за

BMW вчитува нов софтвер „по воздушна линија“ во 750.000 возила

BMW го изведува најголемото далечинско обновување на софтверот во историјата на концернот.

BMW вчитува нов софтвер „по воздушна линија“ во 750.000 возила

Со бесплатното обновување на оперативниот систем 7 се добиваат важни подобрувања и нови функции, кои се достапни за преземање во повеќе од 750.000 возила ширум светот.

Дигитализацијата веќе напредуваше далеку во концернот BMW. Со досега најголемото и најобемно обновување на софтверот во историјата на премиум-производителот, повеќе од 750.000 возила во светски рамки ќе ја добијат новата изведба на BMW Operating System 7 (Version 07/20). Тоа е во исто време и најголемото обновување over-the-air на европски производител.

Со освежениот софтвер се добиваат нови, проширени и подобрени функции, меѓу кои се BMW Maps, Google Android Auto или eDrive Zones. Обновувањето на софтверот ќе стартува прво во Германија на 19-ти октомври. Масовниот апдејт понатаму ќе продолжи ширум Европа, во САД, Канада, Кина и на останатите пазари.

Клиентите ќе добијат Push-известување во возилото или ќе добијат известување во BMW App на телефонот, во моментот кога обновениот софтвер ќе стои на располагање.

Во продолжение се новите и проширени функции:

BMW Maps…

… системот првпат е базиран на податочен облак, со што рутата се пресметува многу побрзо и подинамично. Со знаменитостите се прикажуваат рејтинзи, работно време и слики. Целта се внесува полесно и поразбирливо, слично како на онлајн-пребарувачите.

Google Android Auto…

…добива нова функција, за безжично поврзување на телефонот со возилото. До апликациите се пристапува преку Google Assistant или преку дисплејот, без потреба да се посегнува по телефонот.

Навигациските совети…

…за скршнување и информациите за лентата што треба да се следи, Apple Maps отсега ги прикажува директно на проекцискиот дисплеј или на средишниот дисплеј.

Connected Parking…

му помага на возачот откако ќе пристигне на одредиштето, за полесно да најде паркинг. Информацијата On-Street Parking му ги прикажува паркиралиштата на возачот, но прикажува и колкава е веројатноста да се најде слободно место, врз основа на податочен облак. Се зема предвид и големината на возилото.

eDrive Zones …

нова и единствена дигитална услуга, за возачи на BMW со приклучен хибриден погон. Преку Geofencing, возилото автоматски се префрлува на погон на струја откако ќе пристапи во еко-заштитени подрачја. Оваа услуга моментно е достапна во повеќе од 90 европски градови.

BMW Intelligent Personal Assistant…

добива нов и поемотивен приказ, а разликува и дали говорната команда ја издава возачот или совозачот. Системот ги предлага следите можни команди откако возачот или совозачот ќе се обрати на асистентот. Овие функции подразбираат и ракување со прозорците, вклучување на модусите на возење (комфор, спорт или еко) или давање совети за поштедливо возење.

Connected Charging …

ги прикажува јавно достапните полначи и дава дополнителни информации за работното време, за операторот и за начинот на пријавување. Веднаш се прикажува и дали полначот е слободен, како и блиските кафулиња и ресторани.

Smart Opener …

функцијата за отворање на багажникот сега може да се програмира по желба или целосно да се исклучи.

————————–

Оперативниот систем BMW 7 почна да се вградува во 2018 година. Информациите однапред се вчитуваат во возилото over-the-air , а за нивно инсталирање обично се доволни само 20 минути.

Возилата на BMW што се произведени од јули 2020 наваму, веќе ги поседуваат новите функции на оперативниот систем. Клиентите можат преку Remote Software Upgrade да ја проверат софтверската верзија и да проверат дали има нова верзија. Моментно повеќе од 20 модели во понудата на BMW можат да го обноват софтверот далечински.

>>> Со шарм на основен модел: BMW 116i

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

volkswagen фабрика хановер

Volkswagen нарача 2.200 роботи за производство на новите модели

tesla model x

Tesla Model S и X добиваат подолг досег, до 652 километри