за

Lightyear: Електричниот автомобил што се полни од сонцето е пред почеток на производство

Холандските пионери ја претставија конечната изведба на Lightyear, прв електричен автомобил што дел од енергијата за движење обезбедува преку соларните ќелии.

Проектот со искрени намери и големи амбиции на Lightyear: Спортскиот автомобил со погон на сонце Lightyear 0.

Општиот тренд за целата автомобилска бранша е осознавање на слободата, откако на нафтата ѝ се одбројуваат годините. Тоа најдобро го илустрира фотографијата што холандскиот Lightyear ја објави по повод претставувањето на серискиот модел Lightyear 0, прв автомобил што енергијата за секојдневната рута може комотно да ја обезбеди преку сонцето.

Lightyear, холандска компанија за висока технологија, што го разви првиот соларен автoмобил во светот, го најавува почетокот на неговото производството наесен. По шест години развој, дизајнирање, инженеринг, тестирање на прототипи и на претсериски модели, наскоро станува реалност автомобилот, што ниту мора да се приклучува на полнач, а уште помалку да полни нафта.

Според холандските инженери, Lightyear 0 може седум месеци да се користи во секојдневието, без потреба возилото да се приклучи на полнач, било дома, било на улица. Нема ниту измами околу вистинското одржливо потекло на енергијата. Повеќе одржлив извор на енергија од сонцето, тешко дека светот ќе види.

Соосновачот и извршен директор на Lightyear, Лекс Хефслот, ја кажува убавата приказна: „Денес е денот што сите го чекавме, откако петмината соосновачи седнавме во кујна да го скицираме нашиот сон, да го изработиме најодржливиот автомобил на планетата. Во 2016 година, ние имавме само идеја. Три години подоцна, имавме прототип. Сега, по шест години тестирање, усовршување, проектирање и безброј пречки, Lightyear 0 е доказ дека невозможното всушност е возможно.”

Lightyear 0 располага со пет метри квадратни површина под патентирани, двојно заоблени соларни панели, што дозволуваат автомобилот да се полни сам при секојдневното користење или едноставно додека стои паркиран. Во најдобар случај, Lightyear 0 може да наполни енергија за 70 километри пат дневно. Вкупниот досег изнесува 625 километри.

Во Холандија, соларниот автомобил може да функционира само со енергија од сонцето во период од два месеци, но во Шпанија или Португалија, тоа се веќе седум месеци

Соларните ќелии ќе ја покријат потребата од енергија да се извозат 11.000 километри годишно, со просек од 35 километри дневно. Може да минат месеци, додека се јави потреба за Lightyear 0 да се приклучи на полнач. Во Холандија, соларниот автомобил може да функционира само со енергија од сонцето во период од два месеци, но во Шпанија или Португалија, тоа се веќе седум месеци. Во Македонија имаме сличен број сончеви часови како на Пиринејскиот Полустров.

Секое тркало располага со сопствен електромотор. Со потрошувачка од 10,5 kWh на сто километри, при брзина од 110 km/h, тоа е најефикасниот електричен автомобил што постои. За тоа придонесува и рекордерскиот коефициент на отпор на воздух што е понизок од 0,19. Холандскиот соларен автомобил се одликува и со лесна конструкција. Со своите пет метри должина, возилото тежи 1.575 килограми.

При патување со постојана брзина од 110 km/h, соларниот Lightyear 0 може да извози 560 километри со полна батерија

Производството на Lightyear 0 стартува наесен, а испораките ќе започнат во ноември. Од моделот чијашто „нула“ во ознаката има повеќе од јасна симболика, ќе се изработат најмногу 946 примероци, по цена од 250.000 евра. Потоа ќе се понуди нов модел, којшто ќе биде наменет за големосериско производство. Тоа всушност ќе биде вистинската сензација, затоа што основниот модел ќе чини 30.000 евра. Неговото производство стартува кон крајот на 2024 или почетокот на 2025 година.

Соларно-електричниот Lightyear One доби хомологација, продадени се 150 примероци

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ф1-болидите на Alfa Romeo го прославуваат доаѓањето на Tonale

Електрична Scania минува цела држава со батерија од 624 kWh