Фолксваген ќе прави евтини електрични автомобили за Кина

Концернот Фолксваген ќе развие нова платформа, што ќе биде наменета за евтини електрични модели во Кина и ќе користи повеќе делови од локално производство, за да ги скуси трошоците. Тоа е дел од планот, за германскиот производител да го поврати делот што го изгуби на најголемиот автомобилски пазар во светот.

Новата платформа, што се води како А Главна Платформа, ќе биде развиена посебно за вкусовите на кинеските возачи, во поглед на батеријата, погонот и електромоторот. Тоа за новинарите го изјави шефот за Кина, Ралф Брандштетер, за време на неговата посета на новиот центар за развој и набавка во Хефеј, град во централна Кина.

Кинеските купувачи на нови автомобили се помлади, свесни се за технологијата и обожуваат да доживеат дигитално искуство во своите автомобили, додаде Брандштетер.

Платформата за којашто зборува шефот, произлезена е од таканаречената МЕБ-платформа, односно модуларен систем за електричен погон. Тоа е постоечката платформа на Фолксваген, што е наменета исклучиво за електрични авотмобили и се користи од 2019 година наваму. За новата варијанта ќе се користат главно делови од кинеските добавувачи. Таа ќе биде подготвена за старт во 2026 година, што е за една третина покусо во споредба со времето што досега беше потребно за развој на нова платформа.

Компанијата најави дека има намера до 2026 година да претстави 10 нови модели со електричен погон за светскиот пазар, како и да го забрза времето што е потребно додека новите модели се пуштат во продажба. Од сегашните четири години, тоа време треба да се сведе на 2,5 години, колку што е просекот на кинеските конкуренти.

Кина е „ценовно мошне чувствителен“ пазар и Фолксваген мора да ги скуси трошоците, објаснува Брандштетер.

„Кога продажбата (на електричните автомобили) ќе се зголеми… важно е ние да бидеме профитабилни во одржливоста. Поради тоа, развиваме технологии, ја зголемуваме брзината и ги скусуваме трошоците.“

Лудгер Лирман, главен технолог во центарот во Хефеј, што се води како Фолксваген Груп Чајна Технолоџи Компани (ВЦТВ), одговорен е за развојот на платформата. Тој наведе пример дека компанијата успеала да ја скуси цената на дисплеите во таблата со инструменти за 37 проценти, заменувајќи го глобалниот добавувач со добавувач од Кина.

Фолксваген во минатата година им го препушти на БИД насловот на најпродавана автомобилска марка во Кина. Тоа е резултат од жестоката конкуренција со локалните производители на електрични автомобили, како и од големата зависност од продажбата на возила со бензински мотори, чијашто продажба опаѓа во земјата.

Најпродаваниот електричен модел на Германците, ИД.3, годинава е на 22-то место во продажбата на електрични возила во Кина, откако продажбата со помош на големи попусти се искачи на околу 10.000 примероци на месечно ниво во периодот од јули до октомври. Лани, тој просек изнесуваше 2.200 возила месечно.

Основни модели

Фолксваген притиска за проширување на својата понуда од модели во Кина, со цел да ги привлече посебно купувачите во основниот и средниот ценовен сегмент на електрични возила. Сегашната понуда од модели на Фолксваген, со цената е позиционирана над поголемиот број од кинеските ривали, што произведуваат само електрични возила.

Намерата е врз новата платформа да се развијат четири модели, со цена меѓу 140.000 (околу 19.400 долари) и 170.00 јуани. Така Фолксваген ќе може да им се спротивстави на соперниците во сегментот со којшто во моментов владеат бензинските модели, објаснува Брандштетер.

Автомобилите треба да се произведуваат во заедничките компании на Фолксваген со САИЦ и ФАВ, додаде шефот.

Фолксваген вложи околу 1 милијарда евра во изградбата на ВЦТЦ, кого што го цени како клучен за својата „стратегија Кина за Кина“. Во центарот е предвидено да работат повеќе од 2.000 лица.

Работата во центарот се однесува главно на ускладување на набавката, со цел добавувачите уште во почетокот да бидат вклучени во развојот на нови модели. Важна работа на центарот претставува и поврзување на развојот меѓу трите заеднички компании на Фолксваген во Кина – САИЦ, ФАВ и ЈАЦ Моторс.

Со центарот „повеќе не е потребно да се троши многу време во ускладување на различните временските зони со техничарите во Германија,“ наведува Брандштетер.

„Ние ќе ја зголемите делотворноста на нашите процеси на развој и ќе бидеме во можност за 30 преценти да го скусиме времето што е потребно за производите да се најдат пред кинеските купувачи, додека во исто време се осигуруваме дека излегуваме во пресрет на нивните барања.“

Фолксваген во јули потпиша договор со кинескиот производител на електрични возила Експенг, со цел да ја зајакне својата понуда од електирчни модели. Како дел од тоа партнерство се развиваат два нови модели, што се наменети кон купувачите од средната класа. Овие модели ќе се произедуваат врз постарата генерација на платформата на Експенг. Продажбата се очекува да започне во 2026 година.

Претходна објаваПариз со поскап паркинг ќе ги брка големите СУВ од градот
Следна објаваШведска не им издава регистерски таблици на сопственици на Тесла

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here