за

Тест: Seat Leon 1.5 eTSI FR

Напредокот кај автомобилите одамна не се прикажува преку бројки. Seat Leon 1.5 FR има 150 КС и 250 њутнметри, исто како претходникот. Впечатоците сепак се различни и тие произлегуваат отсекаде, но една мала работа има голема заслуга.

seat leon 15 etsi fr тест

Seat Leon е рано дете на платформската стратегија во концернот VW. За да го издвојат својот модел, Шпанците кај Leon отсекогаш ставаа нагласок на спортската нота, на динамиката. Во време кога ЕУ им го брои секој грам СО2 на производителите, една техника за штедење помага Leon да го задржи карактерот.

На оваа класа автомобили дефинитивно ѝ е потребно ново име. Поимот компакт-класа е далеку од тоа дека вистински ги отсликува можностите и способностите на новите модели од оваа класа. „Компакт“ повеќе наведува на некаков компромис, на откажување од едно, за да се добие повеќе од друго. Seat Leon од четврто колено, конкретно со 1,5-литарски eTSI мотор и со ниво на опрема FR, според впечатоците што ги остави по тестот во нашата редакција, претставува автомобил што не познава „ама“ или „но“. Неговото именување како модел од компакт-класа станува несоодветно, подобро е универзална класа, или најдобро, евро-класа.

Seat Leon, во тешката година за светот, во Европа се продавал почесто од Peugeot 308, Renault Megane, Opel Astra, исто и од Kia Ceed и Hyundai i30, или од типовите на Fiat или Citroen чиишто имиња пазарот веќе ги има заборавено. Според тоа што го пријавуваат статистичарите за првите три квартали од ’20, повеќе од Leon се продавале, нормално Golf, и по него Octavia, Focus и Corolla. Искачувањето во Топ 5 е голема промена и огромно признание од пазарот, кога модел со релативно куса моделска историја од дваесетина години, им го презема местото на модели што со генерации наназад го диктирале развојот на моделите во класата.

Додека голем дел од класичните комбилимузини во класата ја губат битката со СУВ-моделите од сопствената марка, Leon останува во игра. Неговата приказна уште им се гледа веродостојна на купувачите

Не треба да се нагаѓа многу, што е тоа што им се допаѓа на купувачите кај Leon. Главниот дизајнер Алехандро Месонеро-Романос создаде автомобил со силуета што почитува класични дизајнерски цитати и на тоа додава детали во класичен стил. Од осумте и пол сантиметри, колку што новакот е подолг од претходникот, пет сантиметри отпаѓаат на продолженото меѓуоскино растојание. Место да ја развлече кабината за тие пет сантиметри, Месонеро-Романос практично ја помести целата кабина наназад. Хаубата е „нападно“ долга и тоа се забележува прво кога се гледа отстрана.

Различно од впечатокот што се добива на слика, формата на светлата не е тоа што во живо најмногу го привлекува вниманието, туку тоа се силно нагласените рабови по должината на хаубата. Откако на тој начин ќе се влезе во трага на приказната што сакаат да ја пренесат од Марторел, понатаму се забележува суптилниот раб што е изведен во крилата и точно го следи изрезот на хаубата. Сето тоа е во класичниот стил на автомобилите од 1970-те и 1980-те години. Истото важи и за секси – заоблувањето на хаубата, пред линијата да продолжи право надолу по маската. Впечатокот е како да се стои покрај ново издание на некој историски модел што е врежан во убаво сеќавање.

Многу е работено на деталите. Овие форми не здодејуваат по пет минути, туку секогаш привлекуваат од ново. Возачите и познавачите на Seat ќе подигнат палец и за мат графитната боја на рамката на маската, на капите на ретровизорите и на сложените аеро-елементи во предниот браник. Во последниве непогрешливо се чита генот што шпанската марка го носи од мотоспортот. Овие детали се традиционалниот стилски потпис на FR. Буквата R во ознаката назад и втората боја во краците на тркалата секако дека исто е во мат графитна боја.

Seat Leon FR можеби привлекува внимание со предните и задните светла, но главната визуелна одлика му е отменоста во појавата

Стилскиот елемент на којшто најмногу се гордеат возачите на Seat Leon секако дека е светлечката лента по целата ширина на опашот, стандард кај FR. Многу диксусии се разврзуваат, дали е поубав предниот или задниот дел на Leon. Суштината е во тоа што автомобилот од Барселона постигнува отмена и благородна појава. Тоа воедно и одговара за улогата на Leon како знаменосец во не-СУВ понудата на Seat – уште еден аргумент, зошто ова повеќе не е компакт-класа.

