за

Тест: Volvo XC40 T5 Recharge

Компактниот СУВ-модел на Volvo има мошне убедливи аргументи за преоѓање на погон на струја. Меѓу најубедливите е секако и преполовениот данок за возило и заштедата од преку 5.000 евра. Овој автомобил со приклучен хибриден погон е пред сé Volvo.

Volvo XC40 T5 Recharge test

Време е кога автомобилскиот свет го менува погонот. Од бензинци се преоѓа на благи хибриди, дизелите стануваат хибриди или приклучни хибриди, а хибридите преоѓаат на целосно електричен погон. Меѓу престижните СУВ се главни тие што возат на струја, Mercedes има S-Class со обични мотори и има нејзин пандан EQS со електрични мотори во погонот. Промената не е привилегија само за врвот, бројни градски модели со привлечни цени денес имаат електромотор во некаква функција во погонот. Значи, сосем е нормално човек при менувањето на автомобилот со нов, да размислува и за менување на погонот. Овој Volvo на тест има приклучен хибриден погон и ни докажа едно: Двоумењето околу преодот од „стар“ на нов погон никогаш досега не било толку непотребно, како што е кај овој XC40 T5 Recharge. Едноставно, толку е разумно да се вози приклучен хибриден погон. Тоа не е маркетиншко убедување со сомнителна веродостојност, туку е реално согледување.

Прашањата при „трансферот“ секогаш се насочени исто. Луѓето прашуваат… „и, колку е поскап од дизел… помалку ли троши од дизел… по колку километри ќе ми се исплати тоа што е поскап од дизел… ама, јас возам само на отворено, а хибридите се за град…“ На тоа следат и класичните дилеми од типот на „каде ќе го полнам… колку минува со една батерија… што ако се расипе, кој ќе го поправи…?“

Тоа што луѓето се недоверливи кога станува збор за промени што задираат во суштината на автомобилот, неговиот погон, секако не е македонска специфика. Тим од врвни менаџери и стратези, не само во Volvo, туку во целата бранша, и не од „вчера“, туку веќе со децении наназад, си ги поставил истите овие прашања за погонот – и многу други – уште пред да автомобилите со „различен“ погон да се понудат во продажба. Значи, никој нема да „измисли топла вода“, со тоа што ќе постави прашање за коешто мисли дека никој пред него не го поставил.

Дизелот си замина од Volvo XC40, бензинците станаа благи хибриди, врвот во гамата ѝ припаѓа на електричната изведба со два електромотори и 408 КС; Овој XC40 T5 Recharge ги обединува сите овие погонски варијанти во едно

Затоа, Volvo XC40 T5 Recharge е тука, не да одговори, туку да увери дека некој претходно „размислувал“ на сите овие прашања. Околу дизелот, Volvo од годинава повеќе не нуди таков вид мотор во својот компактен СУВ. Тој стана непотребен, надминат, згазен од времето, во оваа марка на којашто повеќето ѝ веруваат во тоа што го прави. Не само што Volvo повеќе не нуди дизел во XC40 – а како што нé потсети македонскиот увозник, наскоро истиот чекор ќе следи и во моделите од сериите 60 и 90 – туку тоа не му пречи за тој да стане најпродаван модел на шведската марка годинава, пред евер-бестселерот XC60. Само во април се продадени 19.833 примероци од XC40, тоа е една третина од вкупната продажба на марката.

Промените во погонот се одвиваат толку брзо, што не се чека наследникот, туку се преземаат крупни чекори уште додека моделот е во производство. Кога шведскиот производител стартуваше со XC40 во 2018 година, понудата се состоеше од T3 со 156 КС, од Т4 со 190 КС, од Т5 со 247 КС и стандардно со погон на сите тркала, а тогаш имаше и два дизели: D3 до 150 КС и D4 со 190 КС. Во следната година во понудата се придружи моделот со приклучен хибриден погон, со ознака T5 Twin Engine и со 262 КС.

