за

Фолксваген мора да заштеди десет милијарди евра до 2026 година

Само во продажбата треба да се постигне заштеда од четири милијарди евра – преку зголемени цени и поефикасна организација.

Фолксваген се стави во програма за штедење и се планира најголемите зафати да се направат во продажбата. Марката од Волфсбург мора да заштеди вкупно десет милијарди евра до 2026 година. Најголемиот удел во тие заштеди треба да се постигне во продажбата, од каде што се очекуваат четири милијарди евра.

Освен разновидните мерки што ќе се воведат со цел да се постигне заштеда во работењето, предвидени се и други начини со коишто ќе се зголеми доходовноста. „Две милијарди евра, односно половината, треба да дојдат од повисоките цени на возилата“, изјавило лице вработено во компанијата за германскиот индустриски гласник Аутомобилвохе.

Покачувањата на цените биле испланирани уште пред да почне да се применува програмата за штедење. Според тие планови, под притисок на инфлацијата, германскиот производител на автомобили ќе ги зголемува цените за по два проценти секоја година.

Прашање е дали повисоките цени ќе може да се пробијат на пазарот. Во моментов нештата се движат во спротивната насока. Забавеното купување возила од страна на приватните клиенти и зголемената понуда, прават сé поголем притисок, за цените на новите и на користените возила да паѓаат. Соодветно на тоа, попустите растат и ценовниците се коригираат надолу. Кога ќе се сврти трендот, тоа уште не може да се предвиди.

Останатите две милијарди евра, Фолксваген планира да ги заштеди преку смалување на трошоците. „Патот за оптимирање на трошоците и услугите се состои од голем број единечни чекори и полиња на делување“, кажува шефот на Фолксваген за Германија, Ахим Шајбле.

Најдобар пример дава Порше

Начинот на постапување веќе е познат од сестринската марка Порше. Марката спортски автомобили во изминатите години вистински ја просветли компанијата, укажувајќи на сите можности што може да се искористат заради постигнување поголема доходовност.

На крајот беа изброени 3.000 одделни чекори, како што неодамна соопшти шефот на Порше и воедно прв човек на целиот концерн Фолксваген, Оливер Блуме. Притоа било анализирано сé, од набавката, преку прозводството, до продажбата. Резултатот е познат: Порше и годинава ќе ја заврши со доходовност меѓу 17 и 19 проценти. Во среден рок е планирано да се достигнат 20 проценти.

Фолксваген Поло во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК со цени, технички податоци, опрема, за сите модели што се во понуда на македонскиот пазар

Volkswagen Polo 1.0 MPI

Фолксваген го зема тој пример. Шајбле планира во видно време да даде соодветни предлози за продажбата во Германија. Уште пред завршетокот на октомври требало интерно да бидат претставени првите резултати. До завршетокот на годинава треба да стои на располагање целосна листа. Шефот на Фолксваген за Германија засега нема објавено ништо за првите планови.

Бројот на дилери ќе се намалува

Од продажната мрежа не се очекува во голема мера да придонесе во штедењето. Уште пред да се изврши темелно реструктурирање, може да се очекуваат помали придонеси. Со откажувањето на дилерствата нема да се постигне многу, затоа што рокот за тоа изнесува две години и треба да мине долго време додека се постигнат резултати од тоа.

Фолксваген пред неколку месеци направи план за реструктурирање во продажбата. По нивното исклучување од продажната мрежа во 2018 година, две години подоцна на дилерите им беа обновени договорите. Некои од тие договори беа ограничени временски и истекоа во март годинава. Со овие мерки, бројот на дилери во германската мрежа се скуси значително. Во 2015 година, во Германија имало 1.253 салони на Фолксваген, на завршетокот на 2020 година нивниот број изнесуваше 850, додека сега се останати само 739 салони.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari SF90 Spider

Ферари ги покачи очекувања за годинава по одличниот трет квартал

Волво ја качува продажбата, растот доаѓа од електричните модели