за

Фолксвагенова симфонија број 8 во MQB-мајор

Што следи кога најпродаваните модели на Порше Македонија ќе се наредат еден до друг? Го бараме заедничкиот ген на овие автомобили, тоа што најмногу привлекува кај нив.

volkswagen 7 модели Порше Македонија

Таков детален одговор, вистина не очекувавме ниту од Порше. До водечката компанија во автомобилскиот бизнис во Македонија испративме рутинско прашање: Кој е вашиот најпродаван модел и за која марка најчесто се решаваат вашите клиенти? Од објектот со впечатлива архитектура во стилот на Стаклената мануфактура во Дрезден, брзо пристигна одговор, поточно порака: „Дојдете во четврток во 12 часот, ве очекуваме“.

За да покажеме германска точност (иако, австриска е поверодостојно), во Порше пристигнавме петнаесетина минути предвреме. Но, не можеш да бидеш повеќе „Германец“ од некој што со години работи според стандардите на концернот. Една минута подоцна, веќе ќе беше доцнење. Маркетинг-шефот Ѓорѓиевски, со нему вообичаената гостопримливост нé придружуваше до „одговорот“.

Škoda Octavia, Seat Leon, Volkswagen T-Cross, лимузини, кросовери, СУВ-модели, сини, бели, црвени, зелени, поредени со носовите во совршена линија. Секако, во низата се наоѓа и Golf од неговата осма генерација, во свечено бела каросерија, но пак впечатлив. Каде што има автомобили, има и Golf.

Значи, одговорот на нашето прашање не е еден, а не се ниту седум, колку што има модели во оваа низа. Одговорите всушност ги има многу повеќе. Вака наредени, одеднаш станува сосем неважно кој модел на Порше е најпродаван или која нивна марка најмногу го освојува духот на македонските возачки и возачи. Одговорот што никој не ни го кажа во говорна форма, но толку очигледно е прикажан тука, на овој микро семеен собир, во некоја парафразирана форма би гласел – Ние имаме победнички модел во секоја класа и во секој сегмент, за секој вкус и секаква потреба и пригода, во широк распон на цени… Ви благодариме што нé упативте за сами да го пронајдеме одговорот, Порше! Но, тука во моделскиов септет, се даваат уште многу други одговори.

Во времето на првиот Golf во 1970-те години, како моделско име постоело само уште Octavia

Овие седум автомобили го претставуваат генот на Volkswagen, на концернот. Собиров брзо наведува и на следниот заклучок. Додека Golf се појавува во своето осмо колено, а Leon и Octavia ги живеат своите четврти генерации, сите останати модели се првенчиња. Ateca, T-Cross, Kamiq, Karoq, не само што не постоеле ниту како концепт во времето кога светот во 1974 година првпат го виде Golf, туку и немаат модел што им претходи. Барем, не директно. Сите тие се прво колено.

Пред Skoda да го понуди Karoq, веќе постоеше еден модел на чешката марка, што беше моќен на пазарот. Yeti! Автомобилот уште е мошне впечатлив по македонските улици, меѓу другото и поради неколкуте стотини примероци од полициски Yeti, во топ-изведба, со дволитарски TDI и погон 4х4. Стотици возила се испорачаа и на приватни корисници. Кој уште би помислил веднаш, дека полициските автомобили имаат солидни осум години зад себе. На крајслерите на таа возраст веќе им се забележуваа траги од користење. Skoda дури и пред Yeti имаше модел во сегментот: Универзалецот Roomster. Тоа беа два генијални и оригинални модели, што одлично го разгазија патот, за сега да го вози Karoq.

Лани на 30-те најголеми пазари во Европа биле продадени 82.121 примероци од компактниот СУВ-модел. Во 2019 година, Karoq стигна да биде трет најпродаван СУВ на концернот, веднаш по Tiguan и T-Roc. Лани тој беше на петтото место, откако го престигнаа T-Cross и Audi Q3. Тоа му успеа на последниов, меѓу другото и поради тоа пазарот на премиум-марките помалку беше погоден од корона-кризата отколку пазарот на волуменските марки.

Seat уште во 2007 година нудеше модел со способности слични со сегашната Ateca

Слична генеза има и Seat Ateca. Компактниот ван Altea, благословен со дизајнот на Валтер де Силва, во 2007 година беше понуден во изведбата Freetrack. Шпанскиот сенаменски модел, во времето додека уште созреваше европскиот СУВ-сегмент, возеше со погон на сите тркала, со впечатливи елементи на теренец во стилот, со најмоќните мотори и со највисоките нивоа на опрема што беа достапни за Altea. Лани од Seat Ateca биле регистрирани 70.408 нови примероци на топ 30-те пазари во Европа.

