за

Volkswagen очекува голем раст во продажбата, чекањето се скусува

Volkswagen предвидува дека годинава ќе попушти тесното грло во снабдувањето, што ќе овозможи скусување на роковите за испорака на нарачаните возила.

volkswagen 7 модели Порше Македонија

Групацијата Volkswagen очекува голем раст во продажбата на возила и во прометот годинава, како резултат од полните книги со нарачки и од подобреното снабдување со микрочипови.

За прометот се предвидува раст меѓу 10 и 15 проценти, односно зголемување од 307 милијарди евра лани, на 331 милијарди евра годинава. Испораката на возила ширум светот се очекува да порасне за 14 проценти и да достигне околу 9,5 милиони возила.

Оперативната маржа треба да се движи меѓу 7,5 и 8,5 проценти, во споредба со 7,9 проценти во 2022 година, објави производителот од Волфсбург. Маржата е во рамките на ланските вредности и повисока е отколку што предвидуваа аналитичарите.

„Очекуваме тесното грло во снабдувањето да почне постепено да попушта во текот на годинава, што ќе ни овозможи да го сервисираме големиот број нарачки за возила“ изјави директорот за финансии Арно Антлиц.

Германскиот концерн предлага дивиденда во висина од 8,70 евра по обична акција и 8,76 евра по преференцијална акција, што е за 1,20 евро повеќе во споредба со лани.

Продажбата на возила на сите марки од концернот Volkswagen се намали за 7 проценти во минатата година, на 8,26 милиони возила. Причината за падот е намалената продукција на некои од најпродаваните моделски серии во браншата, меѓу кои и Golf, поради кусокот од микрочипови. Во исто време, продажбата на целосно електрични возила порасна за 26 проценти, достигнувајќи 572.100 примероци. Производителот им даде предимство на електричните модели, покрај кусокот од микрочипови за вградување во возилата.

Големите очекувања на Volkswagen доаѓаат во време кога постои загриженост, дека подоцна во текот на годинава ќе се намали побарувачката, како последица од рекордната инфлација и забавената економија.

Извршниот директор Оливер Блуме, кој во септември го замени Херберт Дис како прв човек на концернот, под притисок е за правилно да ја реализира неуспешно отпочнатата софтверска револуција во Volkswagen. Уште еден голем предизвик за Блуме е да ја одбрани моќната позиција на концернот во Кина, којашто е најголем пазар на производителот и каде што домашните производители стануваат сé повлијателни.

Mercedes-Benz, Renault и Stellantis во минатите недели објавија високи профити, постигнати преку високите цени и големиот број на нарачки што се собираа за време на врвот на кризата со снабдувањето со микрочипови.

Производителите на автомобили засега бележат висока добивка, меѓутоа продолжуваат да се соочуваат со тесното грло во снабдувањето. Покрај тоа, илјадници непродадени возила и неискористени материјали се натрупани во фабриките во Европа, поради недоволниот број камиони и возови.

Новите проблеми во логистиката, што следат откако почна да попушта кризата со микрочипови, ги присилија концерните Stellantis и Renault да почнат да регрутираат возачи меѓу работниците во сопствените фабрики.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дигитални близнаци се новата технологија во производството на автомобили

Peugeot најпродавана марка во Шпанија во февруари