Тектонските поместувања се случија лани. Прво, нов основен модел стана XC40 T2 со 129 КС, пристигна и нов модел со приклучен хибрид T4 Twin Engine со системски 211 КС. Бензинците станаа благи хибриди, со додавањето стартер-генератор со моќност од 10 kW (13,6 КС) и вртежен момент од 40 Nm. Така, од T4 бидна B4 со 190 КС, а Т5 се стори во B5 со 250 КС. Двата дизели не претрпеа промена, но и немаше потреба: Volvo кажа дека ќе се збогува со нив. Клучната промена беше почетокот на производството на XC40 со новата „буква“, со ознака P8. Швеѓаните оттогаш им лепат амблем со натпис Recharge на моделите со приклучен хибриден или чисто електричен погон – Т4 и Т5 Twin Engine станаа T4 и T5 Recharge. Volvo XC40 P8 AWD (сега со ознака XC40 Pure Electric Recharge) вози со два електромотори, со по 150 КС и 330 Nm, по еден на секоја оска. Батеријата има капацитет од 78 kWh. При користење супербрз полнач со 150 kW, таа се полни за 40 минути.

Македонија исто има „субвенции“ за електричните автомобили, каде што спаѓаат и приклучните хибриди – но, не се одзема од основната цена, туку само се наплаќа помалку данок. И, тоа е сосем доволно во случајот на Volvo XC40 T5 Recharge!

На прашањето дали XC40 T5 Recharge е поскап од дизел: По некој чуден склоп на околности, во Македонија постои некаква чудна „субвенција“ за моделите со чист издув, но барем е добро што и таква постои. За пример, за модел со дизел мотор што вреди 45.000 евра пред данок и испушта 186 грами СО2 на секој километар, се плаќа данок на возило во висина од 8.978 евра, а на тоа следи уште т.н. еко-компонента којашто се пресметува според емисијата на СО2 и конкретно изнесува 663 евра. Значи, државата за таков модел ќе наплати вкупно 9.641 евра на име на данок на возило.

За споредба, модел со приклучен хибриден погон што вреди 45.000 евра пред данок и испушта 55 грами СО2 на секој километар, данокот на возило изнесува 4.489 евра, плус 4 евра еко-компонента, или вкупно 4.493 евра. Од каде оваа разлика во даночењето (поточно во акцизата)? Таа произлегува од чудниот факт што државата Македонија реши од првиот ден од минатата година да им наплаќа само по половина од пресметаната висина на данокот за возило за автомобили со приклучен хибриден погон. Оттаму е разликата од 5.148 евра. Тоа е сумата од којашто купувачот на возило од нашиот пример е ослободен при плаќањето на данокот на возило.

Тоа е „чудна“ субвенција, затоа што тука не станува збор за учество на државата во цената на возилото, со цел да се намали цената и таа да се направи подостапна за купувачот, туку едноставно станвуа збор за „чин на добра волја“ на државата, на купувачите на овие возила да не им ја наплаќа целата сума, туку само половина. Тоа е менталитетот на државата, којашто секогаш умеела повеќе да зема, отколку да дава, но нејсе. Вредностите од нашава пресметка важат само за примерот, конкретните вредности на данокот на возило и еко-компонентата за XC40 T4 или T5 Recharge секако ќе ги соопштат во македонското Volvo.

Хибридниот Volvo ќе потроши точно гориво колку што ќе посака возачот. Може и ништо да не потроши

Следно прашање, потрошувачката. Volvo XC40 T5 Recharge со своите 262 КС и 7,3 секунди за спринт од место до темпо сто, ќе потроши точно колку што ќе посака возачот или возачката. Какво е расположението, таква ќе биде и потрошувачката. Кој сака, може со овој СУВ од шведски челик што тежи најмалку 1,6 тон да не потроши ниту грам гориво. Тоа може да важи секој ден, лете и зиме. Единствено, дневната километража во тој случај не би требало да е поголема од 40-на километри. Толку минува XC40 Т5 Recharge со полна батерија. Пример, наутро со полна батерија се вози до работа, попладне со истата батерија се вози до дома. Кој има само 10 километри до работа и назад, би можел четири денови да вози без потреба да го приклучи Volvo на полнење. Просекот на ЕУ, патем, вели дека 40 километри се далеку над километражата што луѓето ја минуваат на дневно ниво.

