
- Германија е втор најголем пазар на Волво во Европа
- Волво ќе ги изложува најновите модели со електричен погон – Е Икс 30 Крос Кантри, големиот СУВ-модел Е Икс 90 и луксузната лимузина ЕС 90.
- Волво ќе го најави електричниот СУВ-модел Е Икс 60, соперник на БМВ и Икс 3 и на идниот Мерцедес ГЛЦ на струја, што исто така ќе има премиера во Минхен.
Волво им се придружува на домашните премиум производители БМВ, Ауди и Мерцедес-Бенц на салонот ИАА Мобилност, што во септември ќе се одржи во баварската престолнина Минхен.
Шведскиот производител на автомобили ќе ги прикаже најновите членови во својата понуда од модели со целосно електричен погон, што расте постојано – доаѓаат теренската изведба Крос Кантри од малечкиот кросовер Е Икс 30, претставителниот СУВ-модел Е Икс 90 и лимузината ЕС 90. моделите ќе бидат изложени во делот од ИАА што се одржува во центарот на Минхен. Веднаш покрај штандот на Волво ќе изложува Полстар, уште една марка на Џили.
Луксузните модели Е Икс 90 и ЕС 90 ќе можат да се погледнат и на второто место на одржување на салонот ИАА, а тоа е во хала на Минхенското Сајмиште, што се наоѓа во источниот дел на градот.
„Нашата цел е да привлечеме повеќе клиенти во нашата понуда од модели,“ изјави претставник на Волво Карс Дојчланд.
Волво ќе го искористи настанот да го најави и својот нов СУВ со погон на струја од средната класа Е Икс 60, чијашто продажба треба да стартува во почетокот на 2026 година. Е Икс 60 е соперник на новиот БМВ и Икс 3 и на Мерцедес-Бенц ГЛЦ со електричен погон, што исто така ќе имаат светско деби на салонот.
ИАА во организација на германското здружение на производители на автомобили ВДА ќе се одржи од 9-ти до 14-ти септември.
Германија е важен пазар на Волво
Германија е втор најголем пазар на Волво во Европа, по Обединетото Кралство.
Во првото полугодие, Волво продаде 31.879 возила во Германија, што е раст од 0,4 процент во споредба со лани. Во истиот период, на пазарот во ОК беше постигнат раст од 11 проценти, со продадени 33.870 возила.
Во Германија одвај се промени вкупниот број на продадени возила на Волво, но значително се промени уделот на електричните возила во продажбата на марката, со раст од 33 проценти, односно 5.284 продадени електрични возила, покажуваат податоците од аналитичарската куќа Датафорс.
Импресија од возењето на најпретставителниот модел на Волво на пат до Охрид
Прво изложување на Волво на салонот ИАА по 12 години
Волво првпат се враќа со штанд на најголемиот салон на автомобили во Германија по 2013 година. Тогаш салонот уште се одржуваше во Франкфурт.
Волво во декември 2014 година објави дека значително ќе ги скуси трошоците за изложување на големите салони на автомобили во светот и дека ќе изложува само на еден салон по континент.
Волво го избра салонот во Женева за да ги изложува своите модели. Но, швајцарскиот салон сепак не успеа да се врати во форма, откако во 2020 година беше откажан од организаторите, поради пандемијата. Поради слабиот интерес на производителите и на публиката, мали се изгледите дека салонот во Женева ќе се врати на сцената.
Германскиот огранок на Волво ќе ги подмири сите трошоци за учеството на ИАА. Истото претходно го направија ограноците во САД и во Кина, за Волво да учествува на големите салони, во Лос Анџелес, Њујорк и Шангај.















