за

Volvo C40 Recharge е шведскaта „Tesla“, ќе се продава само онлајн

Volvo C40 Recharge е вториот електричен модел на шведската марка. Испораките ќе стартуват наесен, моделот ќе може да се нарачува само онлајн.

Продолжуваат големите промени во Volvo. Половина од моделите што Volvo ќе ги продава во 2025 година ќе возат само на струја. Најдоцна до 2030 година, целата понуда од модели на Швеѓаните ќе се состои само од електрични возила.

Брзо доаѓаат електричните модели на Volvo. Кон крајот на минатата година стартуваше електричната изведба на XC40 со ознака Recharge, рано во оваа година следи и вториот модел што вози само на струја. Не треба да мине долго време, за во овој автомобил да се препознае достоен конкурент за калифорнискиот компактен СУВ на струја, на Tesla Model Y.

Volvo C40 Recharge се базира врз платформата CMA и конструиран е како СУВ. Поради покривот што во задниот дел се спушта во елегантен и долг лак, овој автомобил со своите 4,43 метри должина повеќе личи како СУВ-купе. Формата е слична со Tesla Model Y. Во дизајнот на C40 сепак се препознава сродноста со XC40 – и се препознава дека тоа е автомобил на шведската марка.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Секако дека предните светла го следат карактеристичниот дизајн на „чеканот на Тор“, исто како секој модел на Volvo. По затворената маска се препознава дека станува збор за електричен модел. Таква маска има и XC40. Вистинска мајсторија е дизајнот на опашот. Иако од прво изгледа како формата да е едноставна и нема што ново да се види во тој дел од каросеријата, со секој следен поглед се открива по некој нов детал.

Во поглед на електричниот погон, Volvo останува верен на докажаната комбинација од по еден електромотор на предната и на задната оска, заедно со батерија од 78 kWh. Истиот погон работи во техничкиот близнак Polestar 2, како и во XC40 Recharge. Моќноста е 300 киловати (408 КС), максималниот вртежен момент изнесува 660 њутнметри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Иако тежи масивни 2.185 килограми, новиот C40 спринтува до темпо сто за само 4,9 секунди. Во крајната брзина нема отстапки кај Volvo, забрзувањето престанува на 180 km/h. Возачите што имаат тежок товар за влечење ќе се радуваат на дозволената тежина на приколка до 1,8 тон. За полнењето да биде брзо, C40 поседува трифазен полнач, што значи дека батеријата во најдобар случај ќе се наполни до 80% са околу 40 минути. Досегот според фабрика изнесува 420 километри.

Шведската марка засега не објавува слики од комплетниот кокпит, но се препознава стилот од XC40 & Co. Ова е воедно и првиот модел на Volvo во кого што воопшто не се вградува кожа. Покрај багажникот од 413 литри, напред има дополнителен простор со зафатнина од 31 литри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Инфо-забавниот систем е идентичен со Polestar 2 и XC40 Recharge, односно користи оперативен систем Андроид Аутомотив што е развиен заедно со Гугл. Предноста е во тоа што широка понуда од услуги на Гугл веќе се дел од системот и во тоа што говорниот асистент функционира беспрекорно.

Големи промени има во начинот на продажба. Идејата е купвувањето автомобиол да се поедностави колку може повеќе. Со Volvo C40 Recharge се прави пионерски чекор во тој правец, затоа што автомобилот ќе може да се нарачува само онлајн. Електричниот СУВ ќе се понуди во неколку различни конфигурации на опременост, со што ќе се поедностави и изборот на дополнителната опрема.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Volvo C40 Recharge ќе се нуди со еден вид комплетен пакет. Покрај гаранција и сервисирање, во пакетот услуги ќе бидат вклучени и осигурувањето и полнењето на батеријата. Тоа ќе биде еден вид претплата на автомобил. Слична понуда има за XC40 Recharge.

Производството на C40 Recharge ќе стартува наесен, во Гент, Белгија.

>>> Електричниот Volvo XC40 добива нов софтвер без да посети сервис

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lidl повторно нуди лизинг на автомобил во Германија

Замена на старите со нови ЛЕД-светилки е влог за безбедноста