за

Внимателно возење при пороен дожд и невреме

За целава недела се предвидуваат дождови и невреме. За при возењето да не се западне во опасна ситуација, следат неколку совети што треба да се имаат на ум.

аквапланинг сите совети

Најважниот совет е воедно и универзален совет. При невреме, смалете ја брзината, затоа што при пониска брзина може полесно да се реагира при удар од силен ветер. Секако дека мора да се вози крајно внимателно и во секое време да се биде подготвен за сопирање, затоа што другите учесници во сообраќајот може да реагираат несоодветно и да предизвикат опасност.

При возење во невреме треба да се биде подготвен и на паднати гранки или стебла на патот. Кога пред поаѓањето се знае дека претстои невреме, не е на одмет да се провери дали до одредиштето може да се вози по друг пат, по којшто е помала опасноста од невремето. Одложување на патувањето секако е опција.

Основното е да се внимава при минување преку мостови и низ шумска пресека, затоа што таму е голема опасноста од нагли удари од ветар. При престигнување камион или автобус, мора да се внимава на тоа дека по влегување во заткрила зад нив, автомобилот може нагло да повлече настрана. Посебно треба да се внимава при излегувањето од заткрилата, кога камионот повеќе не штити и возилото повторно е изложено на силниот страничен ветар, кој може да го измести возилото.

Велосипед или багажник на покрив ја зголемуваат површината врз којашто дејствува ветерот. На силен ветар се посебно чувствителни и возила што влечат приколка, а нормално и самите камиони и автобуси, кои некогаш мошне забележливо се изместуваат под дејство на ненадеен силен ветар и можат да удрат во возило што ги престигнува во моментот. Во најлош случај, се заканува опасност од превртување.

Сцена од мерењето на брзината при која што се појавува аквапланинг, односно опасното создавање воден клин под гумите

При силен дожд расте и опасноста од аквапланинг. За да се спречи запливување на тркалата под дејство на воден клин, брзината треба навреме и соодветно да се намали. Кога бришачите мора да се пуштат на најбрзо, совет е да не се вози над 80 километри на час. При длабоки бразди во патот, внимавајте тркалата да не влезат во нив, кадешто има дебел слој вода. Појавувањето на аквапланингот често може да се наслушне преку промената на звукот на моторот, како и по препознатливиот звук од водата на патот. Поради тоа, радиото треба да се стави потивко. При запливување на тркалата, никако не реагирајте нагло со воланот и не сопирајте. Обично е доволно само да се отпушти педалата за гас.

Кога патот е поплавен, никако не се залетувајте. Водата може да влезе во вшмукувачката гранка, а тоа понатаму води кон скапи штети на моторот. Без да се провери колку навистина е длабока водата, не треба да се влегува во поплавено подрачје од патот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Sportage е уште еден дизајнерски потфат на Kia

Toyota претстојниов викенд ја вози својата 100-та трка во издржливост