за

Volkswagen Polo GTI со шарм на мал брз тркач

Врвната изведба во гамата на Volkswagen Polo доби неколку измени во изгледот, нови системи за асистенција и освежена внатрешност.

Volkswagen во април го претстави новиот развоен степен на шестата генерација на Polo. Сега е ред на спортската изведба, Polo GTI. Малиот автомобил со буквите што значат многу донесува привлечен спој на моќност, технологија и спортски дух.

Главната привлечност на Polo GTI секако дека е во дволитарскиот TSI со моќност од 207 КС и вртежен момент од 320 Nm, во комбинација со спортски дотерано подвозје што ја спушта каросеријата за 15 милиметри. Сето тоа се надополнува со комоција за секој ден, со четири врати, а со доплата за првпат може да се нарача и систем за полу-автопилотирано возење. Најдинамичната моделска изведба на Polo ја доби кратенката GTI во 1998 година, како трет модел на Volkswagen со оваа ознака по Golf (првиот GTI се појави во 1976 година) и по Scirocco.

Спомнатото полуавтопилотирано возење е задача на системот IQ.DRIVE Travel Assist, што првпат се нуди во Polo GTI и може во целото брзинско подрачје од 0 до 210 km/h да управува, сопира и забрзува. Со овој систем, покрај уште цела низа други системи за асистенција, беше опремен електричниот VW ID.3, што неодамна беше на тест во Аутомедиа. „Полу-автопилотот“ добива информации од радарскиот темпомат ACC и од системот за следење лента Lane Assist што се вградува стандардно. Вклучувањето на „асистентот за патување“ се врши преку копче на новодизајнираниот спортски волан во Polo GTI.

Погонската спрега ја комплетира 7-степен менувач со двојна спојка. Посебноста на моторот во Polo GTI е двојниот систем за впрскување, со комбинирано впрскување во вшмукувачката гранка и директно впрскување во цилиндрите. Срцето на електрониката на моторот ја сочинува процесор со четири јадра. Електрониката решава и за променливиот óд на вентилите на вшмукувачката страна.

Новото Polo GTI стандардно располага со диодни матрични светла IQ.Light, како и со осветлена лајсна врз маската, што ги надополнува дневните светла. Спортското Polo на тој начин го следи стилот на електричните автомобили од семејството ID, како и на новата генерација на Golf, Arteon и Tiguan.

Највпечатлива промена во изгледот на задниот дел на Polo GTI се новодизајнираните задни светла со диодна техника, со анимирано стоп-светло и динамични трепкачи. Браниците се својствени за GTI, со поагресивен изглед и со дизајн што визуелно ја проширува каросеријата.

Пет бои се достапни за каросеријата: Deep Black со бисерен ефект, Rauchgrau Metallic, Kings Red Metallic, Pure White und Reef Blue Metallic. За трите последни бои може да се нарача комбинација со црн покрив. Volkswagen Polo GTI стандардно вози со тркала од 17 инчи, со доплата може да се добијат за еден инч поголеми тркала.

>>> Новото Volkswagen Polo во Германија почнува од 16.000 евра

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Зошто се бесмислени синтетските горива?

Kia првпат ќе учествува на Фестивалот на брзината во Гудвуд