Volvo Cars објави дека го постигнал најдоброто полугодие во својата 94-годишна историја, во поглед на продажбата и оперативната заработка. Автомобилите на шведската марка бележат зголемена побарувачка во сите региони ширум светот.
Volvo во првите шест месеци од 2021 година регистрирал промет во висина од 141 милијарди шведски круни, за 26% повеќе од истиот период лани. Тоа се должи на високата побарувачка за шведските автомобили, како и на добриот удел на поскапите модели во продажбата. Оперативниот приход изнесува 13 милијарди шведски круни во првото полугодие, а оперативната маржа изнесува 9,4 проценти.
Продажбата е порасната за 41% во споредба со истиот период лани, кога беше екот на пандемијата. Вистинскиот напредок се огледува во растот од 12% во споредба со првите шест месеци во 2019 година. Во изминатите 12 месеци, Volvo испорачал вкупно 775.000 возила – тоа е само незначително под целта што беше поставена уште пред 10 години.
Volvo сака најбрзо да ја заврши трансформацијата во браншата и да премине целосно на електрични возила по 2030 година
Расте и продажбата на моделите Recharge, што значи на моделите со приклучен хибриден и чисто електричен погон. Тие модели учествуваат со една четвртина во вкупната продажба на Volvo годинава. Не постои традиционална марка со повисок удел на електрифицирани возила од Volvo.
Швеѓаните неодамна го лансираа и вториот целосно електричен модел, кросоверот Volvo C40 Recharge. Големо внимание се придава и на онлајн-продажбата. Отсега, чисто електричните модели ќе може да се нарачуваат исклучиво преку volvocars.com, било од дома, од студио на Volvo или кај локален дилер. Годинава петпати е зголемен бројот на возила што се издадени за користење со месечна рата – досега има повеќе од 10.000 такви догтовори.
Volvo планира и производство на нова генерација батерии, заедно со Northvolt
За целосно да се посвети на електричниот погон, Volvo ги издвои моторите за внатрешно согорување во посебно одделение Aurobay, чијшто мнозински сопственик ќе биде кинескиот холдинг Geely, партнер на Volvo. Кинезите ќе продолжат да вложуваат во моторите, што ќе овозможи Volvo да добива добри мотори за своите хибридни системи, додека целосно премине на струја.
