Skoda Kamiq и VW T-Cross фактички се новалјлиите во понудата на концернот. Тие се најкуси – меѓу Kamiq и Octavia има разлика од речиси 60 сантиметри во должината – но затоа се покажаа како највредни пазарни тркачи. Додека сите модели на концернот Volkswagen во европскиот Топ 100, лани подизгубиле дел од пазарот поради корона-кризата, единствено T-Cross и Kamiq напредувале во продажбата. Првиот постигнал раст од 11,9% (вкупно 101.229 примероци и 28-мо место), вториот се катапултирал со +518,6% ( вкупно 75.559 примероци и 51-во место). Вистина, има уште два модели во солиден плус: Електричниот Volkswagen IQ.3 кој постигнал 54.495 регистрации лани – и во Порше дефинитивно пристига во мај! – и сé позабележливата Scala по нашите улици, во Европа со вкупно 53.156 продадени примероци, за 46,8% повеќе отколку во ’19 година.

Многу историја има во Volkswagen. Неколку поглавја се поврзуваат и со оваа пригода. Во март 1974 година, кога првиот Golf се појавува во продажните салони, Škoda ја има легендарната серија 100/110, наследничка на 1000/1100 MB, денес еден од најбараните олдтајмери. На тоа претходат првите моделски серии на Octavia, произведувани меѓу 1959 и 1971 година – името на моделот, патем, произлегува оттаму што Octavia е осми повоен модел на чешката марка.

Golf, Octavia и Leon се меѓу ретките модели со „класична“ каросериска форма што му парираат на СУВ-бранот; Тоа се моќни имиња што не трпат канибализациски ефекти дури и од сопствените СУВ-изведби

Додека 1000/1100 MB, по него 100/110, па и по него 105/120, во периодот од 1970-те до 1990-те претставуваат редовна појава по македонските улици, шпанската марка во тоа време ексклузивно си го покрива домашниот пазар. Од моделите што шпанската фабрика ги произведуваше во времето на првиот Golf, најблиску до денешниот Leon е Seat 124. Тој се произведуваше во три каросериски изведби (лимузина, комби и купе) и во периодот од 1968 до 1980 година достигна вкупна продукција од 896.136 примероци – јасно, тоа е еден од најпродаваните модели на марката во времето пред VW.

Во Seat уште тогаш ја негувале страста да им додадат нешто екстра на своите модели, да ги надградат. Така од Seat 124 во 1970-те години произлегува облагородена изведба Seat 1430, со квадратни место тркалезни предни светла, со кокпит преземен од Seat 125 и со топ-изведба Especial со 1,8-литарски мотор со 118 КС. Моделот уште има бројни обожуватели на сцената и често се спомнува во шпанските медиуми. Се спомнуваат и успесите во мотоспортот, Seat не случајно беше активен во бројни тркачки серии откако се појави првата генерација на Leon. Со ова историско поглавје на шпанската марка совршено се совпаѓа FR-изведбата во којашто се појавува Seat Leon во мини собиров. Шпанците, патем, ја издвоија и Cupra, како посебен бренд што

Назад во сегашноста. Сите модели што се наместени да бидат овековечени, без исклучок се во европскиот Топ 100 на најпродавани модели лани – од вкупно 374 модели на пазарот, колку што води официјалната статистика. Пет од нив се во Топ 50. Škoda Kamiq за влакно ја пропушта педесетката и се наоѓа на 51-то место, со 75.559 примероци, додека Seat Ateca е 59-ти најпродаван модел лани, со 70.408 примероци. Кога ќе се соберат продажбите на седумте модели, излегува бројка од 633.355 примероци. Тоа значи дека седумте модели, од Golf до Ateca, лани учествувале во целиот пазар во ЕУ + ЕФТА + ВБ, од 11.961.182 автомобили, со 5,29 проценти. Уште подобра претстава се добива кога ќе се замисли дека на секои 20 продадени автомобили лани во Европа, еден автомобил бил Golf, Octavia, Leon, Ateca, Karoq, Kamiq, или T-Cross.