Seat Leon 15 etsi fr тест

Друг стилски белег што се пренесува од минатото е малиот изрез на поклопецот на багажникот. Првиот Leon имаше тесен и низок изрез на багажникот, вториот исто така, третиот, сега и четвртиот Leon го прави истото. Куќните дизајнери како отсекогаш да сакаа да го „порекнат“ постоењето заден поклопец и голем багажник зад него. Намерата е јасна, Leon уште од старт е позициниран како спортски модел и нема потреба да се нагласува багажникот. Дури и логото уште тогаш служеше како отворач. Данокот за оваа стилска препознатливост: Тежок куфер би морало да се подигне десетина сантиметри повисоко, отколку на пример во Golf. Значи, што е повредно: Опаш што изгледа вака луто и стегнато, или цела порта назад, што не остава место за стил?

„Леонштината“ се покажува на возачкото седиште. Спортски волан зарамнет долу, доследно перфориран и со црвен штеп, со двоен вертикален крак што е лакиран во некој чудно интересен финиш, секако со натпис FR на него. Седиштата исто се спортски, контурирани и педантно обложени со материјал на којшто како да е напишано Volkswagenqualität. Друго ништо не е потребно. Друго и не се вградува. Во целата средишна конзола има само четири копчиња: За безбедносни трепкачи, за паркирната сопирачка, за ауто-холдот и за заклучување. Бирачот за менувачот е сведен на ергономски најмалата можна мера, пред него е само уште копчето за старт. Нема бирач за програма за возење, нема ниту копче за грејачите во седиштата. Дури и најосновните команди за потопло или постудено отсуствуваат.

Дискусиите околу предностите и недостатоците на ракувањето преку дисплеј завршија уште пред вистински да се разгорат. Тоа е завршено поглавје, барем ова смартфон-ракување во Leon функционира одлично

Дека е можно сите овие функции да се „вградат“ во еден дисплеј, тоа е неоспорно. Но, дека до сите фунции – или барем до оние до коишто се посегнува најчесто и за кои своевремено постоеја копчиња во автомобилите – ќе може да се доспее преку само две допирања на дисплејот, тоа веќе е мајсторија што мора да се признае. Ако некогаш кај автомобилите најмногу радуваше напредокот во погонската техника, денес најмногу одушевува кога софтверските инженери ќе ја погодат логиката на ракување со овие дисплеи.

Вистина е дека од една до друга автомобилска куќа постојат големи разлики во начинот на ракување, поточно во логиката на ракување. Меѓутоа е вистина и дека „новиот“ начин на пристапување до функциите кај Seat Leon, не само што не предизвикува паника, туку и станува забавно да се шета по менито. Преоѓањето од физички на сензорски команди веќе е завршен процес. Логиката одговара, привикнувањето се одвива брзо, малку има за што да се забележи. Денес да се критикува постоењето на дисплеи за ракување со функциите во возилата е исто како да се тврди дека Nokia 3310 била добар телефон за сурфање на интернет. Токму таа врска меѓу „автомобилските“ дисплеи и современите паметни телефони објаснува зошто толку брзо се заокружи овој процес на замена на „ринглите“.

За нијанса подолго привикнување ќе биде потребно за повторно разместените функции до коишто се пристапува преку копчињата на воланот, отколку за средишниот дисплеј. А, причината зошто има нови функционалности се наоѓа веднаш зад воланот. Во Leon FR стандардно се вградуваат дигитални инструменти со раскошна дијагонала. Овој, по ново, возачки дисплеј, се состои од три полиња. Во секое од тие полиња одделно, возачот може комотно да избере што да се прикажува. Во левиот дел може, на пример, да се избере моментната потрошувачка, во десниот дел да се прикажуваат радио станиците, за во средина комотно да се рашири навигацискиот приказ.

Кокпитот во шпанскиот автомобил е како унапредена реалност, целиот концепт на ракување е различен и надграден во споредба со класичниот

Инспирацијата на дизајнерите од класичните автомобили се познава и во дисплејот. Освен класична шема со тркалезни инструменти, може да се избере шема со коцкасти инструменти и класична графика. Колку е корисно во возењето да се менува приказот на дисплејот, зависно од ситуацијата или расположението? Неверојатно е корисно. Кога на пат се минува, на пример, низ населено подрачје, ќе се избере прикажување на брзината со најкрупни бројки. Во друга ситуација, кога на возачот не му е познато каде точно треба да скршне, во тој случај е нормално дека ќе се избере навигацијата да се рашири по целиот дисплеј.