А, што кога ќе се потроши батеријата? Одговорот пак е прашање: А, кој воопшто се грижи околу тоа? Кога ќе се потроши батеријата од 10,7 киловатчасови, Volvo продолжува како класичен хибрид – со таа предност што батеријата има поголем капацитет и долга надолнина би можело да се искористи за таа да „рекуперира“ енергија за 20-на километри. Класичен хибрид во тој случај би ја наполнил батеријата со капацитет за два до три километри и потоа ќе нема каде повеќе да полни. Во приказните на профилот на Аутомедиа МК на инстаграм ги опфативме сите можни сценарија и истите може да се погледнат во секое време.

Како сценарио што би било најблиску до „секојдневието“, со полна батерија појдовме од центарот на Скопје на релација до Велес, и без дополнителни ограничувања во брзината и забрзувањето, извозевме чисто на струја точно до одморалишето на автопатот над железничката станица Рајко Жинзифов. Тоа е неколку километри пред патот да се одвои за езерото Младост. Доколку некој од масовно посетените ресторани и хотели во тоа подрачје се сети да постави полнач, тогаш идните возачи на Volvo Recharge (и на сите автомобили со приклучок за полнење, нормално), како гости на објектот, во времето додека се „гоштеваат“ би можеле да остават батеријата да се наполни, за враќањето исто да биде на струја.

Со Volvo испробавме неколку сценарија што се вообичаени во секојдневието; Тоа што одушевува најмногу кај приклучниот хибриден погон е слободата, независноста од достапност на полначи

Но, како што напоменавме претходно – а, кој воопшто се грижи околу тоа дали батеријата се испразнила. Од езерото, до Велес потрошивме веројатно четвртина литар гориво. Во градот на Рацин со години постои полнач на ЕВН, за два автомобили да полнат во исто време. Моќноста на полначот е 22 kW. На полначот најдовме интересен текст, испечатен на лист хартија: „Ве молам кога паркирате тука и го блокирате полначов да оставите тел. број на колата, за да не мора да ве бараме преку МВР и да нема санкција од МВР. Ви благодарам на разбирањето“. Културно и современо, како што му доликува на возач на електричен автомобил, вклучувајќи и приклучен хибрид.

За времетраењето на полнењето ни беа предвидени околу 3 часови, по првичното „договарање“ меѓу интелигенцијата на полначот и на техниката на Volvo. Реално, доколку почекавме, половина батерија би се наполнила за еден час, а 80% за помалку од два часа. Последните 20% секогаш се побавни, заради заштита на батеријата. Тоа не е динамика со којашто полни Porsche Taycan на супербрзите полначи на Ionity по магистралните патишта низ Европа, но не е ниту понуда за одбивање. Кој има неколку часови „работа“ во друг град, а за тоа впрочем и се патува до друг град, зошто би пропуштал да го приклучи Volvo на полнач? Тоа, посебно покрај фактот што користењето на полначите на ЕВН е бесплатно, вклучувајќи секако и бесплатен паркинг, секогаш на убава локација во поголемите градови во Македонија.

Со батерија подготвена за полнење во текот на возењето, продолживме уште стотина километри, вклучувајќи неколку планински превои. Резултатот: Просечна потрошувачка 5,5 литри бензин на сто километри, според патниот компјутер. Тоа е вредноста што при патувања ќе ја постигнуваат повеќето возачи на шведскиот СУВ во класата на Q3, X1 и GLA, со динамика со којашто би возеле и дизел со истата моќност како T5 Recharge. Со штедење (и без мешање на поимите на моментална и просечна потрошувачка, што се чини чест проблем по форумите на друшвените мрежи) нема проблем да се постигне и четворка пред запирката.

Главниот тест: Колку погонот на T5 Recharge сам ќе произведе струја при спуштање од Попова Шапка?