Разликата меѓу Volkswagen како концерн и останатите концерни е во тоа што тој има дузини успешни модели – од сите свои марки, додека конкурентските концерни имаат само неколку модели кои се издвојуваат со продажбата – од една или две марки

Кога ќе се погледне овој редок ансамбл на седум врвни музичари, секој виртуоз на својот инструмент, се стекнува заеднички впечаток на успех. Тоа зрачи од автомобилскиов септет, зрачи победничка енергија. Секако дека Golf и натаму е најуспешен, и носител е на целиот овој ансамбл, но и останатите модели не заостануваат. Напротив, секој модел се има изборено за своето место. Octavia стекна големо име на пазарот и веќе одамна не се поврзува со Golf. Сцената ја гледа како Octavia и ништо помалку од тоа. Бестселерот на марката направи комплетна чистка и неговото силно присуство во голема мерка е причина зошто моделите на Peugeot, Opel & Co во средната класа одамна се спаднати на маргините – иако Octavia балансира меѓу компакт и средната класа, во сегашната генерација повеќе потпрена кон средната класа .

Seat Leon неодамна беше на тест во Аутомедиа, со 1,5-литарскиот TSI изведен како благ хибрид и со менувач DSG, што исто помага за штедливоста – и како круна, во изведба FR. Заклучокот на тестот беше дека повеќе автомобил од тоа не е потребен. Во неколку подрачја, Leon е дури и супериорен над Golf, особено во поглед на просторноста. Но, тоа што ја заокружува целината и му дава вистински дух е токму духот, шпански – Leon е шпански автомобил и не може да биде ништо друго. Индивидуален во стилот, суперопремен, со напредна технологија во смисла на конективноста и дигитализацијата на кокпитот, со спортска нота, со техника на VW – затоа и на тестот заклучивме: Повеќе автомобил од тоа не е потребен. Сé повеќе од тоа би било луксуз.

При кусото премиерно возење на Golf 8, во „најосновната“ варијанта, со дволитарски EA 288 Evo со 115 КС, со ниво на опрема Life и со мануелен менувач, автомобилов успеа да ни ја пренесе пораката од концернот. А, таа гласи: Golf има извозено многу километри, трилијарди километри, не во смисла на физички совладано растојание, туку во смисла на тоа дека Golf е секојдневие на овој свет. Осумкава е создадена свесно со идејата дека автомобилот ќе биде гордост да се поседува и вози и во време кога половина од автомобилите околу него ќе бидат електрични – веројатно, повеќето од нив ќе бидат ID.3. Значи, и по десет и дваесет години, ќе значи нешто да се вози Golf. Сцената нема да го гледа како „дизел“ или како автомобил „со застарена погонска технологија“, туку како автомобил што постигнал многу. Доајен. Доајен што е во тек.

Golf е автомобил со сите регистри поставени на максимум во рамките на компакт класата – нема калкулирање

При отворањето на вратата не се пропушта натписот Volkswagen на средишниот столб. Напредна е уште самата технологија што е применета, за натписот да изгледа како што изгледа и да остави впечаток уште пред седнувањето. Внатре сé е „голф“ и уште важи дека секој се чувствува како во позната средина. Дигитални инструменти со висока резолуција и широк спектар од бои влеваат доверба, а за ракувањето со функциите преку средишниот дисплеј веќе одамна се урнати предрасудите. Дигитализацијата на кокпитот денес е толку природна во автомобилите, колку што е природно телефонот в џеб да биде паметен.

Ако од автомобилот се бара да нуди многу опрема, Golf ја нуди, па додава и повеќе: Алу-тркала од 16 инчи, комплетно диодна техника за сите светлосни функции, паркинг сензори и камера за рикверц, поврзување со паметен телефон, електрична паркирна сопирачка, автоматски клима уред, радио со дисплеј од 8,25 инчи, систем за задржување во лента и предупредување при возило во мртов агол, автоматско долго светло, темпомат, амбиентално осветлување во кабината со избор од 10 бои, собирање на ретровозирите. И цена од 23.500 евра за моделот. Околу цените на Golf, кој никогаш во своите осуим генерации не бил најевтин модел во класата: Не е Golf тој што мора да ги „брка“ конкурентите со цена, опрема, техника или технологија што е голема само во рекламите, туку е обратно, тој е „целта“. Тоа значи дека Golf не мора да се деградира, туку е сосем доволно да го нуди тоа што го нуделе седум генерации пред него.

