Купра поставува големи очекувања за продажбата на СУВ-моделот Терамар

Купра го прикажа компактниот СУВ-модел Терамар и најави цел за продажба на 70.000 примероци годишно. Планот на спортската марка на концернот Фолксваген е да достигне вкупна годишна продажба од половина милион возила.

Со должина од 4,52 метри, Терамар го дофаќа горниот крај на сегментот на компактните СУВ-модели. Тој е подолг од двата компактни СУВ што Купра ги има во понуда, од Атека (4,4 метри) и Форментор, што со своите 4,45 метри има силуета на купе. Новиот модел е позициониран под целосно електричниот Таваскан, со 4,65 метри.

Производството ќе се одвива во фабриката на концернот Фолксваген во Ѓер, Унгарија, покрај Ауди Ку-3 Спортбек, со којшто ја дели основата.

Терамар го носи името на старата тркачка патека во Шпанија, каде што беше прикажан првпат во 2022 година. Тоа е воедно истото место на коешто и марката Купра беше лансирана во 2018 година. Новиот модел ја доживеа својата премиера на 4-ти септември во Барцелона, во седиштето на Сеат и Купра.

Ценовникот за Германија ќе почнува од 43.000 евра, а ќе завршува со изведбата Америка Куп со цена од 59.945 евра.

Првите примероци ќе бидат испорачани во Европа во почетокот на ноември. Надвор од Европа, Терамар ќе се продава на само неколку пазари, меѓу кои Австралија и Мексико.

Во поглед на погонот, ќе може да се избира меѓу класичен бензинец, два бензинци што се изведени како благи хибриди и две изведби со приклучен хибриден погон. Моќноста се движи од 150 до 272 КС. Некои изведби нема да бидат на располагање на одредени пазари.

Свен Шувирт, директорот за продажба на Купра, цени дека главнината од продажбата на Терамар ќе отпаѓа на изведбите со приклучен хибрид.

Шувирт вели дека целта за годишно да се продаваат по 70.000 возила е „амбициозна“.

Тој кажа дека Купра ги гледа Терамар и Таваскан како модели што се надврозуваат едно со друго и дека купувачите што бараат поспортски модел ќе се решат за Таваскан.

Купра Атека, што е изведена од истоимениот модел на Сеат, ќе остане во производство. Терамар и Таваскан се сопствени модели на Купра.

Иднината на Таваскан е неизвесна, затоа што ЕУ во ноември треба да воведе високи царини за електричните возила што се произведени во Кина и се увезуваат во Европа.

Вејн Грифитс, извршен директор за Сеат и Купра, во Барцелона изјави за Ројтерс дека Таваскан ќе биде „збришан“ со царините, што според првичните планови ќе додадат 21 проценти царина, дополнително на постоечките 10 проценти. Се очекува ЕУ да го донесе конечното решение во ноември.

Најпопуларниот модел на Купра, Форментор, во првата половина од годината се продаде во 61.700 примероци, по него следи Леон со 36.000 возила. Шувирт наведе дека вкупната продажба пораснала за 17 проценти, на 125.700 возила.

Изведбата на Терамар со приклучен хибрид постигнува електричен досег од преку 100 километри, благодарение на батеријата од 19,7 кВч. Батеријата може да се полни со моќност до 50 кВ и иста е како во освежените моделски годишта на Купра Леон и Форментор со приклучен хибрид, со Фолксваген Голф и останатите модели од групацијата.

Надворешниот дизајн на Терамар покажува слични зафати со неодамна претставените нови моделски годишта на Форментор и Леон. Тоа вклучува хауба со изглед на „нос на ајкула“ што е зашилена надолу и триаглести ЛЕД светла.

Сегментот на компактните СУВ е втор најголем сегмент во Европа по малите СУВ. Најпродаван во сегментот е Фолксваген Тигуан со 107.674 продажби. Форментор е седми најпродаван модел со 62.264 примероци.

Претходна објаваНова марка на Фолксваген: Скаут ќе го претстави првиот модел во октомври
Следна објаваВолво Икс Ц 90 си го почитува бензинскиот погон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here