Тоа што на македонскиот пазар доаѓа под марката Еолус и се повикува на името на античкиот бог на ветриштата, во Кина се води под марката Фенгшен. Како што во меѓувреме ни е сосем познато на нашиот пазар, Еолус е марка на корпорацијата Донгфенг, заедно со матичната Донгфенг, Фортинг, Воја, М-Херо и Нами.
Меѓу најновите модели во понудата на Донгфенг на македонската сцена е Еолус Мејџ, СУВ од компакт класата, којшто донесе ново доживување на кинески автомобил во возните својства и во блискоста до европскиот автомобилски вкус. Дизајнот не остава човек да биде рамнодушен, изработката одговара, опременоста е веќе здодевно да се спомнува.
Тој Мејџ на кинескиот пазар се нуди во посебна изведба со приклучен хибриден погон, под ознаката Л7. Главната разлика со моделите со истиот вид на погон од традиционалните производители е во тоа што Донгфенг вградува двојно поголема батерија. Тоа не им е проблем на Кинезите, имајќи предвид дека ги имаат суровините, ги имаат и најголемите фабрики за автомобили.
Посебно во чест на моделот, Донгфенг пред извесно време одржа презентација во т.н. Среќна Долина во Вухан, во близина на седиштето на производителот. Донгфенг Фенгшен Л7 се рекламира како модел со „супер долг досег со вештачка интелигенција.“ Понатаму, според производителот, тоа е единствениот СУВ со приклучен хибриден погон во својата ценовна класа, што минува преку 200 километри на струја, со полна батерија.
„Добро хибридно возило несомнено ќе ѝ годи на јавноста. Ако ви е потребен хибриден СУВ со чист електричен досег од преку 200 километри, вкупен досег од преку 2.000 километри, мотор со турбонатполнење и 4-степен менувач за хибриден погон, Донгфенг Фенгшен Л7 е вашиот единствен избор“, вешто порачува Денг Лиучао, генерален директор на марката, во новостекнатиот манир на неговите европски колеги.
Купувачите во Кина ги привлекуваат возила што имаат подолг досег на струја, меѓутоа производителите честопати претеруваат околу реалниот досег.
За да докаже дека нивниот досег е реален, Донгфенг уште во април 2024 година започна со низа тестирања на Л7, за новинарите да ги увери дека 205 километри на струја се веродостоен податок. Фенгшен Л7 возеше насекаде, од Јунан до Вухан, го мина најголемиот ненаселен предел во Кина, Чиангтанг, возеше низ коридорот Гансу, се пушти и на 20 степени Целзиусови под нулата во североистокот на земјата. На крајот, Фенгшен Л7 се докажа како рекордер во поглед на досегот, во конкуренција на хибридни СУВ модели од кинески производител.
Нова серија тестови почна годинава, со присуство на ценетиот центар Катарк (Кинески центар за автомобилска технологија и истражување). Се тестираше на островот Хаинан, во рамничарски предел. Под експертски надзор, Донгфенг Фенгшен Л7 ПХЕВ, со батерија за 205 километри и резервоар од 55 литри, постави нов рекорд.
На островот беше постигнат чисто електричен досег од 354,5 километри, што значи дека фабричкиот податок беше надминат за 172,9 проценти. Комбинираниот досег, прво на струја, па на хибриден погон, изнесуваше 2.239,6 километри или 149,3 проценти подобро од нормираниот податок. Растојанието е исто колку три и пол кругови околу Хаинан.
За разлика од останатите хибридни модели што користат резервоар од 65 литри и малечка батерија од 10 кВч, Донгфенг Фенгшен користи комбинација од батерија од 30,3 кВч и резервоар од 55 литри.
Видеото од тестот на Донгфенг Еолус Мејџ во Аутомедиа
Измерената потрошувачка на струја изнесуваше 9,36 кВч на сто километри, додека комбинираната потрошувачка на гориво покажува вредност од 2,45 литри бензин на сто километри.
За одличните вредности секако дека придонесува и самиот 1,5-литарски турбо бензинец со ефикасност од 45,18 проценти, што е врв во браншата. Учествува и 4-степениот комбиниран менувач со двојна спојка и менувач со постојано променлив преносен однос, што е прв таков систем во браншата.
















