за

Новиот Porsche 911 GT3 симна 17 секунди на Нирбургринг

Најтешката тркачка патека во светот е добра вежба за новиот Porsche 911 GT3. При завршното дотерување, фабричкиот возач Ларс Керн комотно извозе под 7 минути на Нирбургринг.

Porsche 911 GT3

Porsche 911 GT3 е тип на автомобил што целосниот потенцијал го покажува на тркачка патека. Северниот Јазол на Нирбургринг, во оригинал Нордшлајфе, фактички е дом на GT3. Новата генерација на моделот ја совлада најтешката тркачка патека во светот за 6:59.927 минутитоа е 17 секунди покусо од претходникот.

Спортската марка дури немаше потреба за посебно да организира услови за поставување рекорд на германската патека. Тест возачот Ларс Керн извозе време под седум секунди при завршното дотерување на новиот Porsche 911 GT3. Амбасадорот на марката Porsche, Јерг Бергмајстер, познат и како Мистер Нордшлајфе, постигна слично време на круг во неколку последувателни наврати. Тоа е најдобриот доказ дека новиот спортски автомобил од елитната лига постигнува спектакуларни перформанси на патека.

Четирилитарскиот боксер со 510 КС и со режим на високи вртежи му дава исклучителен темперамент на новиот 911 GT3, а тоа го нагласува дополнително со емотивниот звук, каков што може да произведе единствено шестилиндарскиот боксер на Porsche. Моќноста е зголемена за 10 КС, а максималниот број на вртежи остана ист, на 9.000/min.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Максималниот вртежен момент на атмосферскиот 6-цилиндарец порасна од 460 Nm на 470 Nm. Вшмукувачкиот тракт располага со шест посебни придушници, исто како во мотоспортот. Иако има два филтери за пречистување на честичките PM од издувот, лесниот спортски издувен систем е полесен од претходно.

Освен шестстепениот мануелен GT-менувач со динамична функција на auto-blip, може да се избере и седумстепен менувач со двојна спојка PDK. Исто како во мотоспортот, последниов ги менува степените за неколку милисекунди, без прекин на влечната сила. Тоа води кон импресивни времиња на спринт. Новиот Porsche 911 GT3 се катапултира од 0 до 100 km/h за 3,4 секунди, а до 200 km/h забрзува за само 10,8 секунди. Седмата генерација на 911 GT3 традиционално е достапна само со заден погон.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Голема новина е темелно реконструираната предна оска со две триаголни водилки, што претходно се докажа во победничкиот 911 RSR на Леман. Ова е првпат оската од тркачкиот болид да се примени во модел од сериско производство. Меѓу придобивките на оската е задржувањето на геометријата на водењето на тркалата во свијоци, што помага амортизерите да се растоварат од попречните сили. Тоа на возачот му се враќа преку исклучително лесна управливост и предвидливи возни својства.

Докажаната задна оска со пет водилки се базира на концептот LSA (lightweight, stable, agile) и постигнува многу попрецизно водење на тркалата, балгодарение на дополнителните сферични зглобови за долните водилки, кои се изложени на највисоки оптоварувања. Специјални амортизери овозможуваат добар комфор, додека во исто време подвозјето се грижи за подобрени перформанси на тркачка патека. GT3 стандардно располага управувана задна оска, со тркала што се завртуваат до два степени навнатре или нанадвор, односно во иста или спротивна насока со предните тркала, зависно од брзината на возење. На тој начин се постигнува повисока стабилност при високи брзини, а воедно мал круг на вртење при паркирање во тесно.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Предните сопирачки дискови со лесна конструкција имаат пречник од 408 милиметри место 380 милиметри. Тежината притоа им е намалена за 17 проценти. Тоа исто така придонесува да се смалат инерциските сили, заедно со кованите алу-тркала со централна завртка. Освен со спортски гуми со високи перформанси, првпат се нуди опција за гуми со смеша за тркачка патека, кои се дозволени за користење во јавен сообраќај. Предната оска располага со функција за подигнување, со меморија на местото на коешто носот треба да се подигне.

Во спортските автомобили со врвни перформанси каков што е Porsche 911 GT3, се внимава буквално на секој грам. Тоа важи за плексигласот во замена за стандардно стакло, за спортскиот издув и сопирачките дискови од нерѓосувачки челик, до литиум-јон акумулаторот. Само со акумулаторот се заштедуваат 10 килограми. Резултатот е сооднос од 2,8 килограми на секоја КС, што е блиску до чистокрвен спортски болид.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За намалената тежина придонесува и каросеријата од алуминиум и челик, но и зголемен удел на карбон. Од егзотичниот материјал се изработени предниот поклопец и и задниот спојлер и дифузорот, а како опција се нуди и покрив од карбон.

Активната аеродинамика на новиот 911 GT3 веќе му донесе победа на тркачкиот 911 RSR Le Mans. Задниот дифузор создава четирипати поголем потисок од претходникот (са. 60 kg), а на тоа се надоврзува фактот што воздухот струи под возилото многу порамномерно, благодарение на предните дифузери и издадениот дел од предниот спојлер. Со иновативното прикачување на задниот спојлер, коешто инженерите на куќата го нарекуваат „лебедов врат“, се овозможува и водухот да струи повеќе слободно под масивниот заден спојлер. Новиот 911 GT3 произведува за 50 проценти повисок потисок од претходникот – уште во стандардниот сетап. Доколку се намести во позиција за трка, тогаш од струењето на воздухот се постигтнува до 150% зголемен потисок при брзина од 200 km/h.

Порше Македонија обезбеди македонските новинари да бидат дел од дигиталната премиера на моделот што го носи клучниот ген на марката Porsche

Порше Македонија обезбеди македонските новинари да присуствуваат на дигиталната премиера на новиот модел што е во генот на германската марка. Во делот за прашања од медиумите, меѓу другото беше најавено и вклучување на пакет Touring, кој во неколку модели постигна „успех на пазарот и се покажа како нов ниш-сегмент, кој е интересен и за Porsche и за клиентите“. Друго прашање се однесуваше на електрификацијата на погонската спрега, како таа ќе влијае врз иднината на моделите на Porsche, на што од спортската куќа одговорија дека за иднината постои и опција за синтетски горива, со коишто исто така може да се постигне смалување на емисијата на СО2.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Porsche останува верен на принципот во GT3 да не се користи турбонатполнење и според менаџерите на спортската марка, тој принцип ќе се негува се додека е можно, иако „за тоа да се постигне е неопходно многу труд – и средства“.

За посебноста на овој модел за Porsche говори доволно и фактот што верзијата Clubsport, којашто е мошне популарна на трките за приватни сопственици, односно на Track Days, достапна е по иста цена како стандардниот GT3, со заштитен кафез, без задна клупа, со ремени со шест точки и друга опрема што е неопходна за трки.

Ценовникот за Porsche 911 GT3 во Германија почнува од 167.518 евра, испораката стартува во мај.

>>> Во новата соработка меѓу Porsche и TAG има многу историја

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

volkswagen 7 модели Порше Македонија

Фолксвагенова симфонија број 8 во MQB-мајор

bmw 520e електрични полначи

BMW и Mini имаат пристап до 173.000 електрични полначи во Европа