СУВ-моделите околу сржта на понудата на концернот – Golf, Octavia, Leon – тие се како специјалисти, што ја надградуваат солидната база. T-Cross е симпатично нестандарден, со големата маска како на пикап што се пробива низ јужноамериканска прашума и со шемата на опашот што двои од сите модели околу. Теренчето со техниката од Polo изгледа точно толку грубо колку што личи за неговата урбана средина, а во секојдневието тоа е фин Volkswagen. Колку малиот брат на T-Roc се разликува, најдобро се покажува кога се најде покрај Leon. Тоа се два различни света, но никој нема да се премисли дали можеби другиот свет е подобар. Кој „тргнал“ по Leon, ќе остане кај Leon. Аналогно на тоа, T-Cross.

Škoda Karoq и Kamiq се кристалите во собиров

Seat Ateca е најсвеж со септетот, иако тој ја имаше својата премиера пред сите останати модели тука. Тоа се должи на фактот што компактниот СУВ имаше моделско освежување во минатото лето. Ateca е во моделската изведба Xperience, нова по фејслифтот, со којашто се нагласува теренската нишка. Предниот и задниот дел се сменети комплетно, во стилот на најпрестижниот модел во гамата, Tarraco.

Škoda Karoq и Kamiq се кристалите во собиров. Чешки кристали. Визуелниот идентитет на Škoda се темели на традиционалната вештина на обработка на кристал и во формите и површините во нејзините модели се применуваат потези слични како кај скапиот кристал што се донесува дома како вреден сувенир од Чешка. Истото важи и за светлата, за детали во внатрешноста, таа е водечката идеја.

Колку и да се разликуваат дизајните на трите волуменски марки на концернот, повторно има нешто заедничко што ги спојува. Тоа е една од должностите на главниот дизајнер, на шеф-координаторот на дизајнот на сите одделни марки во концернот. Клаус Бишоф, односно сега Клаус Цикиора, има улога слична како на диригент на оркестар. Кога бестселерите на Волфсбург ќе се најдат вака наредени крило до крило, полесно е да се препознаат основните принципи на дизајнот на секоја марка.

Skoda има најголема и најкласична маска, Seat ја продолжува приказната и во браникот, Golf нема маска, но има џиновско лого

Golf непогрешливо ја почитува шемата: Маска речиси и не постои кај „осумката“, место тоа централното место му припаѓа на логото, најголемо од сите. Нов елемент е светлечката лента што се протега по целата ширина на носот, а во основа ја цитира фамозната црвена лента на првиот GTI. Светлата исто се потесни, за да се донагласи логото. Спротивно од тоа, Škoda става нагласок на маската: Широка, балансирано масивна, со хармонично извлечен хромиран раб, со вертикални пречки и со вовлекување во средината, за логото повеќе да се приближи до маската. Светлата имаат едноставна форма, но богат внатрешен живот. Линиите под браникот се хоризонтални, заради елеганција и за визуелно раширување на возилото. Seat прави спектакли. Маската е потесна и пониска во споредба со Škoda, со решетка со спортски крупен растер и со светла со „вонземски поглед“, како на некој робот со вештачка суперинтелигенција. Додека останатите марки се поумерени, Шпанците во долниот дел од браникот додаваат вертикални и коси елементи, кои ја нагласуваат динамиката. Leon изведува претстава и со формата на хаубата, Škoda исто така го има препознатливиот гребен по должината на хаубата, Volkswagen следи класични линии по хаубата, но тие очигледно се изведени со голема инженерска вештина.

Уште еднаш за бројките на концернот Volkswagen, за продажбите. Во европскиот Топ 100, концернот Volkswagen има дури 28 свои модели, вклучувајќи го Audi (A3, Q3, A4, A1, Q2, A6 исто се во Топ 100). Тоа е речиси една третина. Новиот концерн Stellantis, кој ги собра сите марки (и концерни) кои повеќе не можат да опстојат сами, доаѓа до 20 модели. Премиум марките Mercedes и BMW (+Mini) имаат 14 модели меѓу најпродаваните модели во Европа. Volvo го заокружува премиум друштвото со уште 3 модели. Renault, Dacia, Nissan следат со точно 10 модели. Toyota додава 5 модели, исто колку Ford, групацијата на Kia и Hyundai располага со 11 позиции во Топ 100, почесно место секако има и Suzuki, со два модела.

