за

Шефот на Volvo им порачува на конкурентите дека се пребавни во електрификацијата

Коментирајќи дека конкурентите бавно напредуваат со електирчните возила, новиот шеф на Volvo, Џим Роуен, вели дека е лоша идејата да се оди на прсти кон електричната иднина, додека во исто време продолжува развојот на модели со мотор со внатрешно согорување.

При објавувањето на финансисите резултати на Volvo Cars во минатата недела, новиот шеф Џим Роуен порача дека со жонглирањето при инвестирањето, де во модели со мотор со внатрешно согорување, де во батериски електрични модели, „постои опасност да се утне целта“.

Шведскиот производител на автомобили има еден од најагресивните временски планови да ја електрифицира својата понуда од модели. Веќе на почетокот на следната деценија, Volvo треба да има целосна понуда од батериски електрични модели на сите свои пазари ширум светот.

Volvo годинава ќе ја заокружи својата СУВ-понуда со два нови батериски електрични модели. Во следните три до четири години, по еден електричен автомобил ќе стартува на пазарот секоја година. Лускузниот СУВ-модел EX90 и компактниот СУВ во почетокот на понудата ќе стартуваат со производство кон завршетокот на годинава, изјави Роуен, кој лани стапи на водечката функција во шведската компанија.

Роуен вели, дека агресивната стратегија на вложување, ќе му обезбеди на Volvo позиција од којашто ќе може да ја задоволи растечката побарувачка за електрични возила, во светски рамки.

„Големиот проблем во поглед на транзицијата на индустријата е во тоа што ако не инвестираш пред кривата (пред дијаграмот да почне да расте н.з.), тогаш ќе ја пропуштиш таа точка на промена и не си подготвен кога пазарот ќе се смени“, објаснува менаџерот „Ние вложуваме пред кривата.“

Според податоците од LMC Automotive, продажбата на електрични возила во светот лани се зголемила за 72 проценти, на вкупно 7,97 миоиони возила. Речиси 10 проценти од новите патнички автомобили што се продадени во текот на минатата година, се батериски електрични автомобили, посочуваат од LMC.

„Пазарот се движи кон електрификација и најдобро е да се подготвиш“, напомена Роуен при претставуањето на резултатите. „Бевме доволно храбри да инвестираме пред таа точка на промена, којашто знаеме дека ќе се случи.“

Електричните автомобили на Volvo лани учествуваа со 11 проценти во светската продажба на марката, наспроти 4 проценти во 2021 година. Кон средината на деценијата, Volvo очекува дека нивниот удел ќе се искачи на половина во вкупната продажба на марката.

Сепак постојат големи пречки на патот до постигнувањето на големата цел. Маржата на електричните возила на Volvo се смали поради скапите материјали, главно литиумот, којшто е клучна состојка за батеријата на возилата.

„Тоа е прилично единственото нешто, што ни стои на патот кон целосно префрлување“, кажува Роуен. Копањето литиум и обработката се тесните грла што ја качуваат цената, објаснува менаџерот.

„Во преговори сме со рудници и со фабрики за преработка, за да добиеме директен пристап до литиумот по попредвидливи цени“, открива шефот. Тој понатаму посочи дека новите технологии за батерии, како што е литиум – железен фосфат, ќе помогнат да се смалат трошоците за батериите и ќе ги доведат цените на електричните возила на исто ниво со моделите со мотор со внатрешно согорување.

„Очекуваме дека ценовниот паритет ќе го достигнеме до 2025 година, кога ценам дека ќе се случи точката на пресврт, и кога пазарот во многу поголем обем ќе почне да се движи кон целосно преоѓање на батериски електричен погон“, вели Роуен.

Двата најавени СУВ-модели ќе го удвојат бројот на возила со целосно електричен погон во понудата од модели на Volvo и ќе придонесат во следната година значително да се зголеми уделот на електирчните модели во продажбата на марката.

EX90 ја користи целосно новата платформа што е наменета само за модели со целосно електричен погон. Седумседот ќе биде достапен во верзија со два електромотори и погон на сите тркала, со цена од околу 80.000 евра. Батеријата од 111 kWh испорачува енергија за досег до 300 милји, односно 480 километри, според процените на американската агенција ЕПА.

Почетниот интерес за електричниот знаменосец е „над нашите очекувања“, кажа Роуен при презентацијата, при што додаде и дека EX90 ќе биде „ветер во опаш“.

Пазарните аналитичари предвидуваат дека продажбата на EX90, што ќе се произведува во фабриката на Volvo во Чарлстон, Јужна Каролина, во првата полна година на пазарот че надмине 60.000 примероци.

Сосем нова пазарна позиција ќе има малечкиот електричен модел EX30

Малечкиот СУВ што се води под моделската ознака EX30, ќе биде во улога на освојувач на пазарот. Роуен најавува дека моделот, „ќе заземе сосем ново место на пазарот“, како и дека тој ќе „донесе различна демографија во нашата марка“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by avarvarii future cars (@avarvarii)

Моделот ќе се позиционира под компактните СУВ-модели XC40 и C40. Техниката на EX30 ќе потекнува од платформата SEA (Sustainable Experience Architecture) што Volvo ја разви заедно со кинеската групација Geely.

Според предвидувањата на експертите од AutoForecast Solution, за EX30 се очекува продажбна од 40.000 примероци во првата полна година на пазарот.

Volvo ќе го нуди својот EX30 со т.н. модел на претплата на автомобил. „Тоа ќе ни овозможи да им се обраќаме на сосем нови клиенти .. а најчесто од Генерацијата Зед, коишто првпат се појавуваат на пазарот на автомобили, затоа што EX30 ќе им биде достапен“, објаснува Роуен. „Цената на тој автомобил ќе биде пониска, а кога ќе се додаде поседувањето според модел на претплата, потпишуваш за најмалку три месеци.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Освежениот Volkswagen Touareg на Поларниот Круг се подготвува за пазарен старт

Toyota C-HR е следниот модел што добива изведба GR Sport

Toyota е 54 пати во Топ 10, по модели предничи Octavia