Вредноста од 2,1 литри бензин на сто километри за просечната потрошувачка, според реалната норма WLTP, не е „измислена“ од Volvo, туку е измерена според нормите кои се посебни за возилата со приклучен хибриден погон. Браншата, генерално, со не толку мала помош од политиката на државите што се најголеми производители на автомобили, имаше идеја на ЕУ да ѝ прикаже дека нејзините автомобили со приклучен хибриден погон трошат „два литри“ и соодветно на тоа испуштаат и СО2 колку за два литри. Оваа фабричка вредност може да се постигне, но само ако секогаш се поаѓа со полна батерија на растојание од точно 100 километри, при што се вози 40 километри на струја додека се испразни истата, и потоа се вози со умерено темпо со хибриден погон.

Повеќе ни беше интересен следниот тест. Се искачивме на Попова Шапка, со цел да провериме колку погонот на Volvo XC40 Recharge самиот ќе произведе електрична енергија по пат надолу, користејќи го залетот и „претворајќи“ го електромоторот во генератор. Притоа нема потреба од посебни мајстории. Место сопирање, доволно е мини-бирачот за возење (изработен од чист кристал од Orrefors Sweden, стандард во T5 Recharge) од положбата D да се префрли во положба B, кога ефектот на „моторно сопирање“ е поизразен, а со тоа се засилува и полнењето на батеријата со помош на кинетичката енергија.

Седумнаесет километри! Толку пријави Volvo пред таблата што го означува влезот во Тетово. За да провериме дали оваа пресметка можеби е премногу оптимистичка, оттаму се упативме по автопатот за Гостивар. Со темпото колку што дозволува делницата, чисто на „шарпланинската“ струја извозевме до клучката пред Врапчиште. Значи, сосем веродостоен бил податокот за 17-те километри. Volvo се интелигентни автомобили. При притискање на педалот за забрзување до крај, XC40 T5 Recharge не реагира толку еуфорично, туку повеќе е рационален. Така шведскиот автомобил му помага на возачот да извози повеќе километри со енергијата во батеријата, место истата да ја потроши на неколку „тинејџ-стартови“, со моќниот погон, кој 262-те КС сигурно не ги има само на хартија.

Безбројни варијанти на користење на погонската спрега од турбо-бензинец со 180 КС, електромотор со 82 КС и батерија со капацитет за 40 километри; Меѓу нив и можност за моторот да се користи како генератор и да ја полни батеријата додека се вози

Остана уште една можност на хибридниот погон на Volvo XC40 и уште еден тест. Компактниов СУВ може да користи дел од енергијата на моторот за батеријата да се полни додека се вози. За тоа да се случи, потребно е да се избере опцијата „Charge“. Нормално, во Volvo повеќе не постои посебно физичко копче за тоа, туку до сите функции се пристапува преку исправениот дисплеј. Идејата на оваа функција е повеќе корисна за многубројните еко-подрачја во големите градови низ Европа, во коишто се дозволува пристап само за возила со нулта емисија на штетни материи.

Од клучката пред Гостивар до Скопје, шведскиот хибрид наполни енергија за 16 километри возење. За и ние да покажеме дека сме одговорни во поглед на животната средина, на влез во Скопје го префрливме Volvo во режимот „Pure“ и градот возевме чисто на струја. Тоа малку ја зголеми потрошувачката на гориво, и XC прикажа просек од шест литри. Тоа е интересна опција којашто засега во Македонија се сведува само на добра волја на возачот.

Така приближно би изгледало и секојдневието со овој автомобил. А, тоа секогаш ќе биде различно. Може цела работна седмица да се вози до работа и назад само на струја, без моторот воопшто да се разбуди, потоа може преку викенд да се отпатува до некое подалечно одредиште, целосно релаксирано во поглед на батериајта, за потоа во одредиштето пак да се користи погонот само на струја, чисто заради уживање.

Кој уште помислува дека се минати четири години од премиерата на XC40?

Како автомобил, XC40 T5 Recharge е првенствено Volvo, а дури потоа е компактен СУВ, премиум модел, автомобил со приклучен хибриден погон. Овој автомобил има некој посебен ефект во појавата. Оддалеку личи како да има многу покрупна става, првата помисла кога ќе се здогледа е дека станува збор за XC60, па можеби и XC90, но во секој случај Volvo. А, потоа, кога човек ќе се приближи, ќе забележи колку е префинет дизајнот, колку вешто и вкусно се изведени деталите. Шведски.