Octavia е прва виолина, Leon е електрична гитара, T-Cross е труба

Марките на концернот од Волфсбург непогрешливо ги погодуваат своите модели, исто како што секој член на музички оркестар, во совршено усогласен такт ја отсвирува совршената нота. Прашањето е, со кој инструмент би можел да се поистовети секој од овие модели посебно? Бидејќи Golf е основата, тој би бил концертно пијано, Оctavia прва виолина, Leon електрична гитара, Karoq виола, Kamiq кларинет, T-Cross труба, а Ateca саксофон. Или нешто слично. Но, ваков ансамбл не би звучел многу хармонично. Музичарите тешко би се договориле и околу видот на музиката. Поверодостојно е ако секој од овие модели се цени како посебна музичка група. Секако, не обична, туку популарна група што се пласира високо во европскиот Топ 50.

Кој е тогаш заедничкиот ген, спојот меѓу сите овие модели? Заедничката платформа, нормално. Но, не е само до платформата, туку прашањето повеќе е каква платформа е тоа. Поточно, платформи. Volkswagen почна прв да ја применува платформската стратегија, што веќе одамна и не спомнува под тоа име. Денес се зборува за модуларна платформа, односно за систем од заеднички компоненти.

Индустријата претходно применуваше платформска стратегија уште во времето на Детроит, на големите General Motors, Chrysler, Ford. Разликата меѓу Volkswagen и GM & Co беше во пристапот кон развојот на платформата. Америка го користеше приципот со цел да постигне колку е можно поевтина платформа што ќе се вградува во колку е можно повеќе модели и од тоа ќе се заработува масивно. Volkswagen под тогашно водство на покојниот Фердинанд Пјех, внук на Фердинанд Порше, почна да ги создава најдобрите можни платформи, со цел да направи тие по иста цена со конкуренцијата да нудат повеќе.

Волфсбург моментно е напредуван најдалеку со платформите во браншата, во поглед на квалитетот и технолошкото ниво на истите. Од друга страна, на марките им е оставен простор да се натпреваруваат меѓу себе во рамките на концернот, која од нив во најголем обем и најверно ќе ги примени принципите и квалитетите на сопствениот бренд во сопствените модели. Seat Leon во возењето се однесува различно од Škoda Octavia, исто како што чувството во Volkswagen Golf се разликува од неговите главни „соперници“ во концернот. Истото важи за Seat Ateca и Škoda Karoq или за Volkswagen T-Cross и Škoda Kamiq. Секој модел располага со сопствен идентитет, но за тоа да може да го постигне, сепак е потребна солидна основа, а платформите на Volkswagen го нудат токму тоа.

Во продолжение следат неколку класификации на седумте модели, секоја од нив посебна приказна.

Датум на почеток на продажба

Први испораки на моделите на европскиот пазар

  • Seat Ateca, април 2016 (фејслифт август 2020)
  • Škoda Karoq, ноември 2017
  • Volkswagen T-Cross, април 2019
  • Škoda Kamiq, септември 2019
  • Volkswagen Golf, декември 2019
  • Škoda Octavia, април 2020
  • Seat Leon, април 2020

Продажба во Европа

продадени примероци на 30 најголеми пазари во Европа, за 2020 година, плус преглед на најблиските 4 модели

  • 1-во место Volkswagen Golf – 285.013 примероци
    (пред Skoda Octavia – 180.902, Ford Focus -173.853, Toyota Corolla – 137.209, Leon – 111.045)
  • 5-то место Skoda Octavia – 180.902 примероци
    (исто како кај Golf, плус пред Peugeot 308 – 90.324)
  • 27-мо место Volkswagen T-Cross – 113.320 примероци
    (Renault Captur – 178.724, Peugeot 2008 – 156.138, Dacia Duster – 139.269, Ford Puma – 118.180)
  • 28-мо место Seat Leon – 111.045 примероци
    (Renault Megane – 74.536, Kia Ceed – 72.017, Opel Astra – 70.550, Fiat Tipo – 53.452)
  • 45-то место Skoda Karoq – 82.121 примероци
    (Volkswagen Tiguan – 176.288, Volkswagen T-Roc -158.638, Nissan Qashqai – 135.829, Hyundai Kona – 126.980, Toyota C-HR – 101.252)
  • 51-во место Skoda Kamiq – 75.559 примероци
  • 59-то место Seat Ateca – 70.408 примероци

Цени на моделите

Заради подобра претстава ги избравме моделските варијанти со мотор 1.5 TSI и со првото ниво на опрема што е достапно со тој мотор (Освен за Seat: Шпанската марка кај нас е под дамска менаџерска рака, па е природно што Leon и Ateca ги избравме во топ-нивото, според џенлменското мото – сé што не е најдобро, не е доволно добро. Реално, Seat на македонскиот пазар се продава претежно во топ-изведбите и од менаџментот на марката посочија во прегледот да фигурираат нивоата FR, односно Xperience)

