Волво Икс Ц 90 си го почитува бензинскиот погон

Волво Икс Ц 90 доби нов нос, потенки светла, нова хауба и браници, како и нов изглед на маската.

Волво му подари големо освежување на еден од своите најважни модели од последната деценија, во време кога шведскиот производител се реши да направи отстапка од намерата да премине на целосно електрична марка по 2030 година. Силната побарувачка за моделот што користи бензински мотори, на сите страни на светот, го продолжи моделскиот век на големиот СУВ-модел за уште неколку години.

Обновениот Волво Икс Ц 90 има целосно нов нос, внатре има поголем дисплеј со уште поостра слика и побрза реакција, а извршени се и неколку практични зафати, за телефоните и пијалоците да имаат сигурно место во кабината.

Тоа што не е сменето кај моделот од втората генерација што е конструиран врз платформата СПА, тоа се благиот хибриден и приклучниот хибриден погон.

Дизел моторите си заминаа засекогаш од марката на 26-ти март, кога производствените ленти ги напушти последниот Волво со дизел мотор, и тоа беше Икс Ц 90.

Волво веќе започна со нарачки за новиот модел. Производството во фабриката во Торсланда, Шведска, планирано е да отпочне кон завршетокот на годината.

Досега се продадени близу 1 милион примероци од Волво Икс Ц 90

Волво нема намера да престане со производство на Икс Ц 90 и напоменува дека дури и по повеќе од една деценија на пазарот, и близу еден милион продадени примероци, очекува СУВ моделот да остане главен двигател на продажбата и профитот уште неколку години. Не се наведува датум кога би престанало производството.

Во светски рамки, Икс Ц 90 лани ја имаше втората најдобра година, со продадени 107.500 примероци. Рекордот е од 2021 година, кога на светскиот пазар беа пласирани преку 108.000 возила.

 

Што е ново?

Волво наведува дека надворешнсота на Икс Ц 90 е преработена за возилото да добие посовремена и посамоуверена појава и со изгледот да се вклопи повеќе со најновите модели со електричен погон, односно со Е Икс 90 и Е Икс 30 (тест).

Преработениот нос покажува ново толкување во изгледот на „чеканот на Тор“, како што се нарекува изгледот на светлата што Волво го лансираше при дебито на моделот во август 2014 година. Светлата на новиот Икс Ц 90 се потенки и располагаат со матрична диодна техника, со повеќе точкести извори на светлина, што произведуваат подолг светлосен сноп.

Приспособливото долго светло дозволува да се вози со постојано вклучено долго светло, без притоа да се заслепува или попречува сообраќајот отспротива.

Обновениот Икс Ц 90 исто така има нов изглед на отворите за воздух напред и мошне впечатлив изглед на иконското лого на Волво, што симболизира железо.

Хаубата е сменета, исто како и светлата, за новиот модел повеќе да се разликува од претходникот.

Волво ја преработе надворешноста на Икс Ц 90, за возилото да добие посовремена и посамоуверена појава и со изгледот да се вклопи повеќе со најновите модели со електричен погон, односно со Е Икс 90 и Е Икс 30.

Нови зафати има и во предниот дел од кабината, каде што главно се забележува хоризонталната ориентација на кокпитот, како и површините што имаат повпечатлива текстура.

Тоа што возачите веднаш ќе го забележат во новиот Икс Ц 90 е новото уредување на средишниот тунел, со држачи за чаша 2+1. „Единицата“ е помал отвор кадешто се сместуваат потенки лименки, на пример Ред Бул. Има уште едно наменско место, коешто е замислено да сместување мобилен телефон. Два прста подалеку се наоѓа безжичниот полнач.

Волво го смени и ентериерот. Највпечатлива промена е средниот дисплеј што порасна од девет на 11,2 инчи.

Вертикално поставениот средишен дисплеј порасна од 9 на 11,2 инчи. Волво ја зголеми и густината на точките за 21 проценти, што води кон поостра слика.

