
Трите најголеми производители на возила во Европа формираат своја верзија на детроитската Голема тројка, за да лобираат Европската Унија да воведе закони за локално потекло и да ги ослободи од обврските за електрификација на своите возила, додека кинеските соперници сé посилно го освојуваат теренот.
Групацијата Фолксваген, Стелантис и групацијата Рено здружуваат сили за да им се спротивстават на кинеските соперници, коишто во првите осум месеци двојно го зголемија својот удел на европскиот пазар, на околу 10 проценти. Тие бараат и да се смали притисокот врз нив, за да ги електрифицираат своите возила, што бара големи вложувања.
„Ние претставуваме повеќе од 60 проценти од производството на автомобили во Европа,“ изјави извршиот директор на групацијата Фолксваген, Оливер Блуме, во име на трите производители, на 13-ти октомври, за време на автомобилската конференција што се одржа во рамките на салонот во Париз. „Мораме да ја осигураме европската индустриска база и мораме тоа да го направиме сега.“
„Големата тројка“ ја претставуват сите „големоволуменски производители,“ кажа Блуме. „Ние продаваме голем број возила со релативно ниска маржа. Овој модел на бизнис е под енормен притисок во Европа.“
Компаниите главно се сложни во својата порака до ЕУ, каде што се дебатира околу Актот за помош на индустријата. Според Актот, државни субвенции и даночни ослободувања за службени возила ќе може да се добијат само за електрични автомобили што се произведени во Европа, со висок удел на делови од локално потекло – со исклучок на батериите, што доаѓаат од Кина. Се бара и попуштање за строгите барања околу забраната за продажба на возила со мотор со внатрешно согорување по 2035 година.
Се работи за милијарди евра што се планирани за вложување, како и за закана од казни во висина од милијарди евра, доколку не се исполнат строгите барања за намалување на емисијата на штетни материи.
Проблемите најсилно го погодуваат Фолксваген. Извршниот директор Оливер Блуме отпочна реструктурирање, коешто става неизвесност околу иднината на четири фабрики во Европа, поради тоа што нивните капацитети остануваат недоволно искористени, а тоа ќе значи и отпуштање 100.000 работни места во светски размери. „На Европа ѝ е потребен силен сегмент на големоволуменски модели,“ изјави Блуме. „Екосистемот не може да опстојува само од луксузните автомобили.“
БМВ и Мерцедес не се надеваат премногу во законите за локално потекло
Мерцедес-Бенц и групацијата БМВ, уште два големи производители на автомобили во Европа, се премиум марки коишто уште постигнуваат солидна продажба во Кина, и покрај тоа што загубија дел од тамошниот пазар, поради безпоштедната ценовна војна што се одвива во земјата. Двата производители се претпазливи околу законите за локално потекло за Европа.
Извршниот директор на Мерцедес, Ола Калениус, во февруари ѝ порача на Европската Унија дека треба „да се однесува грижливо“ кога ќе донесува закони за зголемување на уделот на делови од локално потекло, сакајќи на тој начин да ѝ се спротивстави на Кина, оти во спротивно ќе ѝ се вратат „несакани последици.“
Неговиот колега од БМВ, Милан Недељковиќ, во март кажа дека предлогот за Мејд ин Јуроп „не е од корист.“
„Нашиот модел на бизнис се темели врз слободна светска трговија. Во моментов, овој основен економски концепт се наоѓа под притисок. Ние во Европа мораме да бидеме внимателни, за да не заостанеме,“ кажа тој.
Неговиот претходник, Оливер Ципсе, предлогот го оцени како „протекционизам.“
Рено, Стелантис и Фолксваген не беа секогаш единствени околу законите во ЕУ. Во времето на поранешниот извршен директор, Карлос Тавареш, Стелантис повикуваше на агресивно почитување на целите за емисија на ЦО2 за 2025 година, додека останатите бараа да се пресметува просечна вредност за период од три години, место само за 2025 година. На крајот, победи втората опција и сега ќе се пресметува просек за периодот од 2025 до 2027 година.
Заедничкиот став на европската Голема Тројка околу барањата за локално потекло е да се одговори на суштинското прашање: Што се подразбира под „Европа“? Дали тоа се само 27-те членки на ЕУ, или ќе бидат вклучени и трговските партнери, како Обединетото Кралство, Јужна Кореја и Јапонија, исто како и блиските земји со ниски трошоци, како Мароко и Турција, каде што Рено, Стелантис и други производители изработуваат стотици илјади автомобили годишно, што потоа се извезуваат во ЕУ?
„Тие што ќе имаат корист од парите од европските даночни обврзници, треба да придонесуваат и за осигурување на работните места во Европа,“ посочи Блуме. „Доколку продавате во Европа, треба да произведувате во споредливи услови.“
Липмотор Ц10 · На пат од 800 километри со електричен автомобил низ Македонија (Прв дел)
Можни отстапки околу локалното потекло
Рено, Стелантис и Фолксваген во јуни испратија заедничко писмо до Европската Комисија, предлагајќи отстапки околу локалното потекло. Доколку 70 проценти од возилата што еден производител ги изработува во ЕУ ги исполнуваат критериумите, тогаш 100 проценти од продажбата на возила од тој производител мора да ги исполнува условите. Така се почитуваат воспоставените трговски односи, вели Блуме.
Трите најголеми производители на автомобили се сложни и околу потребата од кредити за мали автомобили, иако сите имаат различни гледишта. Извршниот директор на Рено, Франсоа Прово, на пример, побара законите за малечки автомобили да бидат замрзнати 10 години, за на инженерите да им се овозможи да ги смалат трошоците и моделите да станат подостапни, додека Блуме побара дополнителни кредити за користење батерии што се произведени во ЕУ.
Извршниот директор на Стелантис, Антонио Филоса, побара брза акција, дури и ако конечниот производ не е совршен. „Сега е време да се најдат компримиси и да се одобрат законите,“ изјави Филоса на самитот. „Ние се сложуваме со 90 проценти од текстот и за итноста од донесување закони.“
Прово предупреди за опасноста дека Рено би можел да го скуси европското производство за околу 300.000 возила, доколку законодавците не покажат флексибилност околу целите за 2030 година за намалување на емисијата.
„Најважно е тоа што ние како најголеми производители на автомобили во Европа го поставуваме курсот,“ кажа Блуме. „Европа ќе биде силна само кога ќе имаме силна индустрија.“