  • Škoda Kamiq 1.5 TSI DSG Ambition 150 КС · 18.970 евра
  • Škoda Octavia 1.5 TSI ACT 150 КС Ambition · 20.330 евра
  • Škoda Karoq 1.5 TSI 150 КС Ambition · 22.120 евра
  • Seat Leon 1.5 TSI 150 КС FR DSG · 25.900 евра
  • Volkswagen Golf 1.5 eTSI DSG 150 КС Life · 30.016 евра
  • Seat Ateca 1.5 TSI 150 КС Xperience DSG · 30.900 евра
  • Volkswagen T-Cross 1.5 TSI DSG · — евра

Класификација по должина

  • T-Cross 4108 mm
  • Kamiq 4241 mm
  • Golf 4284 mm
  • Leon 4368 mm
  • Ateca 4381 mm
  • Karoq 4382 mm
  • Octavia 4689 mm

Класификација по висина

  • Leon 1456 mm
  • Octavia 1470 mm
  • Golf 1491 mm
  • Kamiq 1527 mm
  • T-Cross 1584 mm
  • Ateca1601 mm
  • Karoq 1603 mm

Класификација по меѓуоскино растојание

  • T-Cross 2551 mm
  • Golf 2619 mm
  • Ateca 2638 mm
  • Karoq 2638 mm
  • Kamiq 2651 mm
  • Leon 2686 mm
  • Octavia 2686 mm

Класификација по зафатнина на багажник

  • Leon 380 l
  • Golf 381 l
  • Kamiq 400 l
  • T-Cross 455 l
  • Ateca 510 l
  • Karoq 521 l
  • Octavia 600 l

Класификација по максимална зафатнина на багажник

  • Golf 1237 l
  • T-Cross 1281 l
  • Leon 1301 l
  • Kamiq 1395 l
  • Octavia 1555 l
  • Ateca 1604 l
  • Karoq 1630 l

Класификација по тежина на празно возило

  • Kamiq 1277 kg
  • T-Cross 1330 kg
  • Octavia 1336 kg
  • Leon 1361 kg
  • Golf 1366 kg
  • Karoq 1380 kg
  • Ateca 1408 kg

Класификација по забрзување 0-100 km/h

Мотор 1.5 TSI, со активно исклучување цилиндри при делумно оптоварување, со моќност од 150 КС при 5.000/min (T-Cross 5.500/min), вртежен момент 250 Nm од 1.400/min; Сите со менувач DSG, Skoda Karoq и Octavia се избрани во варијанта со мануелен менувач. Leon и Golf се изведени како благ хибрид, со 48-волтен стартер-генератор.

  • Karoq 8,9 s
  • Ateca 8,6 s
  • Leon 8,5 s
  • Octavia 8,5 s
  • Golf 8,5 s
  • T-Cross 8,5 s
  • Kamiq 8,3 s

Класификација по крајна брзина

  • Ateca 200 km/h
  • T-Cross 200 km/h
  • Karoq 205 km/h
  • Kamiq 215 km/h
  • Leon 217 km/h
  • Golf 224 km/h
  • Octavia 231 km/h

Класификација по потрошувачка, според WLTP

  • Ateca 6,5 l/100km
  • Karoq 6,2 l/100km
  • Kamiq 6,0 l/100km
  • T-Cross 5,9 l/100km
  • Leon 5,7 l/100km
  • Golf 5,7 l/100km
  • Octavia 5,4 l/100km

Фабричка големина на тркала и гуми

  • Kamiq 205/60R16
  • Octavia 205/60R16
  • T-Cross 205/60R16
  • Golf 205/55R16
  • Karoq 215/55R17
  • Ateca 215/50R18
  • Leon 225/45R17

Варијанта на MQB-платформа

(втора генерација на MQB-платформа, прв ја користеше Seat Ibiza во 2017 година)

  • Seat Leon, MQB evo
  • Seat Ateca, MQB-A1
  • Škoda Kamiq, MQB-A0
  • Škoda Karoq, MQB-A1
  • Škoda Octavia, MQB evo
  • Volkswagen T-Cross, MQB-A0
  • Volkswagen Golf, MQB evo

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes c class w 206

Mercedes порачува „унапредете си ја зоната на комфор“ – Нова C-Class на 23-ти

Porsche 911 GT3

Новиот Porsche 911 GT3 симна 17 секунди на Нирбургринг