Сето тоа се составни делови од новото – и убаво – секојдневие во автомобилите од новите генерации. Колку што е технолошки напреден и актуелен, Leon во исто време потсетува и на своите корени, на „суперкопа“, на „еурокуп“, па и на темелот и врвот на целата спортска активност на Seat, на Cordoba WRC. Моделските изведби Cupra и FR кај шпанската марка не се маркетиншка измислица, туку се автомобили што конкретно се базираат врз успесите на марката во мотоспортот. Целото наследство од тркачките патеки, дизајнерите вешто го внеле во кокпитот преку страничните отвори за воздух, кои речиси незабележливо продолжуваат во стилизирани канали, налик на цревата што во класичните времиња на мотоспортот обезбедуваа свеж воздух во кабината.

Leon Formula Racing секако дека е далеку од тркачка машина, но е сосем близу до добар гран-туризмо. Спринтови што оставаат без здив и бурно повлекување додека веќе се вози со темпо за на автопат нема да се случат во 1.5 FR, исто како и во кој било друг модел од класата, со мотор со 150 КС и тежина од близу 1,4 тон. Убавината на оваа моделска изведба со обврзувачка ознака е во долгите патувања што се минуваат во еден здив, што значи, пак се минуваат динамично. Шпанската комбилимузина вози прецизно, вешто, контролирано, мазно. Патувањето е целта, а не пристигнувањето. Човек сака да ја вози оваа кола и ужива во тоа.

Leon е модел над којшто не постои поголем не-СУВ во понудата на Seat, па затоа и просторниот плус на задната клупа го поместува моделот поблиску до средната класа

Тоа им се допаѓа и на патниците, нормално. Назад има дури и повеќе слободен простор пред колената отколку во Golf 8, што се должи на подолгото меѓуоскино растојание на Seat. Пристапот е лесен, седењето е правилно, пријатно е просторното чувство, има и многу простор за багаж назад. По соборувањето на клупата се добива товарен простор со шампионска зафатнина од 1.301 литри, наспроти 1.210 литри кај претходникот. Тоа што дводелен под и поубедлива подна облога отсуствуваат дури и во FR, сепак укажува на постоењето наменска комби-изведба Leon Sportstourer, со 620 литри стандардно и со сите можни функционалности што се очекуваат од таква каросерија.

 

Најдоброто за крај, впрочем и најважното. Моторот 1.5 eTSI е тоа што му дава вистинска смисла и го заокружува целиот збир од квалитети на Leon. Станува збор за мотор што во технолошки поглед веќе е едно скалило над „масата“, со ACM. Тоа е кратенка од Active Cylinder Management, односно можност моторот да се префрли на работа со само два цилиндри, заради заштеда. Техниката веќе со години се користи во концернот и преку „гаснењето“ на цилиндрите, во основа ги смалува отпорите во моторот, во ситуации кога не е потребно ангажирање на сите цилиндри, на пример, при возење со ниска брзина и при умерено забрзување, но може да се случи и при возење со постојана брзина на автопат, доколку условите го дозволуваат тоа.

Уште една техника за штедење што ја користи VW е т.н. едрење. Функцијата се постигнува во комбинација со менувач со двојна спојка. Кога при патно темпо ќе се отпушти педалот за гас, врската меѓу менувачот и моторот се одвојува, со цел да се овозможи автомобилот да го искористи залетот максимално, односно да „одлизга“ колку е можно подолго. Со повеќе внимание, возачот може да почувствува кога Leon 1.5 eTSI се префрлува на едрење. Некои возачи од постарите генерации своевремено ја практикувале оваа техника, префрлувајќи го менувачот го празен óд кога патот е прав и по блага надолнина. Сега тоа го прави интелигенцијата на автомобилот.

Батеријата е толку компактна што ја собира под совозачкото седиште, додека под возачот е контролниот модул, мозокот на благиот хибриден погон во „eTSI“

Третата техника за штедење е mHEV, односно благ хибрид. Seat во комбинацијата од 1.5 TSI и менувач DSG во новиот Leon, секогаш вградува стартер-генератор и 48-волтна техника, место класичен стартер и алтернатор – и 12-волтна техника. На сето тоа се надоврзува и мала батерија што комплетно ја собира под совозачкото седиште и што се полни при запирање и при пуштање на возилото под залет. На тој напин акумулираната енергија во батеријата се користи за напојување на стартер-генераторот, кој во услови на поаѓање или при забрзување, функционира како електромотор со моќност од десетина киловати. Друга предност на стартер-генераторот е тоа што е споен со коленастото вратило преку ремен, поради што стартувањето е меко и речиси нечујно – работата на старт-стоп системот одвај се чувствува.

