“. Десетина денови подоцна следи и најпрестижниот собир на олдтајмери во Северна Америка. На 21-ви август, светот на автомобислкиот луксуз е во Пебл Бич, во Калифорнија.

Двата најнови модели дизајнирани од Славче Таневски, секако дека ќе добијат централно место и на двата настани, Mercedes-AMG SL Roadster и Mercedes EQS SUV.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Mercedes-AMG SL во салонот на Мак Аутостар е речиси национален празник

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричен Fiat 500 e „Најдобар градски автомобил за фирма“

Феручо Ламборгини примен во Автомобилската Куќа на славните