Покрај тоа што е поголем, диспејот располага и со повисока резолуција, благодарение на зголемувањето на густината на точките за 21 проценти. Дисплејот воедно реагира побрзо во споредба со тековниот модел, кај којшто некогаш се потребни неколку секунди додека се појави бараната функција.

Сменетиот дисплеј располага со малечки полиња во дното на екранот, заради полесен пристап до главните функции. Тоа е преземено од Е Икс 30 и Е Икс 90.

Приказот од камерите во 360 степени помага при паркирањето, со тоа што сега располага со поделен приказ на екранот, за возилото во исто време да се гледа од повеќе агли.

Волво ја подобри и звучната изолација, со повеќеслојни стакла и со подебел слој изолациска пена во предните и средните столбови.

Нарачките за новиот Волво Икс Ц 90 веќе започнаа, производството во фабриката во Торсланда, Шведска, планирано е да отпочне кон завршетокот на годината.

Богата историја

Кога тековниот Волво Икс Ц 90 го имаше своето деби во 2014 година, шведскиот производител беше во незавидна ситуација.

Откако моделската серија ја имаше својата премиера во 2002 година, првиот Икс Ц 90 се покажа како достоен соперник за Мерцедес М-Класа, сегашен ГЛЕ, и за БМВ Икс 5. По близу 12 години на пазарот и трка со ривали од ковот на БМВ Икс 5, којшто во 2013 година беше во својата трета генерација, Волво мораше да ги менува нештата.

Меѓу причините за невообичаено долгиот животен век, што инаку трае околу седум години, беше неизвесноста дали Форд ќе ја задржи шведската компанија што ја презеде во 1999 година.

Форд во 2010 година го продаде Волво на кинескиот холдинг Џили. Втората генерација на Икс Ц 90 е да биде првиот нов модел под кинескиот сопственик.

Во 2016 година, Кент Фолк, кој беше шеф за развојот на Икс Ц 90 и за сестринските модели С 90 и В 90, кажа за медиумите дека решението за Волво да премине во сопственост на Џили било решавачки момент за постоењето на компанијата.

„Имате избор. Можете да легнете и да умрете, или да почнете од празен лист хартија“, кажа директорот.

Икс Ц 90 беше столб на враќањето на Волво на старото место. Откако моделот доби важна улога во светската продажба на Волво во 2015 година, шведскиот производител шест пати во период од девет години поставуваше нови продажни рекорди. Најдобри години беа 2015-2019 и 2023.

Волво уште претходно најави дека 2024 ќе биде рекордна година.

Икс Ц 90 е првиот модел што е конструиран врз скалестата продукт архитектура (СПА) и прв модел со исправен дисплеј во кокпитот, во замена за класичните копчиња. Тоа беше и прва голема премиера под извршниот директор Хакан Самуелсон, кој го презеде шефовското место во 2012 година и пред две години си замина од компанијата.

Втората генерација на Икс Ц дебитираше во август 2014, за веќе во февруари следната година Волво да достигне 16.000 нарачки за моделот. Тоа му донесе одличен имиџ на големиот СУВ што оттогаш е продаден во повеќе од еден милион примероци и меѓу најпродаваните модели е во 97-годишната историја на Волво.

Слично како во 2014 година, Волво повторно е на крстосница. Марката се обврза да премине во целосно електрична понуда од модели по 2030 година. Планот за следната година беше половина од светската продажба да ја постигнуваат електричните модели.

Волво на 4-ти септември објави дека се откажува од целта и наведе дека преоѓањето на електричен погон се одвива со различна брзина на различни страни на светот.

Видеото од тестот на Волво Е Икс 30

Претходна објаваКупра поставува големи очекувања за продажбата на СУВ-моделот Терамар
Следна објаваКинеска Омода ја престигна Тесла во продажбата во Шпанија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here