Никој уште не помислува дека станува збор за автомобил што е четврта година на пазарот. XC40 личи свежо, модерно, таков ќе остане и по многу години. Внатрешноста исто нема да се смени по многу години. Изработката е врвна, како што шведската марка тоа го умеела отсекогаш, премиум духот провејува во кабината. Практичноста и функционалноста исто се традиционални доблести на Volvo. Пред да биде ценета по своите СУВ-модели, оваа марка беше прочуена по комби-моделите, неуништливи, практични, безбедни, трајни. Сета таа традиција се пренела верно и во овој автомобил.

Во возење, Volvo XC40 T5 Recharge има весел карактер. Тука сигурно не станува збор за здодевен штедливец на кого му е туѓо уживањето во возењето. СУВ-автомобилов е темпераментен, лесен, доверлив, едноставно е таков автомобил, за уживање. При поаѓање на семафор, возачот ќе се радува за тоа што дури и несакајќи секогаш ќе повлекува прв. Тоа е главно заслуга на електромоторот со моќност од 60 kW и со вртежен момент од 160 њутнметри.

Моторите во голем број денешни модели возат со три цилиндри, не заради тоа што производителите сакаат да „закинат“, туку поради тоа што напредокот на технологијата го овозможува тоа; По звукот, овој мотор повеќе личи на класичен V6

Во секојдневието, возачот одвај ќе станува свесен за тоа дека бензинскиот мотор во хибридната погонска спрега располага со зафатнина од 1,5 литар и има „само“ три цилиндри. Светот одамна ги прифати трите цилиндри како нова реалност и како напредок на технологијата. Моторите сепак ги развиваат тимови со стотици врвни инженери и нив сигурно не им „текнало“ преку ноќ да почнат да вградуваат трицилиндарци. Звукот при забрзување е мек, па дури може да се спореди со звукот на старите мотори V6. Швеѓаните сигурно нема да дозволат моторот да остави бледа сенка врз овој автомобил што импресионира во секој поглед.

Volvo ќе повлече убедливо и при брзо темпо на автопат, не останува без здив и на поголеми нагорнини. При возењето се стекнува впечаток на прецизност, на вешта конструкција, на цврста конструкција. Само еден мал данок од хибридниот погон е плитката преграда под потпирачот за рака напред. Причината за тоа е батеријата. Таа во T5 Recharge е вградена во тунелот по должината на каросеријата. Таа воедно се грижи и за екстра стабилноста, како одлика на повеќето модели што имаат батерија во погонската спрега.

Volvo XC40 T5 Recharge се покажа како наједноставно решение за возачки и возачи кои сакаат да го сменат своето автомобилско искуство, не „само“ со нов автомобил, туку со нов автомобил во секој поглед, вклучувајќи го и погонот. Додека за електричен автомобил уште е потребно двоумење, па подготовка, па размислување околу тоа каде и како истиот ќе се полни, тие прашања кај T5 Recharge се сосем излишни. Овој Volvo е таков автомобил, каков што во моментот го сака и го бара возачката или возачот.

Автомобили што се приклучени за полнење веќе се забележуваат и по улиците кај нас, ретко, но почнува

Тој може да биде и електричен автомобил, и штедлив хибрид на долги патувања, може да биде и спортски автомобил, тоа дури и најмалку е проблем. „Чудната субвенција“ е добар повод за човек сепак да се реши за овој модел со приклучен хибриден погон, поради преполовувањето на данокот за возило и заштедата од преку 5.000 евра. На тоа следи и бесплатен паркинг во скопски Центар, на отворените паркиралишта на ПОЦ. На сето тоа следи и бесплатно користење на полначите, вклучувајќи бесплатно паркирање. Најважното, ова е сепак Volvo.

