Volkswagen ја забрзува адаптацијата на повеќе фабрики за производство на електрични автомобили и инвестира во неопходната автоматизација. Најголемиот производител на автомобили во светот нарача 2.200 специјализирани роботи, што ќе се користат во фабриките во Емден, Хановер и во Чатануга, во САД. Тие ќе бидат задолжени за монтажа на батериите и за изработка на каросериите.
Германскиот производител ги пренаменува своите фабрики во целост или во поголем дел, за производство на хибридни или чисто електрични модели. Во Цвикау, каде што се произведуваат ID.3 и ID.4, адаптацијата е завршена. Во Антинг во Кина исто така ќе започне производство на електрични автомобили во текот на годинава. Наскоро ќе следи и Дрезден, а од 2022 година ќе се приклучат уште Емден, Хановер и Чатануга, во американската сојузна држава Тенеси. Додека Емден и Чатануга се подготвуваат за ID.4, во фабриките на Volkswagen во Хановер ќе се проиведува електричниот минибус ID.Buzz.
„Со стартот нa ID.Buzz во Хановер ќе ја завршиме модернизацијата на нашата фабрика, од којашто ќе профитираат и останатите модели“, изјави Јозеф Баумерт, директор за производство и логистика во огранокот за доставни возила на Volkswagen. Во фабриката моментно се произведува Volkswagen Transporter со обичен погон.
Целиот концерн вложува 48 милијарди евра до 2024 година во развојот и производството на електрични автомобили во светски рамки. Многу се вложува и во интерните добавувачи, меѓу другото и во сопствена фабрика за батериски ќелии во Залцгитер. Во дигитална и софтверска технологија се вложуваат уште 14 милијарди евра, вклучувајќи и автопилотирано возење.
















