за

Wartburg и Trabant сега и службено се олдтајмери

Автомобилите што ги помниме по миризливата трага отсега се признаени како олдтајмери во Германија. По 30 години од завршетокот на производството, ДДР-автомобилите Wartburg и Trabant се бараат повеќе од кога било.

По полни три децении откако заврши производството на Wartburg и Trabant, автомобилите произведувани во некогашната ДДР уште се присутни во неколку десетици илјади по германските патишта. Нивниот број дури и се зголемува.

Старите примероци од Trabant и Wartburg, произведени до април 1991 година во Ајзенах, во германската сојузна држава Тиринген, и во Цвикау, во Саксонија, сега масовно ќе почнат да се вадат од шупи, штали и гаражи. Нивните сопственици по долги години повторно ќе ги светнат своите автомобили и ќе ги доведат во возна состојба, за на крајот да ги регистрираат за редовен сообраќај.

Автомобилите од марките Trabant и Wartburg досега уживаа култен статус, а отсега ќе уживаат и статус на олдтајмери. За извесен дел од тие автомобили, оние што се вредни за доведување во совршена состојба, сопствениците ќе извадат и посебни таблици за историски возила, што почнуваат со H. Моментно во земјата има регистрирано повеќе од 8.000 возила од марката Wartburg. Најстарите примероци од оваа марка буквално вредат богатство.

Познавачите ценат дека пазарот за возилата од овие две ДДР-марки ќе продолжи да расте. На нивните сопственици им се исплатува да ги средат и да ги продадат возилата. За Trabant во врвна состојба се плаќа и по 10.000 евра. За реставриран примерок од Wartburg 311 Coupe, може да се бара меѓу 25.000 и 50.000 евра, зависно од состојбата. Неколку илјади евра вреди и Wartburg 1.3, последниот модел што се произведуваше до 10-ти април 1991 година.

Викендов ќе има нова серија фотографии по друштвените мрежи, поради одржувањето на средбата на сопствениците на возилата по 30 години во Ајзенах – секако, тоа ќе се случува во виртуелна форма, со испраќање фотографии. Градот во Тиринген има традиција во автомобилското производство подолга од 120 години. Во Ајзенах се произведува Opel, а секако постои и голем број добавувачи за фабриката. Автомобилски музеј исто така не недостига во градот.

Како што објавивме неодамна, бројот на регистрирани примероци од Trabant расте драстично во изминативе години. Во 2015 година, во Германија имало 32.832 возила од марката што се произведуваше во Цвикау до 30-ти април 1991 година. Лани нивниот број пораснал на 38.137 возила.

За Wartburg, педантната германска статистика открива дека по десет години од завршетокот на производството во Ајзенах и во Цвикау, во Германија имало регистрирано 52.000 примероци од Wartburg и 160.000 примероци од Trabant.

Продолжува да расте сцената на олдтајмерите во Германија. Лани во земјата имало над половина милион историски автомобили со регистерска таблица што почнува со H. За сцената се грижат над 3.500 сервисни работилници и автосалони со повеќе од 9.000 вработени.

>>> Повеќе „трабанти“ отколку „тесли“ на германските патишта

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автопилотот на Toyota во Јапонија може сам да престигнува

Автопилотот на Toyota во Јапонија може сам да престигнува

Французите ќе заменуваат стари автомобили за електрични велосипеди