Фабриката во Дрезден, што во времето на најголемиот подем на концернот под Фердинанд Пих беше изградена како најпрестижен погон, не само во рамките на Volkswagen, денес започна со сериско производство на електричниот автомобил Volkswagen ID.3.
Дрезден е втората локација на којашто концернот Volkswagen го произведува својот електричен компакт ID.3. Денес во Стаклената мануфактура, подигната во времето на луксузниот Phaeton, стартуваше сериското производство на „електричниот голф“. Главниот град на германската покраина Саксонија се придружува на Цвикау, каде што прво започна производсвото на ID.3. Во почетокот во Стаклената мануфактура ќе се монтира само мала серија примероци од моделот.
Производствената линија во фабриката во Дрезден претрпе големи преправки од почетокот на годината, со цел таа да се приспособи за производство на возила што се базираат врз модуларната платформа за електрични возила MEB на концернот Volkswagen. Во Дрезден досега се изработуваше e-Golf, последниот примерок од електричниот компакт излезе оттука во декември лани.
Volkswagen целосно ја префрли својата стратегија на електричниот погон и до 2024 година ќе вложи 33 милијарди евра во електромобилноста. Во ноември 2019 година, во Цвикау започна производството на ID.3, а во меѓувреме започна и производството на СУВ-моделот на струја ID.4, кој исто така ја користи платформата MEB.