Благиот хибрид реагира молскавично при поаѓање и целосно го надминува малиот комфорен заостаток што го имаат менувачите со двојна спојка во споредба со класичните автоматски менувачи. При поаѓање со DSG на семафор, некогаш може да се почувствува мало доцнење, долго веројатно десетинка или две. Понатаму, само во директна споредба меѓу DSG и класичен автоматик со претворач на вртежен момент, вториов овозможува за нијанса помазно поаѓање. Тоа се мали, повеќе незначителни разлики, што малкумина ќе ги забележат, но техно-фриковите се свесни дека тие постојат. Токму стартер-генераторот го надминува тоа условно колебање кај DSG и во оваа комбинација со 1.5 TSI го нуди веројатно најмекото поаѓање со овој тип менувач. Кусо, милина.

Нормално дека сета оваа техника може без проблем да ја држи потрошувачката на гориво во распон меѓу шест и седум литри. Исто е нормално и потрошувачката да се искачи литар или два, доколку зад воланот се најде возач што сака да се увери дека Leon ја заслужува ознаката FR. Пристапот до функцијата за вклучување на спортската програма, секако дека е преку дисплејот. Во тој случај, Leon FR нема да пропушти да ги докаже своите спортски гени, во поглед на дотерувањето на подвозјето и во возните својства. Тоа е воедно и суштината на автомобилов. Уживањето во возењето. Ова е добар FR.

Seat Leon е автомобил со „македонски корени“

Seat Leon е македонски феномен, македонски автомобил. Додека бројни други модели што се важни во класата, во своето поставување на нашиот пазар го наследија имиџот што го уживаат надвор, во други држави пазари и во други региони, Leon сам се избори за местото што го ужива на нашата автомобилска сцена. Тој практично ги повлече и останатите модели на шпанската куќа, им го пренесе својот имиџ. Уште од првата генерација, Seat Leon во Македонија отсекогаш постигнувал еден од највисоките пазарни удели, гледано во европски рамки.

Значи, сепак се работи за модел на којшто не му се потребни спектакуларни светла или шарени дисплеи за да биде забележан во Македонија. По возачкото искуство со сите четири генерации на Leon досега, за оваа генерација и за овој модел конкретно, ќе кажеме: Повеќе автомобил од ова, не е потребен. Seat Leon 1.5 eTSI FR е оптимумот. Сé што ќе биде над е повеќе од тоа што е потребно и веќе преоѓа во луксуз – реално и според нашите пазарни прилики. Според тоа што го нудат денешните автомобили од „универзалната“ класа, исто така. Аналогно, сé што е подолу, ќе биде предмет на желба и потреба за менување. Leon FR е крајно решение и конечен избор. Автомобил со којшто човек може да се биде спокоен.

Посебноста на Leon е токму во неговата посебност. Шпанскиот модел е пред сé индивидуален. Истата техника и истите квалитети може да се добијат и во VW Golf 8 или Skoda Octavia. Но, Leon пак е тој што става најмногу на индивидуалноста. Автомобилов има умерена спортска нота и сосем пристојна возна динамика. Доволно е моќен, располага и со ефективна техника за штедење, стилски е, изобилството од опрема му е доблест, просторен е и на задната клупа, добар е и за градското секојдневие и за долги и пријатни патувања, а секако на крајот убедува и со „фолксвагеноста“.

Редовна цена на тестираниот модел, вклучувајќи ја дополнителната опрема, изнесува 29.200 евра, во рамките на промотивната кампања, Порше Македонија го нуди моделот за 25.500 евра, заедно со специјална металик црвена боја.

Дополнителна опрема во тестираниот модел:

  • Park Assist помош за паралелно паркирање со предни и задни паркинг сензори
  • Seat Full Link
  • Комфорен пакет: Сензор за светла, сензор за дожд, самозатемнувачки внатрешен ретровизор, одложено гаснење на светлата
  • Алу-тркала 18 инчи Performance
  • Зимски пакет (греење на предни седишта)
  • Full LED
  • Карти на Европа со апдејт на мапи
  • Навигациски систем со 10 инчен екран, 8 звучници, USB, блутут, говорни команди

>>> Линк до страницата за моделот на Сеат Македонија

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Макпетрол им подари таблети на 1.000 ученици

Макпетрол им подари таблети на 1.000 ученици

Daimler разви посебни камиони-ладилници за разнесување вакцини низ Индија

Daimler разви посебни камиони-ладилници за разнесување вакцини низ Индија