Македонскиот увозник ни соопшти цена од 59.000 евра за тестираниот примерок. Наскоро во понудата на Volvo Cars Macedonia ќе пристигне изведба на XC40 T5 Recharge со слично ниво на опременост како луксузното Inscription кај тестираното возило во позначајните ставки, но и со цена што ќе почнува со четворка. Купувачите на премиум марките сé помалку се двоумат околу електро-трендот. Тоа се забележува. Обидете се некогаш да забележите возило што е приклучено на полнење, неретко и на приватни паркиралишта, до коишто е спроведен приклучок за полнење. Таква е електромобилноста. Не мора секогаш да се чека државата да преземе нешто конкретно и одговорно во поглед на трендот на чистите возила. Постои еуфорија околу овие автомобили.

Технички податоци

Volvo XC40
T5 TwEn (262 hp) aut

Мотор B3154T5
Тип Во линија, 3 цил. Турбо
Погон Напред
Зафатнина 1477 cm³
Пречник 82,0 mm
Од 93,2 mm
Материјал на блок Алуминиум
Материјал на глава Алуминиум
Компресија 10,5:1
Вентили 4
Брегасти вратила 2
DOHC / SOHC DOHC
Впрскување гориво Директно впрскување
Редослед на палење 1 – 3 – 2
Вртежи при работа во место 900 rpm ± 50
Гориво, октани 95–98 RON
Највисок број на вртежи 6000 rpm
Максимална моќност 132 kW (180 КС) / 5800 rpm
Максимален вртежен момент 265 / 25 – 50 Nm / rps
Батерија, тип Литиум-јон
Капацитет на батерија, вкупно (kWh) (номинално) 10,7
Капацитет на батерија, вкупно (kWh) (корисно) 8,5
Полнење, времетраење, на 16A / 10A / 6A (часови) 3,0 / 4,0 / 8,0
Место на батерија Во средишниот тунел
Максимална моќност на електромотор 60 kW
Максимален вртежен момент на електромотор 160 Nm
Системска моќност 60 kW + 132 kW ¹
Системски вртежен момент 160 Nm + 265 Nm ²
Менувач 7DCTH (автоматски, со двојна спојка)
I. степен 3,529
II. степен 2,810
III. степен 1,441
IV. степен 1,043
V. степен 1,086
VI. степен 0,851
VII. степен 0,725
Назад 2,905
Пренос во диференцијал 4,647 (1) – 3,435 (2)
Перформанси
Менувач 7DCTH
Забрзување, 0-100 km/h 7,3 sec
Највисока брзина 180 km/h
Потрошувачка, просек, WLTP l/100 km / CO₂ g/km 2,1 – n/a l/100 km / 47 – n/a g/km
Досег на струја WLTP 45 km – n/a km
Потрошувачка на струја (kWh/100 km) 15,2 kWh/100 km
Должина 4425 mm
Ширина 1863 mm
Висина (со антена) 1652 mm
Меѓуоскино растојание 2702 mm
Ширина на трага, напред 1601 mm
Ширина на трага, назад 1626 mm
Растојание од подлога 211 mm
Агол на пристап 21,7 degr
Агол на рампа 21,9 degr
Агол на излез 30,4 degr
Празно возило (за цела гама) 1573 kg – 2184 kg
Вкупна тежина (за цела гама) 2060 kg – 2650 kg
Приколка без сопирачки 750 kg
Приколка со сопирачки 1800 kg
Резервоар 48 l
Аеродинамичност (Cd) 0,340
Аеродинамичност (Чело) 2,56 m²
Товар на покрив 75 kg
Багажник, max 1328 l
Багажник, стандардно 452 l
Должина на товарен простор 1670 mm
Водење на предни тркала Мекферсон, спирални пружини, хидраулични амортизери, стабилизатор
Водење на задни тркала Независно водење, спирални пружини, хидраулични амортизери, стабилизатор
Управување Електрично серво
Управување, преносен однос 15,8
Круг на вртење (тротоар) 11,4 m
Круг на вртење (ѕид) 11,8 m
Вртежи меѓу крајни положби на волан 2,7

>>> Кон страницата за моделот на Volvo Cars Macedonia

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автономни комбиња на Volkswagen во јавен превоз во Хамбург по 2025 година

Toyota Hilux

Toyota Hilux најдобар теренски пикап според читателите на Auto Bild